Васко Шутаров

Глупоста е заразна!

И во делото „Пофалба на Глупоста” од големиот ренесансен мислител Еразмо Ротердамски, глупоста не пропушта прилика да се пофали дека има божествено потекло и дека на човекот му ги подарила животот и уживањето. Во делото, глупоста ги набројува бројните човекови недостатоци, кои најчесто ја придружуваат: суеверието, гордоста, самољубието, суетата, лекомисленоста, разузданоста. Глупоста, гордо заклучува во делото, дека мудреците живеат во сиромаштија, занемарени и омразени, додека глупаците пливаат во пари и стојат на чело на државите. А глупоста не пропушта да се пофали и дека владее со светот, дека го прави животот поподнослив, посебно кога нејзини придружнички се лекомисленоста и разузданоста, со чија помош толку лесно се избегнуваат соочувањата со вистинските и реални опасности кои демнат во животот.

После 512 години од објавувањето на „Пофалбата”, нешто да одземеме или додадеме за глупоста? Ни случајно! Можеме само да ја поткрепиме пофалбата за неа. Дека е неуништива и вечна. Дека е просто, заразна. Тоа најдобро го чувствуваме во годинава на светска заразна пандемија. Овие неколку месеци од 2020 година, покажуваат дека ние полесно ќе го преживееме Ковид-19, отколку сите глупости од сетот мерки за справување со заразната пандемија. Едно мноштво новолиценцирани глупости се изродија и во светот и кај нас, во борба со пандемијата од коронавирусот. Ступид-20. Еве, неколку свежи факти, од домашната пофалба на глупоста.

„Глупоста е најнеобична од сите болести. Од неа не пати болниот, туку сите останати” – Жак Превер

Факт е, дека покрај хоризонталното прогресирање на заразниот вирус, за сето време на пандемијата, заразно се шират и вируси по вертикала. Предизвикани не од непознат пандемски вирус, туку од древен вирус. Заразниот вирус наречен, глупост. И таквиот вирус делува директно на здравиот мозок. А, тешко се вари и со најздрав желудник.

Два чекори напред, еден назад, па три напред и два назад. Такво е мноштвото од досега донесените владини мерки. Како она, инкриминираното велигденско оро, од завчера. На крајот од денот, впечатокот е дека, нашите животи и нашите однесувања во време на пандемија, не се регулирани само врз стручни здравствени сознанија, туку се конкретно адаптирани на интересите на домашната олигархија, популистичките приоритети на владејачката номенклатура и во овој контекст, на спорадичните притисоци од јавноста.

Како инаку да го разбереме дијапазонот мерки, од крајно лабави и порозни, до крајнo строги, па види чудо, во најава повторно-олабавени. Уште пикот не нè одминал! И наеднаш, без ниту една релевантна издржана прогноза за движењето на пандемијата, се вбризгува во јавноста информација за релаксирање на ригидните забрани. Па, дури се пуштаат и пробни шарени балони, за брзи избори наскоро? Море најдобро веднаш, додека ни жртвите од пандемијата не се преброени, да го направите тоа! Додека државната каса го нема пробиено дното? Додека трпението на луѓето под маски, нема стасано до плафон Не само пофалба на глупоста и лудоста, туку и пофалба на перфидноста, заслужува ова.

Како беше онаа за вселената и глупоста? Вторава е докажано, бескрајна.

Еве уште еден прилог, кон пофалбата на глупоста. Поврзан со најновата идеја, вредна милиони долари. Задолжителното носење маски и ракавици во градовите со зголемен ризик, а во најава и за сите граѓани на државата. Или носење марама или шал, како алтернатива? А непочитувањето на оваа препорака, ќе биде санкционирано преку снимки, приложени како доказ?

Во едно мое време, мали Ѓокица беше само добар виц. А сега? Додуша, во мое време само најдобрите типки и најдобрите фраери, лабаво врзуваа марама околу врат, но како статусен симбол на ослободување од некои други тогашни ограничувања.

Но, ајде да ја прескокнеме глупоста со масовното снимање за неносењето маски и да претпоставиме, дека генерално тоа може да биде добра елементарна заштита. Па дури и со аксесоариве од шалови и марами, како штос. Но, може ли непрестано, покрај сите можни останати ограничувања и рестриктивни мерки, да им се наложуваат на граѓаните нови обврски, поврзани со не мали трошоци, а да не се предвидуваат и мерки за олеснувања во справувањето со нив.

Да не случајно паднаа цените на маските и ракавиците, во меѓувреме? Напротив, во просек се петнаесет пати зголемени. А минимум една заштитна опрема би била неопходна, дневно. Тоа се месечно, минимални 60 милиони маски и ракавици за граѓаните на државата. Пофалба за владата ако ги субвенционира мерките што ги наложува. И пофалба на глупоста, ако и овој милионски бизнис падне на грбот само на граѓаните.

Паметните попуштаат! Каква жална вистина? Владеењето на глупоста е втемелено во таа вистина.

И дури е така, власта ќе си приграбува права, на кои во нормални времиња не би смеела ни да помисли. Кога економијата е веќе навлезена во рецесија, кога стотици илјади вработени до вчера, се на некаков лански, овогодишен или бог-знае-каков одмор денес, кога цела една генерација матуранти не знае дали ќе имаат или не државна матура, кога живата култура и пред нас живи изумира, кога спортот и секоја физичка рекреација замираат, кога сите го стегаат каишот.

Само еден летимичен преглед на официјалната државна страница за јавни набавки, ќе ви го покаже врвот на глупоста и лудоста, кои паралелно се случуваат, во можеби најтешките месеци од нашите животи. Ред објави за привремени вработувања, ред објави за несуштински трошења народни пари. Илјадници привремени вработувања. Десетици несуштински трошења народни пари.

Ресорот одбрана и овојпат ја заслужува „пофалбата на глупоста”. Привремено ќе запослуваат, но и ќе набавуваат и тоа „ургентно,” музички системи, музички инструменти, удиралки за барабани и писки за дувачки инструменти. И, сабја за паради. Дури војската недоволно заштитена е фрлена во оган среде пандемија, да прави ред пред прилепските банки и маркети. Пофалница и на глупоста и на лудоста за потписниците на овие безумни одлуки. Таму каде глупоста станува образец за однесување, таму разумот е безумие. Токму таму, каде најмалку треба.

„Кога глупоста би болела, луѓето би вриштеле до небо” – Иво Андриќ

Несомнено, најголеми се глупостите, но и гревовите кон највозрасните. Оние, кои според сè уште ретките студии за пандемијата, се и најчувствителни на новиот вирус. И онака со годините, осудени на сè пократки животни траектории, нивните права беа изминатиот период немилосрдно узурпирани. А психички, не беа поштедени од ништо. За нашите родители, за вашите баби и дедовци, за нас после некое време, овде станува збор. Лично сметам, дека нема поголем срам за човештвото во новиот милениум, од овој однос кон луѓето од „третото доба”, кој се случуваше во меѓувреме.

Со што им помогнавме на нашите родители во овие за нив, крајно трауматични времиња? Дали со нешто ги охрабривме или во нешто им олеснивме? Како општество, како држава? Освен великодушните ограничувања, по сите основи. И во такви ограничувања стасуваа, да испазарат, да купат лекови, да видат и деца и внуци, да прошетаат домашно милениче или да прошетаат на воздух. И така истрауматизирани, стасаа секаде и останаа корисни? А најголем дел од нив и со кревко здравје и со сериозна потреба да бидат поткрепени и помагани. Им стаса ли на домашна адреса, барем по една заштитна маска и заштитни ракавици. Мала информативна брошура како да внимаваат на здравјето во вакви вонредни околности. Некое пакетче со витамини, или вредносен пакет со олеснувања при купувањето лекови? Или некаква осмислена социјална акција, со конкретна помош? Некој веќе спомна – да не се укина Министерството за труд и социјална политика, во меѓувреме? Пофалба на глупоста, за сите мерки што уште толку ги истрауматизираа граѓаните од оваа, дискриминирачка графа „плус 67”

„Прв знак за човековата глупост, е потполното отсуство на срам” – Фројд

A последново пазарење вчера, само ми го потврдува фактот дека ни за момент не престана бесрамното кревање на цените на прехрамбените артикли во време на кризата. И вчера лимонот, ѓумбирот, доматите, краставиците, вредеа цело мало богатство. Главицата лук стана вредна колку килограм јаболки. Маските, ракавиците, дезинфициентите, веќе ги спомнав. Стигнуваат опомени, затезни камати и закани со судски постапки и за само неколку неплатени сметки од месециве на криза. Дури и за одржување на заеднички простории во станбените објекти. А нели ќе имаше комплетно разбирање околу пролонгираното плаќање за сметките од овие месеци.

Без срам и перде, стрижат сите. Стриже секој! Кој кого и каде стаса. Сите го следат примерот на власта. Власта, која ги качува цените на горивата, дури во цел свет паѓаат. И попрво, врбата ќе роди грозје годинава, отколку власта, да смисли некаква асолна мерка или поволност, еве макар парцијално. Нешто за студентите, по примерот на Словенија, на пример? 150 евра по студент? Таман да си платат некоја кирија или некоја заостаната студиска рата. Ма јок. Пофалби и на глупоста и лудоста за оваа влада ќе стигнуваат и кога ќе си замине. Тоа е сигурно!

Некој одамна рекол, дека не можат да се кажат онолку мудрости, колку што можат да се смислат и премолчат глупости. А, глупоста е грев! Но уште поголем грев е премолчаната глупост! Освен ако маските и молчењето под нив, не им се укажат добра прилика на оние што ги препорачаа, да продолжат да смислуваат глупости и да уживаат во лудоста на неограничената власт, во најступидниве времиња од нашето живеење.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.