Михајло Маневски

Власта е одговорна за спроведување на регуларни избори

Дали ќе се спроведат фер и демократски претседателските избори е најзначајното прашање кое се поставува на неколку дена пред изборите. Ова поради тоа што постои огромна загриженост дека власта не презема потребни конкретни мерки за успешно спроведување на изборите. Власта олицетворена во лицето на Зоран Заев, како узурпатор на целокупната власт во Македонија, не само што не презема конкретни мерки за спроведување на регуларни избори, туку се стави во улога на катализатор на повреда на изборните правила.

Државни материјални и адмнистративни човешки ресурси се ставени во функција на промоција и водење на изборна кампања на “надпартиски” кадндидат за претседател на Македонија. Претседателот на Владата Зоран Заев, министри во Владата, директори на јавни предпријатија, дражавни административни и локални службеници, скоро еден месец спротивно на изборните правила се ставени во функција на изборна кампања на кандидатoт Стево Пендаровски, кој самиот изјавува дека е 102,5 % е исти како Заев! Ако владиниот потенцијал и државни ресурси се ставени во функција на “надпартискиот” кандидат за претседател, се поставува прашањето дали тој кандидат, доколку биде избран, ќе биде претседател на сите граѓани или ќе биде приврзок на Зоран Заев, кој ќе командува со него?

Како врховен диктатор, Зоран Заев е во потрага за освојување на целокупната власт во Македонија по секоја цена, не бирајки средства. Тој сака да го освои и последниот бастиoн на Уставната власт во Македонија, олицетворена во функциите на претседателот на Република Македонија. Тој ги стави во срамно понизна положба Уставниот суд на Македонија, кој во суштина и не постои, јавното обвинителство, судството и други безбедности органи. Поучен од искуствата на огромни притисоци, уцени, измами и закани при донесување на уставните измени за промена на името и рушење на македонската самобитност и идентитет на мекедонскиот народ, сега прибегнува кон примена на истите методи и средства. Се стреми кон остварување на апсолутна власт на едноумие, кое во суштина се претвара во безумие.

Власта не презеде никави законски мерки за огромните незаконитости при спроведување на референдумот

Загриженоста за спроведување на демократски претсдеталски избори, објективно се темели на неподготвеноста и одпорот на власта да преземе конкретни мерки за сторени огромни незаконитости при спроверудување на референдумот. Дали некој досега одговараше за некакво казниво дело? Не одговарал никој. Како може за толкав број на незаконитости, за кој се поднесени голем број пријави, да не одговара ама баш ниту едно лице? Тоа е доказ дека криминализираната власт го штити изборниот криминал.

Како може никој да не одговара за срамното полнење на кутиите со гласање од 2,5 или 3 секунди? Зошто не се нареди вештачење и тоа јавно да се прикаже, како може да се гласа за 2,5 секунди? Тоа значи дека, кога ќе влезеш на избирачкото место треба да се преставиш пред службеното лице, да извадиш лична карта, да проверат и да те најдат во избирачкиот список, да се подпишеш, да те попрскаат со спреј по палецот и да те прегледаат со уве ламба, да се одкине и да ти се даде гласачки лист, да тргнеш спрема параванот за гласање да гласаш, да го пуштиш гласачкото ливче во кутијата и да ја земеш личната карта и сето тоа да се направи за време од 2,5 секунди!!. Тоа е неможно и бесмислено и објективно невозможно. Такво гласање за 2,5 секунди неможе да се прикаже ниту во цртан филм со убрзано дејствие, а камо ли да да се оствари во реалноста. Зошто не е проверено ниту едно гласачко место, а беа повеќе десетици на кои се наполнија кутиите со над 70 илјади гласови? Очигледно е дака власта ги штити криминалците, ги штити полначите на кутии и криминалците кои покупуваа гласачи.

Масовно кршење на изборните правила во време на изборната кампања

Во време од распишиувањето на изборите и во текот на изборната кампања масовно се кршат изборните правила. Спротивно на членот 8- а и членот 34 од Изборниот законик се вршат вработувања, вонредни исплати на средства од буџтот и средества од општини и јавни претпријатија и се вршат други вонредни дејствија.

На сред изборна кампања Апелациониот суд Скопје објави дека ја потврдил ослободителната пресуда за случајот подкуп за обвинетиот Зоран Заев. Иако седницата на Советот на судот била одржана на крајот на декември 2018 година, пресудата се објавува на почетокот на април ова година, Темпирано, смислено, селективно и нееднакво постапување. Во случајот (тенк) пресудата беше објавена веднаш после завршување на седницата на советот на судот, а сега за случајот подкуп се чекало скоро 3,5 месеци. Зошто таков нееднаков третман во судски постапки и зошто таков поданички однос?

Платежната агенција во време на изборна кампања исплатила 77 милиони денари на над 2 илјади лозари како долг на приватни фирми, од кои лозарите имале побарување. Во општината Гази Баба од 15 април физичко обезбедување во училиштата ќе биде на трошок на општината. Зошто тоа не се направи порано или подочна пред или после изборите? Вработувањето на 140 лица во Водостопанство во тек на избори е класичен случај на злоупотреба и тоа неможе да се оценува од аспект на целислходност, туку од аспект на законитост. Вршителот на должноста градоначалник на Ново Село, каде ќе се врши гласање и за градоначалник на местото на поранешниот меѓународен шверцер Боро Стојчев, дал согласност за вработувања на 10 работници. Општина Штип ангажирала пожарникари да делат дрва на социјално загрозените лица од градот, при што ги злоупотребила и јавните претпријатија “Македонија пат” и „Македонски шуми“. Тоа претставува класичен подкуп на гласачи. Примерите за вакви и слични злоупотерби и повреда на изборните правила постојано се зголемуваат, а власта ништо не преземеа тоа да се спречи.

Нема скоро никави активности на превентивен и едукативен план за почитување на изборните правила за спроведување на фер и демократски избори. Целата надеж се сведува на наблудувачи од земјата и странство. Тие наблудувачи ги имаше и при спроведување на референдумот, но што видоа тие и што направија за сузбивање на очигледните повреди на Изборниот законик? ОДХР- ОБСЕ, како наблудувач на изборите е во голем ризик да ја изгуби довербата поради премолчување или минимизирање на крупни изборни нерегуларности. Се добива впечаток дека што и да стори власта нема да сноси никаква одговорност. Поради тоа граѓаните ја губат довербата, затоа што се жртви на изборни измами без одговорност. Одговорноста за почитување на Изборниот законик за спроведување на регуларни и законити избори е на власта и таа е одговорна за почитување на изборните правила.

Дали власта со тоа што не презеде никакви мерки за очигледно кршење на изборните правила се подготвува за полнење на кутии со “гласање” од 2,5 секунди и со подкупување на гласачи? Ќе го крши ли повторно ова ненародна власт одгледалото на демократијата без одговорност, како што тоа го стори на референдумот?

Граѓани на Македонија, не дозволувајте да бидете жртви на ова ненародна власт и не дозволувајте никому да ги гази вашите права. Вие сте најголемиот суд и Вие ја имате судбината на државата во Ваши раце.

Излезете и гласајте и не дозволувајте власта да ги злоупотреба Вашите права. Борете за правда, за слобода, за демократија и за владеење на правото. Без владеење на правото и без правда нема ниту демократија, а нема ниту држава. Без правда нема ниту законитост, ниту заштита од корупција и криминал. Без правда нема заштита на безбедноста на граѓаните. Како никогаш досега, дивеат криминални банди кои сред бел ден и среде Скопје пљачкосуваат и вршат вооружени напади на банки, како на дивиот запад. Еве до каде не доведе ова ненародна власт, која треба што побргу да си замине.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.