Васко Шутаров

Хронологија на една проверена шок-доктрина

Канадската истражувачка новинарка и писателка Наоми Клајн на голема врата во општествената мисла на 21 век ја воведе синтагмата „шок-доктрина”. Според приказната низ која ги води своите читатели и следбеници, сè започнува во јуни 1951 година во Монтреал, на тајна средба на водечки западни разузнавачки агенции и универзитетски професори. Имале добра причина за тоа, американската војска веќе финансирала научни истражувања за последици од сензорна депривација. Што ќе рече, начин на создавање крајна незаинтересираност кај испитаниците, што причинува губење на нивната моќ за расудување и јасно размислување.

Првите експерименти покажале дека ваквата ментална состојба на депривација им го одзема сонот и сонувањето, мечтањето на луѓето. Дури и телесната нелагодност, па дури и физичката болка биле поподносливи, во однос на оваа состојба на крајна сензорна депривација. Научниците кои први ги извеле овие експерименти тука и застанале, уплашени од фактот дека со овие обиди влегуваат во подрачјето на ново моќно оружје, предизвикано од експерименти врз човековата психа.

Од доменот на психологијата, шокот и последиците од шокот стануваат доминантна тема најпрво во економските науки, но првенствено во политичката практика на втората половина од минатиот век. Шокот е доживување кое не е предизвикано само од нешто што се случува ненадејно, што преплашува и стаписува, како ненадеен бес на опасно куче нафрлено кон вас. Шокот не секогаш е предизвикан од нешто што потајно плаши и што може да заврши лошо за вас. Шокот може да биде предизвикан и кога случувањата околу вас ја губат секоја смисла, немаат логична приказна, создаваат налудничав социјален амбиент за живеење, ќе каже Наоми Клајн на едно свое предавање посветено на доктрината на шокот.

Шокирање до послушност

Обично нашите животни стремежи, подготвеноста за нивното остварување и смиреноста ги црпиме од нашето минато, од нашите сеќавања и искуствени сознанија. И затоа, во секој животен шок, ние најпрво се навраќаме на нашето минато, го промислуваме повторно, промислувајќи за континуитетот на нашите корени. Кога шокот е огромен и ненадеен, природниот одговор на човекот од надворешна агресија од кој било вид е своевидна грчевита регресија во која и возрасниот човек наликува на уплашено дете. Во таква состојба на шок, лесно се станува подложен на сугестии од надворешната средина и наметнување нови правила кои во нормални околности би биле невообичаени и неможни. Посебно лесно се постигнува тоа ако состојбата на шок не ја следат состојби на соземање и релаксација. Таквиот субјект, поединец или група во шок, ги губат своите најважни сензорни стимулации, стануваат дезориентирани и се доведени во типична состојба на шок и несигурност. На таквиот субјект, омекнат од вообичаени форми на отпор, многу полесно му се наметнува посакуван сет и правила на однесување, кое Наоми Клајн го нарекува, шокирање до послушност.

Шокирај, да не отиде бадијала ниедна криза!

Се обидувам една цела доктрина на шокот во најкратки црти да ја сведам на нејзините основни движечки процеси и постулати и да ја поедноставам за што појасно детектирање. Зошто? Затоа што од првите психијатриски испитувања врз човековиот мозок, преку шок- терапиите во економиите на јужно-американските држави, преку блиско-источните политички преврати и војни, преку сите можни општествени кризи, па дури и природните катастрофи, светските елити и врвовите на глобалната корпоративна моќ, не само што ниеден момент не се откажале, туку совршено добро ги користеле методологијата и технологиите на доктината на шокот. „Шокирај и управувај, да не отиде бадијала ниедна криза”! Тоа е мотото на стратезите на доктрината на шокот, кои управуваат преку безброј пати проверена шок-терапија, која за свој краен резултат ја има капитализацијата на катастрофата и шокот предизвикан од неа, изразена во чист профит.
Стратезите на шокот, заработуваат на хаосот предизвикан од шокот, тепаат пари, дури субјектите подложни на шокот, се тепаат меѓу себе, по разни безначајни основи. Ако само за миг ги вратиме во сеќавање сликите од првите месеци на карантините предизвикани од вирусната пандемија годинава, голораката борба за складирање тоалет хартија, на пример, станува секако појасно дека шокот и сам по себе е своевиден вирус, кој продуцира конфузност и распад на сеопштата безбедност и заштита. Стратезите на хаосот, рака под рака со бизнисот со несреќи, годинава имаа полни раце работа. И не само белосветските.

Шок-терапија на балкански начин

Балканот е простор кој со децении е во перманентна состојба на шок. Ако фрлиме само блиц поглед наназад, еве само во последните 40 години, на прсти можеме да ги изброиме и именуваме годините во кои шокот не бил доминанта егзистенцијална појава. Шок-состојбата има свој континуитет во конфликтите кои резултираа со најкрвави војни после Втората светска војна на европска почва, постојаното загрозување на животната егзистенција преку транзициони форми на богатење, осиромашување на средната класа, неконтролирани инфлации, деноминации на домашните валути, обезвреднување на стекнатиот капитал и губење на економската сигурност, пропаѓања на штедилници и банки и губења на лични заштеди, постојано распламтување на сите можни национализми и верски исклучивости, па повторно војни до меѓусебно истребување, бомбардирања, сквернавења и на свето и на световно, па нова тура мирења и помирувања. А во меѓувреме, со ништо не поштедени и од последиците на глобалните климатски промени, пандемиите или светските миграциски бранови, што за своја најчеста рута ја имаат токму балканската. Ако кон ова го додадеме и најчесто шокантниот профил на балканските подизведувачи во продуцирањето шок-доктрини, од кои некои и вистински деспоти со месијанска вообразба, тогаш се комплетира сликата за балканскиот перпетуум мобиле во продуцирањето шок состојби. Доволно е во овој контекст само едно потсетување, за одбивањето на понудата на тогашната Европска заедница за финансиска помош, закрепнување и придружување во европското семејство на тогашната веќе во длабока криза југословенска федерација, затоа што еден од лидерите имал мисија по секоја цена да ѝ донесе независност на Хрватска, а другиот имал мисија по секоја цена да владее со сите Срби во една држава. Балканските подизведувачи на шок состојби, не ретко ги надмашувале и креаторите на врвните светски стратези за креирање кризи и катастрофи.

Македонските подизведувачи во доктрината на шокот

Ако на овогодинешните светски и балкански шокови им ги додадеме и нашите домашни, еден ден веројатно некој ќе се чуди како и камен не препукнал од нив, а не пак, жив човек.
Првичниот овогодинешен шок државата ја снајде во една исклучително напната политичка криза и криза на институциите, со распуштено Собрание и техничка влада. Вториот шок дојде многу набрзо, со пандемскиот вирус и прогласувањето вонредна состојба на територијата на целата држава. Третиот, со драстичниот пад на економијата, на цели стопански гранки и илјадници граѓани кои преку ноќ останаа на улица. Четвртиот, со одржување предвремени парламентарни избори во исклучителни ризични здравствени услови и политичка напнатост. Петтиот, со големиот пандемски бран кој не престанува да трае и кој одзеде животи на илјадници граѓани. Шестиот, со продлабочувањето на политичката криза и уште подлабокиот економски пад, проследен со прогласување кризна состојба и економска рецесија. Седмиот, со најновото блокирање на евроинтегративните процеси.

Ова беа само пикови, високи амплитуди на и онака високонапонската шок терапија на која граѓаните беа подложни во текот на целава година. Во нормални општества доволно силни би биле шоковите предизвикани само од редовните високи нивоа на аерозагадување, на кои сме перманентно изложени. Очигледниот распад на здравствениот систем кој арогантно се брани дека одлично одговара на налетите од вирусот, а е со најлоши параметри во Европа и очигледната неподготвеност за имунизација за која веќе цела Европа се подготвува, па до едвај скрпениот и едвај функционалниот образовен систем кој пука и по рабовите на физичко следење на наставата и во неговата виртуелна реализација, комплетното замирање на културата, алармантното умирање пред очи на Преспанското, а деновиве и на Охридското езеро.

Од Нивици до Недојдија

Нешто недостига во шок-терапијава? Секако, дека недостасува најважното и најболното, а тоа е постојаното чепкање по најчувствителното на секој народ, а тоа се идентитетските прашања поврзани со историјата, традицијата, јазикот и културата. И најинтимното чувство на припадност на секој поединец кон нив. Неприкосновените права од корпусот неотуѓиви права на самоопределување на народите и неприкосновеноста од корпусот права и слободи на граѓаните во модерниот свет и век. Најголемиот шок не е што ни се посега по овие два неприкосновени корпуси права, во кои како во природно засолниште се враќаме кога сме изложени на шокови од друга дневна природа, туку сознанието дека во овие процеси сме втурнати од крајно некомпетентни, необразовани и инфантилни политички аналфабети со веќе неспорна вообразба за мисионерска улога во македонскиот пат до „светлата иднина во ЕУ ”. Тука е содржана кулминацијата на шокот инкарнирана во ликот и делото на македонскиот премиер, главниот генератор за продуцирање шокови, од кого останаа малку Македонци кои годинава не се згрозија и шокираа. А кога првиот човек задолжен за евроинтеграции ќе изјави, дека после оваа состојба на безизлезност, не треба да се однесуваме детски, туку како возрасни луѓе, точно со ваквата фројдовска грешка, ја детектира состојбата позната од светската доктрина на шокот, фазата на детска стаписаност, во која заедно токму со премиерот нѐ втурнаа. Надополнета со детското надобудно однесување на претседателот на државата, поврзано со „понудата за наше приклучување во Европската економска заедница”, читај зона?!” Детски наивно нѐ втурнаа, детски недоветно и немушто нѐ „бранеа”. Па, за неполни две и пол години да се претвориме од народ со славно име до граѓани со кои јавно и бесрамно се тргува и наддава дали се достојни на придавката македонски?! А кратки се патеките, од проблематизираното име и придавка, до еден безвременски простор и обезличен, а пред сè небезбеден терен, во кои може лесно да станеме нечија заменка. Во име на некаква „светла иднина”?! До таму е дотерана државата денес. Да биде третирана, како недоветно дете на возраст од две и пол години. Од Нивици до Недојдија. И без минато и без сегашност и без иднина. Поголем шок од недоветноста со која сме доведени до ова дереџе, немало, ниту може да се случи. Барем не во новиов век.

Една снегулка покренува лавина…

И покрај горчливото чувство, дека и колку и да е чудна доктринава на шокот и дека е уште почудно што токму нам ни се случува, останува да тлее едно длабоко убедување дека крајно неславно ќе заврши владеењето на оваа комплетно отуѓена и забегана власт и дека тоа ќе го направи токму народот, колку и во моментов да изгледа стаписан од непрегледната серија силни шокови што му се случуваат. Неконтролирана е моќта на тоа оружје што може само народ долготрајно третиран во шок состојба, да го ослободи од себе. Една снегулка покренува лавина! И тоа ќе остане надвор од секакво предвидување и контрола на стратезите за несреќи и капитализации на профити. Нема да бидат ни кадарни, да забележат дека лавината ги однела во бестрага.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.