Васко Шутаров

 

Една од подобрите страни на долгава карантинска година можеби беше можноста да ги обновиме, превреднуваме и преосмислиме сеќавањата. Во старата добра нормала, сеќавањата ни се случуваа попатно и најчесто ненадејно, без доволно време да им се посветиме и без доволно внимание да ги обмислиме повторно.

Деновиве, дури внимавам и повеќе од вообичаено на мајка ми, која пред две седмици ја прими првата вакцина, време за муабетења и сеќавања колку ни душа сака. Како што ја створил Господ да биде постојано со нешто ангажирана, тешко ѝ паѓа мирувањето, па во муабет се присетува и на блиски луѓе кои повеќе ги нема, а почесто на еден наш семеен пријател кој исто како неа, не беше створен да безделничи никогаш. Сеќавањето нѐ врати заедно, на Томе Шимов.

Повозрасните од мојот крај ќе се сетат веднаш на него, но помладите, за жал, свртени повеќе кон дигиталново комуницирање, и да посакаат, тешко ќе дојдат до информации за Томе Шимов. На интернет-пребарувачите стои само една дамнешна информација и тоа од Службен весник на Р. Македонија од 1999 година, за основање на Авто-мото друштво во Богданци, што требало да го носи неговото име.

Томе Шимов е родум од Богданци и цел животен и работен век го помина во ова место од македонскиот југ. Во колективното сеќавање на луѓето од мојот крај, сѐ уште се зема како пример за најголем работник меѓу некогашните директори. Претпријатието „Млаз” чијшто основач и долгогодишен директор беше токму тој, важеше за најголемо транспортно претпријатие во Македонија и едно од најголемите на просторите на поранешна Југославија. Преку 350 камиони ја крстосуваа цела Европа и Блискиот исток, 60 најмодерни автобуси превезуваа патници низ цела поранешна СФРЈ, но и Европа, изградена беше голема авто-база во Скопје, модерен авто-сервис на влезот од Гевгелија, две фабрики – една за приколки и друга за пружини, модерен хотел и прекрасен авто-камп во Дојран, кој сѐ уште го викаме „Мрдаја”. Велат дека во негово време, преку 700 семејства директно егзистирале од авто-транспортниот гигант. Она што денес го нарекуваме општествено-одговорна компанија, „Млаз” го имаше како редовен опис и попис на работните обврски, во помагањето на секакви хуманитарни акции, во поддршката на сите спортски и културни клубови и настани.

Присетувајќи се деновиве на Томе Шимов, мајка ми спомнува нешто за што не знаев, а тоа дека долго време во почетоците на „Млаз”, директорот Томе Шимов знаел да оди уште во рани мугри на работа, да ги пушти хидрантите и со силни млазеви вода да го измие најпрво плацот, потоа да се врати дома, да се дотера и повторно прв да се појави на работното место. Јас, пак, се присетувам на моето последно видување со него, кога веќе како пензионер го сретнав како забрзано и со документи под пазува, оди во шпедиција на влезот од Гевгелија. „Чичко Томе”, му велам, „зошто барем како пензионер не си дозволиш да одживееш директорски и да пуштиш некој од помладите да се занимава со документиве за царинење”, на што тој сосем мирнo ми одговори: „цел век така работам, знаејќи дека за да бидам прв, значи истовремено да бидам и последен”!

Покрај сите школи, уки и поуки што ги поминав во животот, оваа ми е една од најважните. Ја разбрав од човек, што од ништо создал империја, без посебна наклонетост и поддршка од тогашната политичка номенклатура и  само со својата бескрајна посветеност и страст да создава, да го разбира и решава секој проблем, да одработува и сочувствува, да слуша и колку може помалку да наредува, да пркоси на секој предизвик, патем да создава и изгради, повеќе отколку барем неколкумина премиери во самостојна Македонија, сосе последниов заедно. Пркосот и до ден денешен го разбирам како неговата животна мудрост, за да бидеш прв, треба секогаш да знаеш како му е и на последниот зад тебе!

Долгава карантинска година имаше и уште една добра страна, беше идеална и за препрочитување на веќе позната, но и преоткривање на нова литература. За Махатма Ганди кој ми е фасцинантен историски лик, исчитав буквално сѐ што можеше да се најде на интернет. Овде и по овој повод ќе споделам само една, веќе легендарна приказна за пркосот и мудроста на Ганди, која годинава беше и почесто споделувана како содржина на социјалните мрежи.

Уште кога студирал право во Лондон, пркосот во него го одредил да не се приклони кон тогаш доминантното движењето на кафеавите сахиби кои уште со школувањето на британските универзитети станувале „поголеми Брити од Британците” и кои до идолопоклонство обожувале да бидат што помалку Индијци и што повеќе налик на белите империјалисти кои владееле со нивната татковина. Пркосот на идниот „татко на Индија”, на кој му замерувале и за неадекватното облекување и за лошиот англиски јазик, животниот пат му го предодредил уште како студент.

Легендата вели дека за време на престојот во Лондонскиот универзитетски колеџ, Ганди имал не мал број проблеми со еден професор Питерс, кој прилично арогантно и со индигнација се однесувал кон него. Еден ден се нашле на заедничка маса во универзитетската кантина, сами еден наспроти друг. „Студенту Ганди, зарем не разбираш дека свиња и птица никогаш не седнуваат да јадат заедно”, на што Ганди скромно и срамежливо само одговорил: „бидете спокоен професоре, веднаш ќе летнам”. И ситуацијата веднаш ја променил во своја полза. Професорот кој не очекувал таков пркосен и луциден одговор, прилично јаросен и полн со бес го чекал на испит, за да му врати за понижувањето. Покрај серијата брилијантни одговори на испитот, многу малку можности му останале на професорот за да му покаже кој е кој во приказнава и на крај му поставил уште едно прашање. „Млад студенту Ганди, ако одиш по пат и најдеш две вреќи, едната полна со мудрост, а другата полна со пари, која од двете ќе ја земеш”? Ганди повторно простодушно одговорил, „Веројатно онаа со парите, професоре”. Професорот, мислејќи дека конечно добива прилика да му врати, арогантно го надополнил дека би ја зграбил мудроста кога би бил на негово место. Но, капакот на муабетот пак на Ганди му паднал во рака, па му одговорил: „секој си го зема она што го нема, професоре”. Комплетно извадениот од такт професор му го зел листот хартија и напишал под тестот – „Идиот”! Ганди сосема мирно, само му го вратил тестот и му кажал: „Професоре, сте се потпишале, но сте заборавиле да ми напишете и оценка”.

Од анегдотава за пркосот на Ганди, исплетени се уште безброј легенди за човекот што најчесто бос и само со козата што ја одгледувал, ја поминал пеш скоро цела Индија и ја кренал на мирен граѓански отпор против британската колонијална управа. Уште со завршувањето на студиите и своите адвокатски почетоци, бил нарекуван „великодушен” и „достоинствен”, а подоцна за време на ослободувањето на Индија од британското колонијално управување нарекуван е  „голема душа” и „татко на нацијата”. Бил и духовен и политички водач, секогаш прв, но истовремено и секогаш на крајот од опашката, меѓу своите милионски следбеници, рамен и еднаков и со последниот од нив. Пркосот кај Ганди е крунисан уште со една негова легендарна мисла. „Прво те игнорираат, потоа ти се смеат, па те тепаат и на крајот, ти победуваш”!

Пркосот, така ненадејно, а толку високо и ургентно се појави деновиве на македонскиот дневен ред. Токму пркосот и принципите, за кои полни четири години упорно потсетуваа и предупредуваа „последните”, кои првенциве од актуелната власт, ги игнорираа и не сакааа ни да ги слушнат. Каде беше пркосот кога на дневен ред, без јавен дијалог и поширок државен консензус, дојдоа налозите што ви ги испорачуваа првите соседи, преточени во платформи и договори за пријателство и добрососедство?! И каде го потиснавте пркосот, додека ги брусевте шахтите низ државата, додека ги бришевте пораките на спомениците и бистите на првоборците?! Каде го згазивте пркосот додека кабадахиски ви ги инспекторираа двојазичните табли на институциите – и каде треба и каде не треба?! Каде го задушивте пркосот дури бевме сите заедно третирани како за мајтапење, во јавни обраќања на странски политичари?!

И за чиј пркос и за какви принципи попрво да зборуваме, кога првиот парламентарец во државата игнорира и ни парламентарно не дебатира барем со половина пратеници, кога министерката за образование не сака ни да го ослушне гласот на илјадници загрижени ученици, родители и наставници, министерот за здравство кој потполно оглуве на гласот на пациентите и нивните матични лекари, министерката за култура налактена на едно уво, пред гласот подигнат против „фискултурата во културата” или пред вандалското доуништување на Охрид и Струга?!

Вистинскиот пркос, сепак, треба да се бара на друго место. За среќа, почна да се случува на македонските улици и допрва ќе ги полни македонските плоштади. Како поука и казна за „првите” што ни за момент не го послушаа гласот, маките и очајот на „последните” во нивните очи.

Примерите за пркосот и подемот на еден од некогашните најпознати македонски бизнисмени и еден од најголемите историски светски лидери од колумнава, не се наменети за власта во заминување, иако долго ќе го паметиме обидов на локален бизнисмен да стане премиер, па неприкосновен водач, па уште и светски признат лидер. Но, само во обид, и тоа катастрофален. Примериве сакам да им послужат за поука и како мисла-водилка на оние што пледираат да ја поведат деновиве „Македонската пролет” и кои еден скорешен ден ќе бидат политички и општествени првенци. Никогаш да не заборават да го ослушнуваат гласот на луѓето од опашката, кои сега им даваат поддршка и ветар во грб! И никогаш да не им биде тешко да одвојат време за нив и да ги решаваат проблемите кротко и низ разговор, како легендарниот Томе Шимов од мојот крај. И никогаш да не им биде тешко да го обиколат секое место и допрат до секој во Македонија. Впрочем, што е Македонија во споредба со Индија од времето на Ганди?!

П.С. Од останатите, редум новокомпонирани и сензационалистички приказни за пркосот, издвојуваме: Зајко го скина верното другарче Стојко, а двоглавото теле со две усти и еден хранопровод, родено деновиве во селото Лажец, иако редок природен феномен, продолжува да цица, да се храни и расте и допрва се очекува да почне да се врти радосно во својот мал магепсан животен круг.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.