Васко Шутаров

Неполна година откако умре Јосип Броз Тито, киносалите ширум Југославија ги полнеше еден од најголемите тогашни филмски хитови „Дечкото што ветува“. Таа, веќе далечна 1981 година, преку филмското платно се случуваше вистинска експлозија од слободи, сите редум како од синџир откинати. Сите дотогаш слатки а забранети теми, се отворија преку филмската приказна за младиот студент Слободан Милошевиќ и преку, за тоа време, авангардните музички теми од т.н.нов југословенски бран, од Азра преку Шарло Акробата и Идоли, до Прљаво казалиште и Пекиншка патка.

А приказната одеше вака. Слободан е примерно момче каков што секој родител може само да посака. Добро му одат студиите по медицина, има девојка исто така од „права фамилија“ со која е верен и планира да се жени. И тоа трае сѐ додека во еден љубоморен бес вереницата ќе го удри со весло по глава и неговиот живот преку ноќ од корен ќе се промени. Тој станува ѕвезда на ноќниот живот на големиот град, со живот ослободен од секакви обврски, станува јунак на една новооткриена панк-приказна полна со ноќни возења и секс, дроги и рокенрол. Слободан наеднаш е слободен да прави што сака, небаре станува ноќен јунак од еден исто така култен филм, американскиот „Таксист“ (1979 година), преку кој публиката ја осознаваше ноќната лабава распуштеност на Њујорк, во годините по виетнамскиот конфликт. Во тој новооткриен свет на сите можни слободи, јунакот од југословенскиот филмски хит спие и со мајката на својата дотогашна девојка, станува љубовник на најдобрите градски девојки и лик што така успешно живее една животна приказна коренито различна од дотогашната.

И тоа трае, сѐ додека не паѓа од мотор и тоа повторно на глава. Тие што го негуваат и се грижат за неговото здравје по повредата се повторно луѓето од неговиот стар свет, тие го водат и пред олтар и низ понатамошниот живот и тоа по најстрог „ПС“ (по правилата на службата). И сѐ така, додека не добие една аудиокасета со музика од покоен другар, која го потсетува на животот ослободен од каква било контрола. Тој аудиозапис е момент што силно го потсетува на минливоста на тие моменти на украдена среќа надвор од секаква контрола, на еден живот кој и против својата волја го напуштил, што е причина остатокот од животот да го помине во една своевидна автодеструкција.

Четириесет години подоцна, овој култен филм сѐ уште се стекнува со нова публика, а меѓу народот остана одомаќинета изреката „дечко што ветува“, за секој што започнува успешно да се искачува по општествените скалила или кога некој новајлија влегува во високата политика. Па така и деновиве, осамна наслов во еден регионален портал за геополитика „Тажен крај на дечкото што на сите им ветуваше“, наслов што ги освежи повторно сеќавањата за филмот за кој вреди да се потсетуваме во разни животни (не)прилики. И во различни политички контексти, бидејќи филмот својот живот го продолжи не само со необичното сиже и музиката која е сѐ уште жива и слушана, туку и поради куриозитетот со имињата на своите филмски ликови, Слободан Милошевиќ и Зоран Милановиќ.

Такви коинциденции можат така профетски да се случат само во потполно ослободен уметнички израз. Поранешниот српски претседател, таа 1981 година, веќе започнува да ја гради својата кариера на успешен банкар и надежен политичар, а сегашниот хрватски претседател Зоран Милановиќ таа година се запишува во прва година на Управното средно училиште во Загреб.

Што правел Зоран Заев таа 1981 година, кога мојата и постарите генерации го осознаваа овој корпус од потиснувани или забранувани слободи и среќа што доаѓаа од Западот, може само да претпоставуваме и нагаѓаме. Дали слободата се состоела во само трите школски часа што ги имал секоја среда и петок или во среќата од некоја школска рецитација на која има блеснато со рачето на срце и има наслушнато дека: „ќе го биде тоа дете, или за глума или за политика“, е сосем небитно денес.

Зоран Заев деновиве почесто е спомнуван во регионалниот медиумски простор како „дечкото кој им ветуваше на сите“ и да претпоставиме дека е тоа само поради балонот од празни ветувања што му пукна пред нос со завршувањето на локалните избори, а не и поради веслото, паѓањето од мотор, аудиолентите и двојниот живот на homo duplex што го водеше реално пред наши очи, сиве овие години поминати на јавна политичка сцена.

Регионалните медиуми по оставката на Зоран Заев донесоа покомплетна слика за неговото контроверзно политичко дејствување и како поранешен прв опозиционер и како премиер во оставка. Тоа се далеку посеопфатни анализи за разлика од домашниот провладин медиумски оркестар од ред жалопојки и еремијади („мора да се врати, таков политичар мајка веќе не раѓа“), до ред панегирики со размери на античка трагедија („таков демократски капацитет и слободарски прогресивен дух немало, ниту ќе има“).

Кога некој заминува, не е исклучено да му се залепат и сите можни етикети за сѐ што во моментов не чини во државата, па така ќе прочитаме и во домашниот и во странскиот печат за „ангелот на бел коњ што лесно делеше, а не исполнуваше ветувања“, до „роден блефер кој не престануваше да блефира и кога беше прочитан од сите“, и за бројни други пејоративи кои рака на срце, (во најдобар заев-стил), и си ги заслужуваше. Како што си ги заслужи и тврдењата за неговата надворешна политика позната по „политичкиот аматеризам, дилетантизам, неконзистентност и дијаболичност“, па преку комплетното разминување на неговата листа од најважни приоритети со тие што му ги испоставија граѓаните на избори (право и правичност, расчистување со криминалот и корупцијата), до прв меѓу еднаквите во влада од мангупи, кога од никој (и од оние фатени со двете раце во медот и изјавите „ами со кого ќе работам после“) не се откажа, до потполниот крах на сите приоритетни домашни проблеми, економски, здравствени, образовни, енергетски, еколошки, и секакви други, отворени и до крај разгорени.

За многумина аналитичари на Заевото политичко наследство, неговата алиби-евроатлантска политика под чиј превез на домашен план се случуваа најстрашни балкански коруптивни и криминални ујдурми претставуваше еден од најголемите гревови, имајќи ги во предвид изиграните и изјаловените надежи на најголем дел од граѓаните, но и нивната сѐ поголема резервираност и резигнираност од молкот на европските и меѓународните актери, по повод сите домашни ајдучии.

Но, само малкумина се задржаа на нешто, што според мое мислење, останува најразорно во политичкото и моралното наследство на заевизмот и што претставува негов несомнено најголем грев. Тоа се ветувањата, секаде, секому и во секое време. За секое ветување постои и одредена цена која треба да се плати. Ветувањата произведуваат долгови, а долговите -сѐпонови и понови ветувања. Но, најголемиот долг со кој заевизмот го задолжи сопствениот народ и граѓаните во државата, не се мери ниту со пари ниту со проценти. Тој долг е пострашен од долгот на заевизмот кон ДУИ и клиентите од сопствените или редовите на коалициските партнери. Тој долг е поголем и пострашен од рекордниот јавен долг и државните задолжувања. Тој долг ќе се чувствува најдолго и после заминувањето на заевизмот во историјата.

Најголемиот грев и долг што заевизмот ги остава во наследство се армијата граѓани чија надеж е изневерена и неповратно изгубена. Армијата граѓани кои не сестекнаа со она злато вредно чувство на припаѓање кон една заедница, во едно општество (инстант прокламирано дека е за сите) и во една држава, која не им понуди ни елементарно чувство за безбедност и сигурност. И уште една армија луѓе, кои по петгодишните недоветни политики се стекна само со непоправливо горчливото чувство на пониженост, посраменост и поразеност. Заев и заевизмот зад себе оставија армија од скршени луѓе. Скршени, не само социјално и економски ине само поради отсуството на правда, правичност и нормалност за живеење, не само поради здравствената загрозеност и државната негрижа за јавното и индивидуалното здравје, не само поради отсуството на грижа за македонската култура, образование и наука, туку поради ранувањето на најважните социо-психолошки и културолошки фактори за опстанок и развој на една здрава заедница – чувството на отфрленост и неприпаѓање, чувствата на пониженост, посраменост, поразеност, безнадежност, небезбедност и несигурност.

Јас сум убеден декаи покрај најавената оставка, Заев и заевизмот уште некое време жилаво ќе се борат да останат на политичката сцена, а патем,некому и ќе му недостигаат. Несомнено, ќе фали Заев, не само поради катадневните гафови и лапсусии не само поради сите шарени лаги со опашки (од дисплејот на Портата, преку жицата, па до патеката за Формула 1), не само поради нео-фолклористиката што ја воведе во политиката (од јадењето живи луѓе, до баклавите и тепсиите, новокомпониранотоитарпејовствоили плашењето со злото), туку и поради огромниот „океан од нежности“ во кој се башкареше без никаква јавна одговорност и отчетност цела една парадна кавалерија од партиски клиенти кои исто таканепрестано ветуваа, но не испорачуваа ни резултати ни дела. И на кои сигурно (секоја чест на одредени исклучоци од стандардов), ќе им недостасува башибозукот и кабадахиството во владеењето и работењето, како друго име за заевизмотво заминување.

Има епска иронија во испраќањето на заевизмот во историјата. Донесен и устоличен на власт на крилјата на еден отпор против „кичот во културата и архитектурата“, заевизмот кој ги приграби и присвои сите барања на тој отпор за свои цели и, патем, несебично делеше секакви ветувања кои во тој момент беа посакувани да се чујат, на крајот ќе остане само симбол на еден врвен политички кич на владеење, владеење со празни флоскули и лажни ветувања, ласцивност, самодопадливост и себедоволност, благоглаголивост, наметливост и по секоја цена допадливост, (пот)просечност и имитативност, манипулативност и креирање лажна стварност, како врвни принципи на кичот во политиката. Владеење втемелено на ветувања без дела!

Велат, треба да бидеш совршен лажливец за да можеш животот да го поминеш само со празни ветувања. Велат исто така, преку сликовита алегорија, дека ветувањата се како плачење на бебе со кое сме отишле на театар. И велат, најдобро е одеднаш и само на почеток на претставата да се случи тоа плачење. Дали претставата ќе продолжи да се игра и покрај изгубената публика и изгубената сцена, ќе видиме деновиве. Дечкото што само ветуваше и на кој сѐ му се дозволуваше е во сериозна автодеструктивност, како во филмот така и во нашата сурова реалност. Реално имаме работа со еден уфилмуван јунак кој со последните свои настапи демонстрира и загрижувачки подвоен идентитет, така што ништо чудно и понатаму, час да ни се појавува во минато свршено, час во блиско идно време. А местото така добро му го одредија граѓаните на последните избори.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.