Петар Поп-Арсов

Корона вирусот или Covid19, единствена тема која што во моментов не засега и го преокупира нашето внимание. Ќе се обидам преку оваа колумна, егзактно, концизно и без вообичаените метафори, да дадам сопствен придонес во севкупната општествена мобилизација и борба против заканата што веќе ја погаѓа целата планета.

Не е време за филозофирање! Не е време ниту за дигање паника! Време е за сериозен и дисциплиниран пристап, како и целосна мобилизација во секој поглед!

Светот се наоѓа во војна. Биолошка, психолошка, економска војна. Војна со невидлив напаѓач и непознат противник. Некои сметаат дека се работи за одговор на природата против начинот на кој што живееме на оваа планета. Други пак сметаат дека се работи за заговор и лабораториска креација на корона вирусот, единствената досега позната варијабла во сложената равенка која мора да ја решиме.

Добро е што македонското општество се мобилизираше. Добро е што првобитната хибернација, инертност и неодговорност, изразена преку примерот на директорката на Клиниката за кожни болести, беше заменет со будење од зимскиот сон и превземање на конкретни мерки. Прекинот на наставата беше првиот позитивен чекор. Забраната на масовни собири, затворањето на шопинг центрите, обложувалниците и угостителските објекти беа логичен след на понатамошните чекори. Затворањето на дел од граничните премини, охридскиот аеродром и забраната за влез на лица кои доаѓаат од земји со висок или среден ризик претставуваат показател дека сериозно е сфатена работата. Карантинот на Дебар и Центар Жупа беа неопходни. Одговорното и точно медиумско информирање позитивно влијаеше и влијае врз избегнување на ефектот на паника, кој што веќе е присутен во една голема, и од аспект на здравствен систем, супериорна Германија.

Чекорот на приватните здравствени институции, кои ги ставија сопствените капацитети на располагање во борбата против заканата од корона вирусот, е пример за поздравување и пофалба. Не е време за заработка и екстра профит. Така се покажува општествена одговорност во момети кога е најпотребно.

Избегнувањето на политичка пресметка и правење политички поени од оваа ситуација ги става и политичките партии рамо до рамо со погоре посочените позитивни примери. Да, не е време за политиканство и беспредметни пресметки во овој момент. Има денови за мегдан и одмерување на силите.

А изборите?

Изборите да се одложат!

Немам намера да дадам ниту еден аргумент во прилог на овој став. Излишно е! Аргументите се пред очите на секој македонски граѓанин кој го очекува овој логичен чекор од најповиканите политички партии со надеж дека сето внимание и капацитети ќе се стават во борба против заканата. Добро е што денес стигна информацијата дека лидерите на најголемите политички партии се на ист став по ова прашање.

Владата и Министерството за здравство, заедно со своите први луѓе, да ја зголемат активната компонента во своето делување и да не се препуштаат само на реактивната како резултат на укажувањата од поединци или општествени групи. Среќна околност е што до сега покажаа голема брзина на реактивност и прифаќање на укажувањата од експертската јавност. Но, ќе повторам, реактивноста мора да ја заменат со активен пристап!

Информациите кои беа денес споделени на пресот на лидерот на владејачката партија, дека е забранет влез на секој кој што доаѓа од земји со висок и среден ризик, ќе биде добро уште еднаш да се проверат. Директните информации кои што доаѓаат од граничните премини, кои досега не беа затворени, не го говорат истото. Влезот на наши државјани кои се враќаат од Италија и други европски земји се одвива непречено и без неопходните мерки на изолација или карантин. Информацијата дека на скопскиот аеродром не им се даваат насоки и препораки на пристигнатите од високоризичните земји, е исто така за сериозно преиспитување.

Реков дека не смееме да креваме паника, и несакам да бидам дел од таква активност, но не смееме и да ги премолчуваме информациите кои што доаѓаат до нас директно од теренот. Затоа, потребно е уште еднаш да се провери ефикасното функционирање на мерката за забрана на влез на лица од високоризичните земји и третманот на нашите државјани кои што доаѓаат од таму.

Секој од нас мора да биде дисциплиниран и максимално да се придржува до препораките за заштита и превенција. Самоизолацијата е неопходна. Нема да биде лесно, но мора да се издржи и да им се помогне на здравствените работници успешно да се справат со заканата. Лицата кои доаѓаат од странство да бидат внимателни и одговорни. Тоа што успеале да се извлечат од кризните жаришта во Италија, не значи дека истите треба да ги пренесат во Македонија, меѓу своите најблиски. Неопходно да се покаже висока свест, но истовремено државата да ги превземе сите потребни мерки кон оние кои што сеуште ја потценуваат опасноста и се однесуваат неодговорно.

Паралелно со здравствените мерки задолжително мора да се превземат и економски мерки, нешто кое веќе неколку дена доаѓаат како предлог и укажување од опозицијата. Неизбежно мораме да се прилагодиме на новонастанатата ситуација и да бидеме подготвени за криза која ќе трае повеќе од оние четиринаесет дена, кои веќе можеме да ги сметаме за чиста симболика.

На крајот сакам да изразам почит, поддршка и благодарност до сите оние кои што се на првите борбени линии во борбата со најголемата здравствена, економска и психолошка закана со која се соочуваме. Сепак, изразувањето на гола благодарност нема да биде доволно за да им помогнеме во нивните напори. Потребна е целосна општествена мобилизација, максимална организираност и координираност на сите инстанци!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.