Петар Поп-Арсов

Приказнава започнува на еден ноемвриски политички настан, еден од многуте партиски собири кои ја најавуваат жешката политичка зима. Жешка зима предизвикана од глобалното политичко затоплување во кое Македонија игра „интересна улога“. На тој собир жените добија ветување за еднаква застапеност на кандидатските листи за пратеници на претстојните парламентарни избори. Се јавија „предводниците“ на концептот 50-50, „предводниците“ на концептот на еднаквата застапеност во политиката. На следните изборни листи СДСМ ќе има „целосна еднаквост“ во застапеноста меѓу мажите и жените. „Конечно“ ќе се постигне толку посакуваната идеална избалансираност и целосна родова еднаквост во македонската политика?!

Но, дали е тоа така? Дали еднаквата застапеност на кандидатските листи, само како процент, како бројка или пак како клуч, значи и потполна родова еднаквост во поседувањето на политичка моќ и одговорност? Дали еднаквата застапеност ќе продуцира и еднаква слобода во донесувањето на одлуките?

Секако дека не, барем не во скора иднина ако се суди според моменталната поставеност на фигурите! Еднаквата застапеност е императив, а учеството на жената во политиката не треба да се сведе само на еднаква застапеност на кандидатските листи која ќе продуцира, каква таква, еднаква застапеност во пратеничките мандати. Еднаквоста треба да постои на сите нивоа, особено на ниво на извршната власт. Потребно е вистинско изедначување на политичката моќ и одговорност при носењето на политичките одлуки, а не само стискање на копчето во собраниските клупи и гласање за она што веќе е решено некаде надвор, далеку од очите на јавноста.

Досегашното искуството покажува дека жените парламентарки се многу подисциплинирани, поредовни и попосветени во извршувањето на секојдневните обврски во законодавниот дом. Тие се оние кои ретко кога се отсутни и недостасуваат за потребниот кворум, оние кои максимално лојално и речиси слепо ги извршуваат поставените задачи и претставуваат фактор на стабилност во непреченото функционирање на македонското Собрание.

Но дали ни е потребна таква „еднаквост“? Учесничките во политичкиот живот не смеат да прифатат да бидат само бројка, процент или некаква квота, и не смеат да дозволат практикувањето на политиката да се сведе на учество по клуч, дерогирајќи ги демократските принципи. Неопходен е личен афинитет, квалитет, интегритет и морален углед за секој учесник или учесничка во политиката. Жената мора да се наметне како неизоставен елемент во македонската политика, онака силно и бескомпромисно како што се наметна во останатите општествени сфери.

Родовата еднаквост како тема е присутна во бројни истражувања и анализи. Како илустрација, постоењето на разликите во родовата застапеност е нотирано во Global Gender Gap Report за 2018 година*. Во овој извештај Република Македонија е рангирана на 66 место (од вкупно 149 земји) со резултат од 0,707, на скалата од 0 (нееднаквост) до 1 (еднаквост). Најнизок резултат од 0,241, во поглед на еднаквото учество, е забележан токму во сферата на политиката. Највисокиот резултат од 0.993 е забележан во образованието, по што следи здравството со 0,976. Ваквите високи коефициенти потврдуваат дека мажите и жените се еднакви во овие области, додека застапеноста во политиката е далеку од декларираната и на политички собири прокламирана еднаквост.

Учеството во политиката исклучиво „по клуч“ продуцира неквалитет, при што најквалитетниот кадар се фокусира на останатите општествени сегменти, избегнувајќи го учеството во политиката. Неизбежен е впечатокот дека огромниот потенцијал и квалитет што лежи во македонската жена е ставен на спореден колосек и чека подобри времиња.

Дали еднаквата застапеност ќе овозможи и еднаква слобода во носењето на политичките одлуки? Дали дефинитивно ќе се стави крај на постојаните извитоперувања на волјата на македонскиот граѓанин, кое што се случува после секој изборен процес, а кулминира после последните парламентарни избори?! Кој е ефектот од родовата еднаквост ако жените ја немаат потребната слобода при донесувањето на одлуките?

Еднаквата застапеност подразбира еднаква политичка моќ и одговорност, но истовремено жените треба да ја имаат и целокупната слобода на одлучување во рамки на демократските стандарди на функционирање. Тие не смеат да претставуваат само статистичка половина, онаа поубавата!

Отсуството на еднаквата политичка моќ и одговорност ги сведува заложбите за еднаквост на една обична форма без содржина, на една обична манипулација. Во што се состојат манипулациите што ги прави токму оној кој што се покажа како најголем манипулатор во македонската политика „евер“?

Поддршката за еднаква застапеност по принципот 50-50 некако е во спротивност со поддршката на евентуално новиот изборен модел со отворени листи, која што манипулаторот ја изрази на друг јавен собир во Собранието на Република Македонија. Отворените листи дефинитивно ќе извршат притисок врз партиските раководства да кандидираат квалитетни и кредибилни личности. Сепак, досегашната изборна пракса, од сите изборни циклуси, покажа дека македонските граѓани гласаат по инерција, инерција акумулирана со години и децении наназад. Македонците повеќе гласаат за кандидати отколку за кандидатки. Сите статистики, како и актуелниот сооднос на моментално избраните градоначалници, на пример, го говорат тоа. Која е гаранцијата дека еднаквата застапеност на отворените листи ќе се преслика и во еднаква застапеност во добиените мандати. Дали непромислена промена на изборниот модел и повеќедецениската акумулирана инерција на гласање ќе ја покоси идејата и настојувањето за еднаква родова застапеност во политикта? За жал, најверојатно да, и тоа убедливо!

Секоја избрзана промена на изборниот модел во очи на договорените парламентарни избори може само дополнително да ја наруши моменталната, каква таква, родова рамнотежа воспоставена со актуелниот изборен модел. Факт е дека овој изборен модел има сопствени слабости, но истите треба да бидат надминати исклучиво низ еден темелен и сеопфатен процес, процес кој што ќе не доведе до изборен модел со кој ќе бидат опфатени општествените и политичките интереси на сите граѓани, по секој основ, вклучително и по основ на родовата еднаквост. Потребен ни е модел кој примарно ќе создаде услови за стабилно функционирање на демократските институции, но истовремено и услови за целосна родова еднаквост. За жал, сеуште живееме во време кога учеството на жените во политиката е во директна зависност од изборниот модел. Засега, актуелниот модел најдобро ја задоволува потребата за родова избалансираност, барем во законодавниот дом.

Но, доколку се оди во крајност и се инсистира на брза промена на изборниот модел, тогаш најдобро е да се воведе мнозинскиот изборен модел. Овој модел речиси сигурно ќе биде неповолен за еднаквата застапеност во Парламентот, но истото може да се компензира со задолжителна родова еднаквост, по принципот 50-50, во Владата и целокупната извршна власт. Кога веќе тежнееме кон еднаквост во политиката, нека таквата еднаквост биде реална, со вистински избалансирана политичка моќ!

Неискрените поигрувања и манипулации со прашањата на еднаквата застапеност, во функција на предизборен маркетинг, само ќе нанесат штета на процесот кој што сепак покажува нагорен тренд.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.