Васко Шутаров 

„Не сакам политика во мојот дуќан”, ќе кажеше Борис Дворник во улогата на Мештро од некогаш популарната ТВ-серија „Вело мисто”. Го сакале „мештрите” тоа или не, политиката е денес присутна во секој дуќан, дури и онаму каде природно најмалку би требало да ја очекуваме. Како во спортот ,на пример?!

Гледајќи го финалето на неодамна завршениот тениски дуел помеѓу Ѓоковиќ и Беретини во Вимблдон и слушајќи ја нивната поздравна реч (која обично е  куртоазна и кратка), се наметнува впечатокот дека во спортот, а посебно врвниот, сѐ уште владее принципот на спортското витештво. Во кратките (ненапишани!) говори, покрај стандардните заблагодарувања кон семејствата, тимовите и публиката, тениските финалисти си упатија комплименти за играта, а посебно за играта на другиот, сопствените падови и подеми во играта, за моментите на надигрување кои го променија текот на мечот. Со чиста мисла и силна емоција, многу човечки, колегијално и во вистински витешко-спортски дух и се обратија на публиката и веројатно секој што го следеше тениското финале поверува во секој збор од поздравната реч. И не верувам дека кој било светски политичар тој ден имаше поголема јавност и наклонетост од говорите на двајцата спортски ривали. Има разлика помеѓу спортските кралици и кралеви и светските политички првенци, зарем не?

Од друга страна, илузија би било да се поверува дека спортот сам за себе може да постои и опстане надвор од актуелните политички и економски текови. Денес секому му е јасно дека врвниот светски спорт и транснационалните корпорации одат рака под рака и егзистираат во складна заедница, ништо помалку складна од заедницата на истиот тој капитал и политиката, на пример. И неминовно спортот и политиката создаваат свои потрајни или краткотрајни заедници од блискости и интереси, честопати и многу јасно видливи. Таква е и богатата историја на мешање на политиката во спортот, посебно препознаена во организирањето на Олимписките игри.

Берлинската олимпијада во 1936 година е вистински пример за тоа. Тоа е година кога Хитлеровиот нацизам е во исклучителен подем и Игрите се идеално место за промоција на новата европска и светска супер сила. Уште со свеченото дефиле на олимписките тимови и отпоздравувањето со крената рака во вис и со поглед свртен кон Хитлер, било веќе јасно кои држави наскоро и политички и воено ќе го поддржат во неговите намери да го прекројува светот. Олимписките игри биле културно-дипломатски и спортско-дипломатски предизвик да се промовира моќта на германската држава и „непобедивиот ариевски дух” кој преку златни одличја на германските олимпијци требало да биде потврда за таквата доминација. Славата на берлинската Олимпијада сепак ја понесува четирикратниот атлетски шампион од САД, црномурестиот Џеси Овенс, кој и покрај предрасудите со кои се соочувал во својата држава и еуфоричната наклонетост на берлинската публика кон домашните атлетичари, успева да се искачи на спортскиот Олимп и да ù пркоси на политиката која токму на таа Олимпијада и најсериозно замешува прсти во спортот. Дури по неговата смрт Америка му се одолжува со пригодни признанија, за жал, долги години актуелната политика не му била наклонета на овој легендарен спортски витез.

Во 1968 година на Олимписките игри во Мексико, американските атлетичари Томи Смит и Џон Карлос освојуваат злато и бронза во трката на 200 метри. На победничкиот пиедестал и двајцата со стиснати тупаници во црни ракавици ја отпоздравуваат американската химна, солидаризирајќи се со борците за правата на американските црнци. Австралискиот атлетичар Питер Норман, освојувач на среброто од истата трка, исто така се солидаризира со своите спортски колеги и со крената тупаница ги поддржува американските колеги. Под притисок на Меѓународниот олимписки комитет сите тројца  веднаш се суспендирани од понатамошно учество на Игрите, а американската јавност била силно скандализирана од овој гест на олимписките шампиони. Кога во 2006 година австралискиот атлетичар Питер Норман умира, ковчегот со посмртните останки го носат неговите американски колеги и соборци  Смит и Карлос, докажувајќи ја уште еднаш моќта на спортското витештво над актуелната политика.

На Игрите во Минхен, ноќта помеѓу 5 и 6 септември 1972 година се случува можеби и најбруталниот напад врз спортисти во историјата на спортот и тоа од политички побуди. Осум палестински терористи, припадници на организацијата „Црн септември”, упаѓаат во кампот каде се сместени израелските атлетичари, ги држат како заложници и на крај ги убиваат. Тогашната политика на МОК наложува Игрите да продолжат, како ништо да не се случило. Следниот ден, на фудбалскиот натпревар помеѓу Западна Германија и Унгарија се развиорува огромен транспарент „17 мртви, веќе заборавени?!”, кој е симнат веднаш. За моќниот бизнис и актуелната политика што го следи, овој трагичен настан е еден од најголемите срамови и порази.

Во разгорот на Студената војна помеѓу тогашните две светски велесили САД и СССР, битката за престиж во спортот има подеднакво силна важност како и трката во вооружувањето или вселенските освојувања. Олимписките игри во 1980 година во Москва ги бојкотираат САД и уште 64 други држави-причина е советската воена интервенција во Авганистан, а четири години подоцна, летните Олимписки игри во Лос Анџелес ги бојкотираат тогашниот Советски сојуз и 15 држави кои имаат политичка и воена блискост со Москва. И на едните и на другите Олимписки игри, двата воено-политички блока својата борба за спортски престиж ја докажуваат без присуство на спортските ривали од другиот блок. Тоа се години на најголеми порази на спортското достоинство и витештво бидејќи се целосно ставени во функција на тогашниот геополитички контекст и политиките на двете најмоќни светски држави.

И покрај сеопштите очекувања дека на 100-годишнината од повторното заживување на Олимписките игри, Атина во 1996 година ќе биде домаќин на јубилејните Игри, сепак Атланта и САД ќе успеат да ја добијат организацијата на Летната олимпијада и, за жал, ќе останат запаметени како „Кока Кола игри”, бидејќи цел свет остана во убедување дека Меѓународниот олимписки комитет со овој гест сака да му се одолжи на својот долгогодишен спонзор. Како што не помалку моќниот спонзор „Самсунг” стана уште толку „славен” за време на Олимпијадата во Јужна Кореја, кога спортистите од Северна Кореја и Иран беа исклучени од списокот на 4000 олимписки претставници почестени со бесплатен смартфон, бидејќи биле држави под санкции на ОН. Уште еден светски пораз на спортското витештво од страна на актуелната политика и моќниот меѓународен бизнис.

Зимската олимпијада во Јужна Кореја во 2018 година ќе остане запаметена по исклучително успешниот дипломатски потег да се одоброволи Северна Кореа да учествува на Игрите и барем за кратко време да биде замрзнат вечниот спор помеѓу двете Кореи. Но, шоуто само еден ден пред официјалното отворање на Игрите го презема северно-корејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој традиционалната воена парада ја поместува на 8 февруари и го искористува севкупното планетарно внимание кон јужниот сосед и почетокот на Игрите,  да му ја покаже на светот моќта на новото оружје со кое располага, а со тоа да покаже и кој е вистинскиот газда во тој дел на Азија.

Свеченостите по повод отворањата и затворањата на Игрите отсекогаш биле предизвик и за јавната и културната дипломатија за искористување на моментот на полно внимание на светската јавност за креирање најповолна можна перцепција за своите држави. Спектакуларното „карневалско отворање”  на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година, исклучително добриот спој на моќната британска музика и легендите од спортот останаа запаметени како моќна алатка за промоција на Британија на Летните игри во Лондон во 2012 година, а посебно успешна беше олимписката потврда за враќањето на Кина и Пекинг како светски центри на моќ покажани и со велелепните свечености на Игрите во 2008 година.

Што може да понуди моќната Јапонија во организацијата на Игрите кои беа одложени минатата година и кои се одвиваат токму деновиве? Во години на светска пандемија, која патем започна токму од азискиот континент, Јапонија ќе се обиде да промовира безбеденост и сигурност, како за најдобрите спортисти од цел свет, така и за домашното население.

Но она што е веќе сосем јасно е, дека и последниве Игри дефинитивно поминуваат под сенката од доминантни политички случувања. Лансирањето на руската суперсонична ракета „Циркон” на неколку дена пред официјалниот почеток на Игрите сигурно не е случајност. Таа „коинциденција” попрво може да биде во функција на израмнување на сметките на воено-поморските сили на САД и Русија, што моќната островска земја, домаќин на Игрите, треба да ја разбере како своевидна порака наменета специјално за неа. Посебно во светло на приказната за допингот на руските спортисти кои имаат можност за настап на Игрите, но не под знамето на Русија, туку олимпиското знаме.

Олимписките игри несомнено се вистинско огледало на модерниот спорт, во кој доминираат политичката борба, корупциските скандали и борбата за рејтинг и престиж. Победници на Игрите, за жал, веќе не се само спортистите туку мултинационалните корпорации, посебно фармаколошките компании кои произведуваат препарати кои не се забранети или „успешно им бегаат” на анти-допинг контролите.

А каде се Македонија и државите од поблискиот регион во огледалото од политичката борба за спортски престиж на Игрите во Јапонија?

Селекторот на словенечкиот олимписки тим ќе изјави дека Словенија не смее да си дозволи само да учествува, туку и да победува, српскиот политички врв ќе упати јавна порака до српскиот олимписки тим да се однесува спортски и достоинствено кон можните успеси на косовските олимпијци, (кои уште првите неколку дена преку шампионките во џудо се остварија), Хрватите веќе традиционално очекуваат олимписки успеси и во екипни и индивидуални спортови, а олимпискиот тим на Црна Гора, кој патем е четири пати поброен  од македонскиот, очекува конечно медал барем од ватерполо репрезентацијата, а малиот тим на Босна и Херцеговина е во очекување на три медали, во џудо, атлетика и, секако, од пливачкото чудо, 15 годишната Лана Пудар.

Добро е секој од нас да стисне палци за малубројниот македонски олимписки тим и секој барем за момент да поверува дека чудата во спортот сѐ уште постојат. Како што во чудата на спортското витештво нè увери освојувачот на олимпиското сребро Дејан Георгиевски.

И кога сме сите помалку или повеќе свесни дека домашниот спорт е длабоко контаминиран од политички византиски игри и кујни кои одлучуваат кој ќе царува и кој ќе ги одредува правилата на спортската игра во државата, кога спортските раководства се само арена за негување на политички миленичиња, а Македонскиот олимписки комитет само спортска агенција со туристички претензии и кога сме сите потполно свесни дека државата и власта сѐ уште не ја разбрале во потполност моќта на индивудуалното и тимско спортско витештво да нè обедини, направи горди и среќни – да стиснеме сепак палци!

За да се направи место за нови генерации спортисти и политичари со вистинско спортско витештво во себе, кои ќе знаат и ќе умеат Македонија да ја водат почесто по победничките патеки до Олимп! И не само до спортскиот Олимп!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.