Предраг Димитровски

Во своето последно телевизиско интервју пред 2 Август, Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски, меѓу другото, испрати две пораки. Првата, дека и годинава Илинден ќе се празнува како и секогаш порано и втората, дека пред секоја своја одлука, парафразирано, го слуша гласот на народот.

Веројатно слушајќи го гласот на народот, шефот на државата и годинава одлучи да не се соочи директно со него, па илинденските пораки ни ги испрати од Вилата „Водно“. Колку неговата резиденција може да го замени споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје, од каде годинава, според ротациониот распоред, требаше да говори, е една работа. Но, сосема друга е потсетувањето дека падот на Љупчо Георгиевски, како премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на крајот на деведесетите и почетокот на новиот милениум, фактички почна со неговото обраќање, дали токму за Илинден или за 11 Октомври, што не е ни толку важно, од скопското Кале. Тогашната слика за политичката елита или аристократија горе, а обичниот народ, односно плебсот долу, остана во длабоко сеќавање.

Пендаровски ќе беше во право и дека и годинава Илинден ќе се чествува како и порано, ако вчера не дојдеше до целосен израз интраетничката подлба на Македонците, ако не беа силните полициски сили на Оливер и параполициските гавази на Спасовски и на владејачките СДСМ и ДУИ, ако му се дозволеше на обичниот народ да биде на Мечкин камен, ако не беа пропагандистичките пропусти од телевизискиот пренос, ако уште еднаш не се потврдеше дека секкоја идеја почнува како револуција, преминува во рекет и завршува како диктатура, и ако кај огромното мнозинство Македонци не беше присутно чувството дека македонскиот Илинден ги брои последните мигови во исчекување на додавање на бугарската додавка од “заедничката историја“ како Илинденско-Преображенско востание.

Иако вчерашниот настап на шефот на државата може да се протолкува и како „Застава филм Пендаровски прикажува“ или како „Пендаровскитурс“, сепак неизбежен е впечатокот дека на годинешната негова улога претходеле сериозни подготовки и длабоки анализи низ кои, за жал, може да се почувствува и „мирисот“ на безбедносните структури. Зашто, во настапот на шефот на државата беше повеќе од очигледен обидот за ревизија на поновата македонска историја во кој, на извесен начин, се расчистува со ортодоксниот комунизам на Лазар Колишевски и во центарот на вниманието се става либералното крило на КПМ/СКМ. Ова од една страна, а од друга, пак, се воспоставува нов политички „новоговор“ во кој бугарскиот фашистички окупатор се промовира во профашистичка власт на царска Бугарија.

А, како основа за се служат признанијата за Крсте Црвенковски и Невена Николова Георгиева-Дуња. Внимателното следење, пак, видео-материјалот укажува на извесни недоследности, колизии во улогите што ги имале личностите како Лазар Колишевски и Киро Глигоров, па и различната терминологија во претседателскиот политички „новоговор“.

Останува прашањето зошто Пендаровски не најде за сходно постхумно да одликува и некој од Илинденците, а изборот можеше да го направи отворајќи ја едицијата за носителите на илинденски пензии?! И тие имаат живи наследници, кои можеа да ги примат признанијата.

За да нема никакви дилеми, ордените за Крсте Црвенковски и Невена Николова Георгиева-Дуња се повеќе од заслужени и никој, ама апсолутно никој не може и не смее да ги спори.

Наспроти сите партиски и државни функции, што ќе ги извршува до средината на 70-тите години на сега веќе минатиот век, Крсте Црвенковски ќе биде жртва на пресметката на Јосип Броз Тито и неговите најблиски соработници со новите, либерални ветришта, што ќе се појават во сите поранешни југословенски републики, па и во Македонија. Но, либералите ќе бидат етикетирани како националисти! Значи, се користела истата терминологија, што сега во апсолутно негативен контекст им се прилепува и на неистомислениците на актуелната власт!

Во Македонија, носител на борбата против македонските либерали, односно националисти ќе биде вечниот македонски комунистички лидер Лазар Колишевски. А, десна рака, пак, при неговото „враќање“ ќе биде Киро Глигоров, првиот претседател на независна, самостојна и суверена Република Македонија, кој како иронија на судбината и ќе го рехабилитира Црвенковски.

Македонските либерали ќе бидат следени од репресивниот апарат во оперативна акција насловена како „Плави 9“, а кодното име на Црвенковски е „Врховни“. И сигурно не случајно сите тие на Википедија веќе се водат како македонски дисиденти.

Ова е само уште една потврда дека и поблиската македонска историја, исто како и подалечната, изобилува со низа контроверзи, што мораат да бидат внимателно читани и проучувани, без двојни стандарди и аршини.

Приказната со Невена Николова Георгиева-Дуња има сосема друга, би се рекло двојна димензија, едната исто така за расчистување со Колишевизмот, а другата за односите со Бугарија. Крајно дискутабилно е дека кон Дуња бил направен случаен „пропуст“, со тоа што не била прогласена за народен херој. Таа припаѓала на Скопскиот партизански одред, формиран на 22 август 1941 година, кој поради присуството на Методија Шаторов-Шарло во него ќе биде под ембарго се до почетокот на 70-тите години.

Причината за тоа лежела во негативниот однос на маршалот Тито и неговиот главен експонент во Македонија, Колишевски, наводно поради пробугарскиот однос на Шаторов. Активностите и диверзантските акции на одредот ќе бидат во сенка и речиси чисто табу тема се до реакциите на Ќамуран Тахир и Вера Ацева.

Грозоморното убиство на Дуња од страна на, како што рече Пендаровски, „фашистичкиот окупатор и нивните контрачети“, притоа не наведувајќи кој „фашистички окупатор“, му послужи на шефот на државата да испрати силна порака до Софија. Но, притоа ќе се послужи со мала разлика од само три букви! Тоа „фашистичка“ ќе премине во „профашистичка власт на царска Бугарија“. И тие само три букви, всушност, прават длабока разлика, наспроти првичните негативни реакции во Бугарија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.