Михајло Маневски

Случајот РЕКЕТ веќе се претвори во одлична комедија, која сигурно може да ја добие најпрестижната награда од овој жанр. За кого беше наменето тоа громогласно кикотење на Лила Филиповска, повикана како “сведок” и една од најверните долгогодишни пријателки на Боки 13 на излегување од судската зграда? Таа ги предупреди новинарите “подалеку ќе ми ја растурите косата” и весело и театрално со бакнежи под закрила на придружникот (кој ли беше) ги поздрави со “чао друштво”.

Чао правда, чао Устав, чао закон, чао расипани, да се послужам со нејзиниот вокабулар? Идите у мајчину, за ништо не ве бива. Тоа се пораките на “сведокот” Лила Филиповска упатени пред се до јавниот обвинител кој не и укажа дека и во ШУТКА може да се направи добра фризура, како во најпрестижните монденски студија. Тоа се пораките до јавноста. Јас сум посилна од вас и ништо не ми можете! Тоа што бегав со Боки 13 со ташна полна со пари фатена на граница и му помогнав на сторител на кривично дело, никому ништо, тоа беше само онака ”другарски”.

Истрагата за РЕКЕТ стана обична лакрдија, а сега веќе и смејурија. Така е, кога на преден план се заложбите да се прикрие, а не да се одкрие целата вистина. Зошто однапред се стави брана од страна на Државниот обвинител дека нема ниту индиции за вмешаноста на политичари од власта во овој случај, кога истрагата сеуште не беше ниту одпочната, а камо ли завршена? Зошто таква изјава, која и послужи врвот на власта за одбрана и хорски секојдневно ја повторува? Ама во тоа никој не верува.

Овој грандиозен рекетарски криминал неможе да се прикрие. Тоа треба да им биде јасно на сите рекетари и криминалци кои сакаат да плачкаат бизнисмени со уцени и изнуди.

Финансиски тероризам

Случајот РЕКЕТ, по својот облик и начин на дејствивање, со рекетирање на огромен број бизнисмени за повеќе 12 до 15 милиони евра и со целосна вмешаност на претставници на извршната, законодавната и судската власт, преставува финансиски тероризам (sui generis) од огромни размери, со кој се подрива економскиот и правниот систем на државата, се руши довербата и сигурноста на бизнисот и довербата на граѓаните во системот заснован на криминал.

Ваков огромен криминал, како шо е случајот РЕКЕТ, не може да се изврши без учество на преставници и носители на функциите на власта. Власта е ставена во служба на рекетирање на бизнисмените со уцени и закани со масовно искористување на неовластено прислушуваните телефонски разговори.

Овака како што се одвива истрагата, силно ги подгрева не само сомнежите, туку објективните тврдења за очигледна необјективност и незаинтересираност за утврдување на вистината и за целосно расветлување на случајот. Истрагата се спроведува кротце, кротце, како она народната, турни ме да кинисам. Ова не е ниту брза, ниту објективна, ниту транспарентна истрага.

Истрагата за случајот РЕКЕТ да имаше само 5 % од посветеноста и односот до степен на омраза за непостоечко кривично дело тероризам, како за случајот 27 април, досега ќе беше завршена и ќе беше поднесено обвинение против десетици обвинети лица. Овака истрагата тапка место. Дури сега после 4 месеци се врши финансислка истрага!. Зошто се остави толкаво време? Да се прикријат фактите, да се уништат доказите, да не се одкријат парите што ги трошеше БОКИ 13 за купување на кралски круни, кралски одежди и чевли? Што се чекаше? Каде се парите? Што направи финансискаѕта полиција на која и била пријавена сомнителна трансакција од 750 илјади евра? Го затвори случајот и не презеде ништо. Зошто?

Неодминив е заклучокот, дека не само што не се сака да се расветли случајот, туку и дека се попречува правдата со неразбирливата пасивност и непреземање на потребни законски дејствија во истрагата, кои без одложување мора да се преземат.

Досега истрагата требаше да се прошири за повеќе тешки кривични дела сторени од многу голем број извршители, соучесници, соизвршители, помагачи, подтикнувачи, прикривачи и фалсификатори на ваков градиозен криминален случај на рекет со огромни размери. Но тоа не се случува, а како што стојат работите, тоа и нема ниту да се случи. Незнам што се чека? Дали не се подготвува режија случајот да се запре, за да не се оди подлабоко, затоа што е очигледно дека ќе ги зафатаи носителите на врвни функции на власта?. Има право пратеникот од Битола Александар Кирацовски, бившиот генсек на СДСМ, кој од Собраниска говорница порача: што сте запнале со тоа РЕКЕТ па РЕКЕТ? Оставете ги на мира да си рекетираат, што се мешате? Е, тоа е власта на СДСМ и Зоран Заев која живее со РЕКЕТ.

Не е ни чудо што истрагата се спроведува со задршка. По секоја цена се настојува да се забошоти одговорноста на повеќе лица за тешки кривични дела. Како стојат работите, таинственоста за притворот на специјалната обвинителка, како да е во стаклено звоно и најавите за здравствената состојба на притворените, нема да биде ништо чудно да се применат други поблаги мерки на обезбедување. Со честите најави за “здравствената состојба” на притворените, се создава простор за тоа. Во суштина, здравствената состојба ќе се користи само како изговор, а вистинскиот мотив е стравот тие да не пропејат за инволвираноста на функционери од власта, кои по секоја цена сакаат да се заштитат.

Но, тоа нема да им помине. Народот повеќе неможат да го лажат. Го понижија и го опљачкаа народот. За овој тежок и опасен криминал, мора да одговараат, ако се извлечат сега, ќе одговараат после неколку месеци. Немаат никава шанса да ја избегнат одговорноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.