Предраг Димитровски

Таман кога човек ќе помисли дека Заев стигнал до дното, секогаш се лаже. Зашто, дното на Заев е бескрајно и безвременско. Секое негово дно има ново дно.

На само неколку дена пред вториот круг од локалните избори, Заев реши на домашната политичка сцена отворено да го промовира своето најново „ремек дело“, новокомпонираниот македонски социјалдемократски националшовинизам! И тоа не преку некој друг, туку преку независната кандидатка поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска!

Доцна вечерта в недела, 31 октомври, Скопје ќе го добие својот градоначалник. Без оглед на резултатот, името на Данела Арсовска ќе остане симбол на помрачениот тоталитарен ум на Зоран Заев! Зашто, тешко дека без негово знаење Славјанка Петровска ќе излезеше на прес-конференција да објави наводен документ за тоа дека Арсовска имала бугарско државјанство.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ експресно ги демантираше наводите на Петровска, читај Заев, како безочни лаги.

Од самиот промовиран документ може да се види дека Данела е именувана како Даниела, што е првиот знак за сомнеж во неговата веродостојност. Зашто, тешко дека бугарските институции ќе си дозволат да фалсификуваат нечие лично име.

И тоа е, би се рекло, најмалиот проблем, па дури и да е точно и вистина. Вистинскиот проблем е отворената промоција на социјалдемократскиот националшовинизам во однос на граѓаните со бугарско државјанство во Македонија или, подобро речено, македонските Бугари.

А, само пред неполн месец Зоран Заев изјави:

-Јас немам никаков проблем со ставањето на Бугарите во македонскиот Устав.

За жал, сега излезе дека Заев имал и тоа каков проблем со македонските Бугари и дека тоа што го кажувал биле приказни за мали деца. Обични ветар и магла за додворување на официјална Софија и останатата меѓународна заедница за кревање на ветото за официјален почеток на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија!

Очигледно за Заев било кои функции, па и градоначалничките се недостапни за Бугарите во Македонија! Среќна нова 1948! Да, Зоран Заев е новокомпонираниот Лазар Колишевски под чија раководна комунистичка, просрпска, сталинистичка тоталитарна палка било грев да се прокламираш како Бугарин, зашто тоа значело соочување со смртта.

Ете, Заев не врати цели 70 години назад. И што е многу позначајно, во време кога на македонската политичка елита и на македонските медиуми во Софија им се мери секој искажан збор! Може само да се претпостави какви ќе бидат реакциите од другата страна на границата, дотолку повеќе што доаѓа од редовите на владејачката партија  на премиерот.

Вокабуларот, пак, на Петровска, читај Зоран Заев, е друга работа. Пред да го споменеме, само да потсетиме и прашаме зошто истата таа Петровска, читај Зоран Заев, не реагираа исто, на пример, на последните претседателски избори кога се знаеше дека претседателскиот кандидат Блерим Река, покрај македонското, има и косовско државјанство? Што ќе беше ако Река беше избран за претседател на државата? Или тоа не е важно, зашто станува збор за косовско, што не е исто со бугарско државјанство? Блерим Река подоцна стана и косовски министер.

Петровска, читај Заев, на Данела Арсовска и импутираат унгарски и бугарски интереси или интереси на екс-премиерот Никола Груевски. И во типично УДБ-ашки стил ја етикетираат како странска инсталација. Недостасува уште лажна белешка, како онаа за бизнисменот Орце Камчев, па да ја стават во затвор!!! А, којзнае, можеби се и на тоа подготвени?!

Значи, според логиката на Петровска, читај на Заев, ниту еден македонски Бугарин не може да биде градоначалник, зашто би работел директно против интересите на своите сограѓани! А, што правиме со тоа што македонските Бугари бараат статус на државотворен народ и, нормално, соодветна застапеност во сите институции на системот? Истата Петровска, читај истиот Заев, одново ќе прават салтомортале и како ништо да не било ќе гласаат за вметнување на македонските Бугари во Уставот?! Тоа нема никого да изненади, зашто лагата стана составен дел од менталниот склоп на новокомпонираниот македонски социјалдемократски националшовинизам.

Патем речено, колку почесни конзули има во Македонија и за чии интереси работат сите тие? Тие можат да бидат кандидати за градоначалник или не? Директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, е почесен конзул на Данска, екс – градоначалникот на Битола и стопанственик Силјан Мицевски е на Србија, првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески беше на Црна Гора…

Премиерот Заев денеска ни потврди дека е борец и пред вториот круг од локалните избори апелира на борба.

-Тука сум, сум се борел, се борам и ќе се борам, но ми треба поддршка од народот заради тоа што локалните самоуправи, Градот Скопје, се многу важни во секојдневниот живот на граѓаните и во секојдневието на државата, посебно со засилените ингеренции што ќе ги добијат со третата фаза на децентрализацијата, ќе рече уште премиерот.

Борба, борба и само борба. А, со кого? Со сопствениот народ, кому во секое време може се да му импутира и од кого сега бара поддршка. Заев е сигурно помодрен во градите од удирање. Како вистински борец. Борец, кој може слободно да ја напише својата „Mein Kampf“ (Мојата борба), како превртено огледало на Хитлеровата. Исто како што сталинистичкиот тоталитаризам е превртено огледало на хитлеровиот нацизам. Потврдено од Советот на Европа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.