Фатмир Бесими

Отчетноста е дел од фискалната транспарентост, која е највисокиот степен на контрола на јавните финансии. Oттаму, деталното и разбирливо образложување на предлог-буџетот, најзначајниот фискален документ кој се носи секоја година, е од суштинско значење за доброто управување со јавните финансии.

Буџетот е многу повеќе од биланс на приходи и расходи. Тој е сеопфатен план на сите политики и мерки кои Владата ги спроведува во текот на фискалната година. „Буџетот не е само серија на бројки на хартија, тој е отелотворување на нашите вредности“, вели поранешниот претседател на САД, Обама. Често се истакнува дека „буџетот е од граѓаните – за граѓаните“. Затоа е важно да се спроведува концептот граѓански буџет, односно претставување и доближување на обемен документ до граѓаните на разбирлив и едноставен начин. Во таа функција е и оваа колумна, за да се пренесе контекстот и решенијата кои ги предлагаме со буџетот за следната година поблиску до јавноста.

Неделава, Владата даде зелено светло за Предлог-буџетот за 2023 година, доставен од страна на Министерството за финансии. Овој документ понатаму ќе се расправа во домот на демократијата – Парламентот. Како министер за финансии ја имав честа, по усвојувањето на предлог-буџетот, да го претставам пред јавноста, од името на Владата. Отчетноста секако не завршува тука. Предлогот понатаму ќе се разгледува и дебатира во Собранието, а секако во меѓувреме ќе продолжиме да информираме за одделните ставки и решенија, да ги приближиме и објасниме во јавноста.

Со Предлог-буџетот за 2023 година започнува и примената на дел од одредбите на новиот Закон за буџети (Organic Budget Law). Овој реформски закон ќе донесе крупни промени во управувањето со јавните финансии. Предлог-буџетот за следната година официјално е првиот среднорочен буџет, кој дава поголема слика во однос на тоа кои се тековните предизвици за нашата економија и кои се целите кои сакаме да ги постигнеме на среден рок.

Глобален макроекономски контекст

Изминатите три години светот се соочува со крупни економски проблеми. Трета година по ред Владата предлага буџет во услови на глобална економска криза. Инфлацијата е на највисокото ниво во последните неколку декади. Висока е и неизвесноста поради руската инвазија на Украина, а тука се и долготрајните ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19. Се поголем дел од економиите се во фаза на забавување на растот или целосна контракција. Во 2022 година се очекува растот на глобалната економија двојно да забави во однос на претходната година (3,2% раст). Сепак она што загрижува, се очекувањата кризата да продолжи и следната година и тоа поинтензивно (согласно октомвриските проекции на ММФ глобалниот раст во 2023 ќе забави на 2,7%), кои се поизразени за европската економија, за која се очекува растот следната да забави на 0,7%. За германската економија, која е наш најзначаен трговски партнер, се предвидува пад од 0,3% догодина. Очекувања за глобалниот и економскиот раст во ЕУ во 2023 претставуваат најниски изгледи од 2001 година, освен периодот на глобалната финансиска криза и почетокот на пандемијата предизвикана од ковид-19.
Економската активност кај нас, годинава беше под влијание на предизвиците и неизвесностите предизвикани од глобалните фактори, но сепак економскиот раст беше задржан. Во првата половина на 2022 година тој достигна 2,6%. Позитивни остварувања има во услужниот, индустрискиот и земјоделскиот сектор, додека анализирано според расходната страна, зголемена е домашната побарувачка, односно зголемена е потрошувачката и зголемени се бруто-инвестициите.

Проекции за домашната економија за 2023 година и на среден рок

Како резултат на се погоре кажано, се очекуваат неповолни движења кај надворешната и домашната побарувачка, инвестициите во основни средства и потрошувачката. Но, мерките кои континуирано ги спроведуваме како Влада, се очекува да ги ублажат овие ефекти врз животниот стандард и ликвидноста на компаниите.
Согласно основното макроекономско сценарио, економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9%. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка. Инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но цените на енергентите и храната на меѓународните пазари ќе останат повисоки, затоа стапката е проектирана на 7,1%.
На среден рок проекциите се поинакви. Се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај нашите главни трговски партнери. Економските политики и мерки преточени во Планoт за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст, ќе дадат цврста основа за удвојување на економскиот раст кај нас, во однос на просекот од 2,5% во изминатата деценија. Согласно основното сценарио, просечниот раст на економската активност во периодот 2023-2027 година во земјава ќе достигне 4,6%, при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5%.
Инвестициите ќе играат клучна во економскиот раст и се очекува да забележат просечен годишен раст од околу 8%, што се должи на очекуваните зголемени приватни инвестиции, како и растот на капитални расходи. Соодносот на инвестициите наспроти БДП се очекува да се зголеми на над 40% во 2027 година. Како резултат на ова во периодот 2024-2027 година, растот на вработеноста ќе забрза на просечен годишен пораст од 3,2%. Ова ќе придонесе стапката на невработеност во 2027 година да се намали на 9,4%. Просечната нето-плата во овој период се очекува номинално да расте за 6,1% на годишно ниво.
Стапката на инфлација постепено ќе се стабилизира и од проектираните 7,1% во 2023 година, ќе се намали на 2,5% во 2024, додека среднорочно ќе се сведе на 2%.

Буџет кој ќе биде соодветен одговор на предизвиците кои ќе ги донесе 2023 година
Буџетот за 2023 година има специфична задача. Од една страна тој треба да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, додека од друга, треба да постави основа за економско заздравување, а потоа и забрзување на економскиот раст. Истовремено, Предлог-буџетот за 2023 година е во линија со нашата определба за фискална консолидација, а во насока на обезбедување на фискална одржливост. Дополнително, овој предлог обезбедува средства за непречено финансирање на евроатлантските интеграции.
За следната година приоритет е да се надминат предизвиците кои ќе ги донесе 2023 година. Затоа издвоивме средства во износ од 250 милиони евра за поддршка за надминување на кризата. Но, исто така предвидовме и високо ниво на средства за капитални расходи, за да ја поддржиме економската активност и покрај глобалното забавување на економијата.
На среден рок, преку структурни реформи и мерки, односно преку редизајнирање на структурата на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, на инвестиции во конкурентноста, дигитализацијата, поддршката на приватниот сектор и унапредувањето на инвестициската клима, ќе се дејствува кон поттикнување на економската активност и забрзување на економскиот раст. Креирањето на развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија, се исто така дел од оваа агенда. Притоа, се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и проекти на приватниот сектор.
Фискалната одржливост мора да се обезбеди. Затоа цврсто остануваме на определбата за постепена фискална консолидација, која нема да му наштети на економскиот раст. Од почетокот на кризата наваму, постепено го намалуваме буџетскиот дефицит и наша цел е на среден рок тој да се сведе под 3%, односно под Мастрихшкиот критериум. Планираната фискална консолидација опфаќа подобрување на наплатата на буџетските приходи преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, понатаму, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, односно нивна поголема диверзификација.

Подетално за билансот приходи и расходи

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2023 година се планирани на ниво од 282 милијарди денари и истите се за 14,8% повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6% повисоки во однос на 2022 година, односно ова укажува дека продолжуваме со определбата за постепена фискална консолидација. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,6% од планираниот БДП, односно за 0,7 процентни поени пониско во однос на проекцијата за оваа година.

Проекциите за приходите на Буџетот за 2023 година се базираат на реализација на приходите во тековната 2022 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи. За остварување на проекциите на приходите планирани се мерки и активности во насока на: подобрување на постојната даночна регулатива, намалување на даночната евазија, воведување на напредни технологии; модернизација и автоматизација на работните процеси, зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање на приходи, зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација.

Во однос на расходната страна, тековните расходи за 2023 година се планирани во износ од 275,9 милијарди денари и истите се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.

Расходите за исплата на плати се проектирани согласно постојните законски решенија и изнесуваат 34,9 милијарди денари. Во однос на тековната година, сумата е повисока за 1,6 милијарди денари, но ова е во насока на усогласување со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија. Инаку, продолжуваме со определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор.

Тековните трансфери и субвенции се планирани на ниво од 204,5 милијарди денари, односно повеќе за 7,8% или за околу 14,7 милијарди денари повисоки расходи во однос на 2022 година.

Во рамки на социјалните трансфери се планирани 75 милијарди денари за исплата на пензии, односно за околу 10% повеќе во однос на годинава, со цел да се обезбедат средства за усогласувањето на пензиите со растот на просечната плата и со трошоците за живот, по систем 50%-50%. Тука се предвидени и 12,5 милијарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението. Исто така, по 1,5 милијарди денари се планирани за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и за активни мерки за вработување.
За здравствената заштита се планирани дополнителни 3,9 милијарди денари во однос на 2022 година и изнесува 42,1 милијарди денари, со цел финансирање на здравствените услуги, но и исплата на обврски на јавните здравствени установи.
Предвидени се и субвенции за справување со кризните состојби за снабдување со неопходните енергенси и стимулирање на домашното производство на електрична енергија. Исто така, издвоени се средства за субвенции за поддршка на земјоделскиот сектор, со цел зголемување на домашното растително и животинско производство и стимулирање на приносите. Планирани се средства за субвенции на приватниот сектор, наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативната дејност, технолошкиот развој и истражувањето, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.
Со новиот буџет, ги зголемуваме и трансферите до единиците за локална самоуправа, согласно реформата која ја започнавме во фискалната децентрализација. Имено, процентот на приходи од ДДВ кои се распределувааат на општините е зголемен од 4,5% на 5,5%. Средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за воедначување. Обезбедени се и дополнителни средства за блок и наменски дотации до општините за финансирање на зголемените плати за 15% во основното и средно образование на локално ниво и 15% за воспитувачи и негователки во детските градинки.
Златно правило: инвестиции повисоки од буџетскиот дефицит

Она што е особено значајно и со право на овој буџет му го дава епитетот развоен е тоа што Буџетот за 2023 година се заснива на „златното правило“ во јавните финансии. Златното правило е – капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно да се позајмува само за да се проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата, ќе го забрзаат растот и придонесат за подобрување на животот на нашите граѓани.
Со овој буџет планираме капитални расходи на ниво од 48,9 милијарди денари (791 милиони евра) или за околу 52,3% повисоки во однос на проекцијата за 2022 година. Планирано е интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во интерес на просторот и читливоста, ќе споменам само дел од проектите опфатени во оваа сума.
Планирани се значајни инвестиции во областа на патната инфраструктура. Тука спаѓа проширување на автопат Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа–Струга–Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и на делницата Прилеп–Битола. Дополнително, преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Ќе продолжи и изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и на западниот дел од патниот Коридор 8, автопатската делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-Охрид. Со заем од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце.
Во 2023 година е планирано да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, а исто така предвидени се и средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка. Среднорочно е потврдено финансирањето на железничката пруга Кичево-Лин (Албанија) од ЕБОР и ЕИБ.
Има голем број на капитални проекти и од аспект на животната средина. Продолжува и Проектот за поддршка на подобрување на општинските услуги, со кој се финансираат капитални проекти во општините. Ќе продолжи и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините.
За здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема.
За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура. Ќе продолжи со реализацијата на Проектот за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта.
Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови објекти и пренамена на постоечки за предучилишни институции, во 2023 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги.
Предвидени се и значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Финансирање на дефицитот и старите долгови преку најповолни извори и предвремен откуп на долг

Во однос на финансирањето на буџетот, односно проектираниот дефицит и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, по основ на стари досепани обврски, од кои скоро половина е еврообврзницата од 2016 година, ќе се изврши од домашни и надворешни извори.

Домашното задолжување ќе се реализира преку државни хартии од вредност или домашен заем, додека во странство преку издавање на должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, повлекување на транша од Линијата за претпазливост и ликвидност од ММФ и поволни средства од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит. Изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Со цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и следење на светската практика, Министерството за финансии работи на диверзификација на изворите на финансирање и воведување на нови видови на финансиски инструменти кои ќе имаат различна примена. Такви се на пример, развојните обврзници – со кои ќе се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата, зелените обврзници – за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и се специјално наменети за финансирање еколошки проекти, проектни обврзници – кои ќе претставуваат алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура и развојни обврзници за граѓаните – со цел да се мобилизира капитал, кој е во форма на готовинска заштеда кај граѓаните и можност за инвестирање во овие хартии од вредност од страна на дијаспората.

Очекувани резултати
Сосема на крајот, накусо за очекуваните резултати од овие политики. Редефинираната буџетска рамка ќе обезбеди навремен и соодветен фискален одговор на влошениот глобален макроекономски контекст и одржлива позиција на јавните финансии во услови на зголемена неизвесност. Буџетската поддршка за ублажување на ценовните шокови и субвенционирањето на електроенергетскиот систем се во насока на зачувување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на фирмите. Реализацијата на капиталните расходи и инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, ќе генерира позитивни мултипликативни ефекти врз економскиот раст на среден рок и ќе ја забрза реалната економска конвергенција кон европските економии.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.