Предраг Димитровски

Имаат ли и што е заедничко меѓу поранешниот лидер на сега владејачкиот СДСМ, премиер и претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, и српската фолк ѕвезда Светлана Цеца Величковиќ? Немојте да се двоумите, имаат една заедничка нишка, што ги поврзува. Не за тоа што Црвенковски е или не е воопшто фан на Цеца или дека Цеца е блиска со Бранко. Туку, затоа што Бранко споменува „ситни души“, а Цеца пее за нив.

„Со ситни души држава не се прави“, остана запаметена изјавата на поранешниот претседател Црвенковски, изнесена во една од изборните кампањи.

А, Цеца, пак, во „Трула вишна“ или, на македонски, „Скапана вишна“, меѓу другото, пее:

„…Радујте се душе, ситне продане,

Од исте сте р’ѓе сковане…“.

Или, на македонски,

„…Радувајте се души, ситни продадени,

Од иста р’ѓа сте исковани…“.

Да, во право се и Црвенковски и Цеца. Во Македонија има „ситни продадени души“, кои од петни жили се трудат нам, на обичниот народ, да ни „се продадат“ како некаква елита, како елита од најлош ков, од која на човека му се гади и му се превртуваат цревата во утробата.

За жал, таа квази елита е распрсната во сите сфери во општеството, чија  превртена слика во огледалото се препознава во врвот на власта и парламентарното мнозинство, кое наместо законодавна, бескрупулозно се претопува во безгласен послушник на извршната власт. На ачик. Како пратениците, сите до еден, да размислуваат со пилешки мозок!

И тие исти пратеници со пилешки мозок, свесно или не свесно, намерно или ненамерно, се однесуваат како гуски во магла. Стануваат бледа копија на нивниот гуру, кој по потпишувањето на Преспанскиот договор ја внесе целата држава во магла од која ни самиот не знае како може и треба да излезе и самиот тој, а и целата држава покрај него.

Од понеделеник во Парламентот треба да започне комисиската расправа по предлог-законот со кој се предвидува прогласување на целиот закон и процес на лустрација за ништовен, со што ќе се отворат вратите за обесштетување на лустрираните лица. Или, на прогласените кодоши и на џелатите, кои ги злоупотребувале инструментите на тајната полиција за кршење на основните човекови права и слободи. Ним, без никакви анализи и исклучоци, ќе им биде даден рок од два месеци за да поднесат барање за обесштетување. На сите до еден!!! И сите до еден припадници на таа „квази елита“ на кои, нели, не треба да им фали влакно од главата, а камо ли да им се извалка ликот и делото, без разлика дали за тоа постојат документи. За нив не е важно тоа. Важно е да имаат можност да побараат и добијат пари од државата, пари од даночните обврзници. Колкава ќе биде висината на „обесчестениот„ лик и дело и наводно, „прекршените човекови права и слободи“ нема ограничување.

Така рекетот од случаите Рекет 1, Рекет 2, Рекет 3, Рекет 4…станува Рекет 5! Што ќе рече, државен лустрациски рекет!

И тука нема судска постапка, нема проверка на документи, нема анализи, нема почитување на Устав, нема почитување на право и правна држава, нема правен континуитет, нема почитување на судски одлуки, нема… Има ситни души од иста р,ѓа исковени, жедни само за крв, одмазда и пари! И ништо друго.

А, ситуацијата не да е апсурдна, туку оди до чиста глупост. За оваа власт само небото е лимит. Море и тоа не е. Нејзината глупост нема граници, едноставно, безгранична е.

Како поинаку да се сфати целта на самиот предлог-закон кога со него не се предвидува обесштетување на жртвите на кодошите и на џелатите, односно на наредбодавците? По дефиниција, транзиционата правда не може да носи нова неправда. А, токму тоа сега се прави. Со двојни аршини или, подобро речено, со селективна правда, што е пострашна од неправда, одново се жигосуваат жртвите! Чисто силување на демократијата и чиста злоупотреба на власта, парламентарното мнозинство и моќта!

И каква иронија. Ова се прави во време кога се навршуваат 75 години од крвавите настани на скопското Кале и само на ден пред 75-годишнината од масовната егзекуција на 53-та велешани, без судски процес и без судска пресуда. Ако се уште нема точна историска оценка за настаните на Калето и на вечната дилема да се оди на Солун или на Сремскиот фронт, обдукцијата на телата на егзекутираните велешани покажа дека сите до еден се усмртени со удари од тап предмет во тилот од нивните глави. Сведоци на настанот, кои, нормално, се јавија пет децении подоцна, тврдеа дека новата комунистичка власт при егзекуцијата користела токмаци. Да, биле убиени со удари од токмаци во глава! И овие настани, според актуелната власт, не заслужија да се најдат на годишнините за државно одбележување! Не, тие не се важни. Важни се парите за р,ѓите, кои со или без усвојување на предлог-законот пак ќе си останат р,ѓи. Еднаш кодош, секогаш кодош, еднаш удбаш, секогаш удбаш, еднаш р,ѓа, секогаш р,ѓа. Ќе бидат се, само луѓе не.

Нејсе. Како оправдување на предлог-законот, меѓу другото, требаше да послужи еден снимен разговор од објавените „бомби“, според кој, наводно, лустрацијата се изведувала по партиска нарачка. Арно ама, што правиме со тоа што токму на тоа лустрирано лице, обвинителството како неоснована му ја отфрли кривичната пријава против две судијки од надлежните управни судови? Пу, пу, и тоа нема да важи?

Ова е само едната страна на медалот. Еве, парламентарното мнозинство ќе ја силува демократијата и здравиот разум и ќе го усвои предлог-законот. Но, што ќе прави со двете пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур? И двете пресуди апсолутно не го поништуваат прогласувањето на двете лица за соработници на тајните служби. Ќе ги поништат и нив?! Или за тоа што одлучувал било чиста фатаморгана? Сосема друга работа е што р,ѓите се обидуваат да создадат перцепција дека Судот, наводно, го поништил процесот на лустрација. Чиста како солза претстава за дефиницијата за кодошите како мали богови, чија претпоставена вистина треба да биде прифатена како апсолутна вистина.

За жал, глупостите не завршуваат тука. Во Парламентот е поднесен уште еден предлог, потпишан од десетина пратеници од владејачкото мнозинство, што носи наслов-Резолуција за осуда на масовните повреди на човековите права и извинување на граѓаните.

Е, во таа предлог-резолуција, пак, умните пратенички глави на потписниците, меѓу другото, предвидуваат осуда на масовните повреди на човековите права од стекнувањето на независноста на „Република Северна Македонија“ до донесувањето на резолуцијата! Ама, покрај извинувањето и изразувањето жалење, тука не се предвидува можност за барање обесштетување!

И сега човек може малициозно да праша-осамостоена е Република Македонија или „Република Северна Македонија“? Ај тоа на страна. Та нели со почетокот на плурализмот престана злоупотребата на тајната полиција? Барем така тврдеа пред Уставниот суд оспорувачите на законот за лустрација. Та нели „режим“ беше владеењето на Груевски? Не, сега со предлог-резолуцијата се потврдува дека во Македонија со настапот на плурализмот не настапила функционална демократија, ниту, пак, биле изградени демократски институции способни да ја бранат и демократијата и самите себе си, што ќе рече дека сме живееле во режим, ама не знаеме каков?! Исто како што не знаеме каков бил режимот, што истиот овој наш Парламент во 2007 година со усвојување на декларација им се извини на неговите жртви!  И сега што ќе прават нашите умни пратеници со одлуките на нашиот Уставен суд? И нив ќе ги поништуваат? Е, ајде да видиме безумени.

П.С. „Безумени“ е наслов на текст на Павел Шатев објавен во „Македонско дело“, бр. 77 од 10 ноември 1928 година во кој ги опишува состојбите со македонската мартирологија. Меѓу другото, тој пишува:

„…На секој Македонец, каде и да се наоѓа, му се налага задолжителен долг да протестира, да се бори кој со што може и да ги штити своите права и своите интереси, презирајќи ги сегашните натрапени водачи, кои со престапничка кусогледост и незнаење го водат македонскиот народ кон отворена смрт и колеж…“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.