Марјан Ристески

Најтажната македонска песна стана вистинска реалност во државава. Ние сме катадневни очевидци на страшната слика во жална Македонија – преполни автобуси и авиони со млади луѓе заминуваат во еден правец по „белиот свет“. Секојдневната реалност остава пустош во земјава како навистина овде да завладеала „црна чума“ и сите бегаат да се спасат од неа: се празнат градови, се празнат селата – Македонија се празни како никогаш до сега! Сè повеќе и повеќе разочарани луѓе со безнадежни размислувања заминуваат од земјава со следните изговори: Не бива држава од ова, немам сигурност овде повеќе, се чувствувам како граѓанин од втор ред во сопствената држава, ништо не функционира, децата сакам да ми растат во нормална средина или пак: глупостиве во државава не се трпат повеќе, ваков хаос никогаш не било, едно кажуваат друго прават…се коментари кои ги слушаш на секој чекор. Луѓето веќе не се плашат да го искажат своето болно чувство, а тоа го прават дури и оние кои биле најверни поддржувачи и верувале во лагите на оваа власт! Не треба човек да ангажира анкетни куќи, анкетата е секојдневна во било кој дел од државава. Луѓето се крајно разочарани и нема ден да не ги слушнеш следниве одговори: чекам бугарски пасош, ја чекам работната виза или деновиве сум повикан на разговор во амбасада, се вратив на кратко да средам документи за фамилијта… Ова, за жал, го кажува секој трет, да не речам секој втор човек.

Одиш дома и со неверување се прашуваш – што се случи во државата, каква се „ЦРНА ЧУМА ЗАДАДЕ“ и ги натера луѓево вака да размислуваат и масовно да заминуваат од државава во последниве две-три години?! Не дека претходно немало иселувања од Македонија, но ваков бран кој преминува во застрашувачки рамки не се памети! Гледавме како луѓето бегаа од Авганистан Сирија, Ирак… бегаа од војни и пустош, а овде луѓето бегаат од неспособно-корумпираната власт!

Но, гледајќи ги провладините медиуми ќе доживеете дијаметрално извитоперена спротивна слика од реалноста! Секојдневни убедувања од страна на власта како во Македонија се живее приближно, па во некои сегменти, дури и подобро од Швајцарија или некоја скандинавска земја, стандардот расне како никогаш до сега, економијата цвета, инвестиции на секој чекор, правна држава за пример, образованието и здравството на европско ниво, капитални инвестиции на сите страни, пензионерите се радуваат на високите пензии, земјоделците на субвенциите, иновации на секој чекор во државава (најиновативна држава), во ЕУ само што не нè примиле, сите се воодушевени од нас, пример сме за сите!!! Конечно со оваа власт почнуваме да дишеме чист воздух, државава ни е чиста како Ботаничка градина, УНЕСКО нè фали, безбедноста на највисоко ниво…или на кратко, Ваква убајна немало никаде! Оваа влада нè прави да живееме како во бајка, да се чувствуваме како Алиса во земјата на чудата! Со оваа влада ни тргна и белиот спорт-тенисот, а и како да не ни тргне кога „Рекет“ имаме на секој чекор. И ако со оваа влада живееме така што секој може да ни позавиди, едноставно не можеш да сфатиш зошто тогаш луѓево се толку разочарани и си заминуваат од државата? Зарем „блескавото“ ги заслепило, па не гледаат колку убавини им се случуваат? Навистина да не можиш да го сфатиш народецов, а имаме власт-шампион на Балканот!

Или кога ќе размислиш, од една страна збунет и разочаран народ, а од друга страна една прекрасна блескава влада која успеа да ги блесне во земјава дури и канализационите шахти! Признале или не, ова го нема ни во Швајцарија!!!

Бремето кое го остави оваа „блескава влада“ ќе биде огромно за идните генерации и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во секој поглед, а еден од суштинските предизвици и приоритети во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде враќање и задржување на народот и младите луѓе во државата – ПРИОРИТЕТ БР 1!!!… затоа што… Држава без народ, не бива држава!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.