Повторно ЕУ! Повторно датумот, преговорите и блокадите се наметнуваат како тема пред македонските граѓани. Ќе има ли веќе крај на сите блокади, односно почеток на преговори за кои веќе тринаесет години се бориме?

Како стојат работите?

Бугарската позиција е прилично јасна и конзистентна. Не треба да не залаже промената на наративот на претседателот Радев кој на конструктивен и одмерен начин го кажува истото она кое што постојано го зборуваат повеќето релевантни партии и поединци во бугарската политика во нивната трка по гласови. Како поминуваат во таа трка и каков е внатрешниот и надворешниот импакт врз нивните резултати е тема за друга анализа. Она што нас не интересира е импактот врз Македонија и македонските евроинтеграции, кои по се изгледа ќе останат закочени независно од зголемената еластичност во претставуањето на бугарските позиции.

Реториката на Радев во моментов е далеку од онаа навредливата и агресивната на добро познатите ликови од претходната бугарска влада. Но, термините „патоказ“, „релевантни документи“, „гаранции“, „дијалог на сите нивоа“ укажуваат на тоа дека се работи за се истите ставови препакувани од балканска во европска амбалажа. Радев настојува со дипломатско тактички маневар да го амортизира притисокот врз Бугарија, особено притисокот врз техничката влада избрана на негов предлог со цел да ја прикаже сопствената земја како конструктивна страна во спорот и да го премости периодот до избор на новата политичка влада. Тоа не е ништо ново и веќе го доживеавме во неколкудеценискиот спор со Грција. Играта на нерви и префрлањето на вината на спротивната страна е добро испробана тактика со која се соочуваше Македонија во минатото.

Дури и новоизбраната Заменик претседателка на СДСМ ја информираше македонската јавност дека сега и Бугарија дава поддршка на почетокот на македонските преговори. Политичко неискуство, неконцентрација или област во која што не е експерт, сеедно?! Но, тоа не е причина Лукаревска да биде амнестирана од политичката одговорност заради ширење на лажни вести (доколку така се покаже), независно од фактот што многу поискусните Заев, Димитров и Османи пред некоја година веќе не убедуваа дека сме го добиле датумот и правеа прослави по плоштадите.

Тука некаде е и претседателот Пендаровски. Неговиот обид за конструктивен пристап и дијалог нема да го ослободи од одговорност доколку Македонија повторно биде блокирана, особено ако се испостави дека бил искористен како „жив штит“ од евентуалните притисоци кон Софија од Брисел и Вашингтон. Можеби немаше поинаков избор во услови кога „што и да направиш ќе згрешиш“, но мислам дека посетата на Ватикан и се што беше поврзано со неа требаше да биде малку поинаку изведено, со неопходната доза на достоинство и државнички дигнитет. Услугата на чартер летот со бугарскиот авион и „трчкањето“ зад бугарскиот претседател беше онаа невербална комуникација која го пригуши коректниот тон на пораките со кој двајцата претседатели сакаа да свртат нов лист и да ја стабилизираат комуникацијата меѓу двете земји.

Чувството дека бугарското вето ќе остане на сила го дополнуваат изјавите на еврокомесарот Вархеи. Тој во неколку наврати повтори дека првин мора да се спогодиме со Софија па дури потоа Брисел и останатите ќе го кажат последниот збор. Вархеи е единствениот кој отворено го кажува ова на начин на кој што го кажува. Засега е осамен во таквиот пристап, но веројатно има соодветна навигација од европските центри на политичка моќ. Затоа, не знам на која основа се темели оптимизмот кој што на периоди го презентираат владејачките структури дека би можеле да ги започнеме преговорите во јуни? Во секој случај сакам да верувам дека тој оптимизам не се темели на ново национално предавство кое Бугарите ќе го прифатат со раширени раце, независно дали имаат техничка или политичка влада.
Интересна е улогата на Португалија во целиот овој процес. Речиси воопшто не беше за очекување дека германскиот неуспех за „одоброволување“ на Бугарија ќе биде заменет со успех на португалското претседателство. Моето лично искуство, како амбасадор на Република Македонија во Советот на Европа, вели дека Португалија секогаш беше на бугарската страна во однос на сите прашања од интерес на двете балкански земји. Португалија беше меѓу оние шест-седум земји кои во секоја прилика и даваа отворена поддршка на Бугарија. Таквата поддршка и не беше баш директно насочена кон Бугарија туку истата беше производ на португалското пријателство со Грција. Грчките интереси имаа улога на линк во синхронизацијата на сите дипломатски активности насочени против македонската позиција во времето кога Македонија и Грција имаа отворен спор околу името.

Доаѓаме до исклучително интересна точка во оваа приказна, Грција и нејзината улога. Грција сега остава впечаток на конструктивност и принципиелност кога е во прашање македонскиот процес на евроинтеграции. На моменти наликува како Грција да го поддржува процесот и веќе како да се вбројува во групата земји кои се залагаат за почеток на македонските преговори. Но, благодарение на долгогодишниот спор за името кој ни го наметна и поради кој го блокираше процесот повеќе од една деценија, во нас буди недоверба и природна реакција дека сепак има нешто скриено во грчката политика кон Македонија. Изјавите на грчките политичари кои го поддржуваат евроинтегративниот процес на Македонија или макар нивното неутрално молчење, колку толку ја неутрализираат децениски напластената недоверба меѓу двете земји. Но, секогаш останува голема доза на резерва во поглед на нивната искреност. Не би ја цитирал онаа познатата за Данајците и нивните подароци, но веројатноста за интерференција на политичките интереси на нашите два ЕУ соседа е прилично голема и мора да се земе како варијабла при решавањето на секоја политичка равенка.
Веќе е клише дека во моментов Бугарија одработува за грчките интереси во однос на Македонија. Тоа мислење е подигнато на ниво на аксиома! Бугарија и Грција водат синхронизирана политика во однос на македонските евроинтеграции како алатка во нивните раце за моделирање на македонската држава, народ и општество?! Но, дали тоа навистина е така и дали навистина постои унисон интерес во двете земји во однос на Македонија?

Логиката вели дека не!

Во моментов Бугарија ја корисити својата позиција за диктат и наметнување на сопствените ставови врз Македонија. Тој диктат ги допира и афектира најчуствителните компоненти на македонскиот идентитет со крајна намера целосно да го обезличи македонскиот народ и да го поистовети со бугарскиот. Со други зборови, во Македонија, идната членка на ЕУ, Бугарија настојува да создаде Бугари. Албанците кои живеат во Македонија, разбирливо не се од нивни интерес, со што бугарската политика тежнее да го рекомпонира етничкиот состав во македонската држава, во која, според бугарските романтични идеали, би живееле мнозинство Бугари и Албанци. Тоа би била некаква идеална состојба од бугарскиот сон во однос на денешната македонска држава.

Дали оваа состојба и одговара на Грција? Дали Грција има интерес од рекомпонирање на идентитетот на народот кој што живее на нејзините северни граници? Северните граници на Грција не се само со Република Македонија, туку се и со Бугарија и Албанија. Овој факт не води кон клучното прашање. Дали Грција има интерес на целокупната нејзина северна граница да живеат и да и „тежат“ само Бугари и Албанци? Кои ќе бидат ефектите во перспектива на долг рок?

Тоа нека му ја мислат Грците! Ако мислат правилно, не заради нас туку заради самите нив, треба искрено и силно да ги поддржат македонските евроинтеграции и да го „замолат“ нивниот докажан пријател Португалија да ги покрене сите механизми на своето претседателство во функција на отпочнување на процесот на преговори со Македонија. Само преговори со македонска држава во која живее македонски народ е формула за мир и стабилност во овој регион. Се друго е авантура и враќање во минатото со сите големодржавни идеи кои егзистираа по распадот на Отоманската империја. „Македонија ако ја немаше, би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот.“ кажал еден голем Македонец од тој период. Таа мисла треба да биде основата за сите разговори, преговори и решенија на сите прашања кои го допираат овој регион, дури и во денешно време.

Секое одлагање на процесот ја прави македонската држава ранлива. Создава услови за политичката гарнитура која што во моментов владее со Македонија, чекор по чекор да се откаже од сите атрибути на македонскиот идентитет. Секое пролонгирање на процесот ќе му овозможи на Заев да жонглира со македонскиот јазик, корен и историја во функција на сопственото политичко преживување нанесувајќи ја онаа штета која што се наметнува како логичен заклучок на оваа анализа. Штета со долгосежни и долгорочни последици.

Мали се шансите дека Бугарија во јуни ќе го симне ветото. Отстранувањето на блокадата по принципот “the sooner the better” (колку побргу толку подобро) ќе биде најдобро за сите, но пред се за Бугарија. Политичкиот пад на Бојко и компанија е можеби само првиот чекор во процесот на убедување на бугарската политичка јавност дека македонската држава, македонскиот народ, јазик, култура и идентитет се реалност и одамна постојат. Какви ќе бидат следните чекори од процесот на убедување и дали покрај политичките ќе има правни и други консеквенци кон носителите на политиките на блокади, ќе покаже времето. Како и да е, по се изгледа дека машинеријата на светската дипломатија, особено онаа на американската е ставена во погон за да ја потсети Бугарија дека „Македонија веќе е создаена“!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.