Дафина Стојаноска

Бремената жена, и со новиот Закон за прекинување на бременоста, повторно самата ќе ја носи одлуката и нејзината одлука ќе биде конечна. Истото беше и со претходниот закон.

Ако советувањата од психолог и социолог и други стручни лица беа протолкувани како малтретирања, јас напротив, сметам дека беа добра можност да се поразговара со бремената жена и идна мајка и да и’ се објаснат сите привилегии на мајчинството, како и сите ризици кои еден абортус ги носи со себе, особено кога се работи за идна прворотка.

И никако не прифаќам дека ВМРО-ДПМНЕ во 2013 – та година го донел овој Закон за да ги малтретира жените. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ овој Закон го вовел заради многу поблагородни цели, заради зголемување на поколенијата, заради обезбедување на иднина на оваа земја, заради задржување на традицијата, на семејството и на семејните вредности. Без раѓање на деца, ниту една земја нема иднина.

Исто така, не можам комплетно да се согласам дека овој Закон ги засега само жените. Каде е тука улогата на таткото? Нели сите ние сме рамноправни?

Тоа што биологијата и’ ја подарила таа благословена улога на жената да го носи плодот во својата утроба, да го чувствува развивањето на тој плод под своја кожа, ни малку не значи дека и таткото нема право во носењето на одлуката за иднината на еден зачнат живот. Зарем ќе и’ се спротивставиме на природата?

Јас повеќе се залагам за тоа да водиме една сериозна битка против несаканата бременост, да водиме уште посериозна битка против нелегалните абортуси. Со ова законско решение јас воопшто не предвидувам дека нешто ќе се направи во овој правец. Напротив, тоа што во само еден ден бремената жена ќе одлучи да направи абортус и истиот абортус ќе биде извршен во тој ден, не значи дека нелегалните абортуси нема да продолжат. Нелегалниот абортус се прави заради други причини, а не заради избегнувања на советувањата.

Ќе се согласам само во една критика кон носењето на претходниот Закон за прекинување на бременоста, а тоа е дека не смеело да се донесе по скратена постапка. И можеби само за овој закон сдс се изјасни дека е против носењето закони по скратена постапка. За сите останати закони го практикува, и тоа како, носењето по скратена постапка.

Јас сакам да наведам неколку примери кои можеби ќе ве наведат дополнително да размислите која ми е пораката:

Дали нема случаи кога бремена жена, заради икс причини, го носи плодот и раѓа дете без нејзина согласност?

Има ли разлика кога бремената жена го носи и чува плодот во својата утроба со љубов и смиреност и кога бремената жена е нервозна и против нејзината волја раѓа дете кое не го сака?

Исто така, има и случаи кога бремената жена силно сака да го роди детето, но, повторно од икс причини, таа одлучува да го абортира.

И зарем не сметате дека на ваквите случаи им е неопходно потребно советување од стручни лица? Зарем три дена се многу или се малтретирање, кога се работи за животна одлука?

Зарем е лошо да се укаже на опасностите кои ги носи абортусот за една млада девојка која првпат останува бремена? Што ќе се случи со нејзината матка и нејзината иднина, кога еден ден ќе реши да остане бремена, а не ќе може?

Па, ние на кројач или на чевлар кога одиме, се случува да бидеме вратени неколку пати, бидејќи мајсторот не стигнал на време да ни ги сработи нарачките.

Малтертирање за мене е кога некому насилно му се наметнува нешто, што е против негова волја. На крајот на краиштата, сите се согласуваме и се согласивме со тоа дека бремената жена секогаш ја има конечната одлука.

Затоа, апсолутно тврдам дека, пред носењето одлука за прекинување на бременоста, жената мора и треба да ги знае сите можни ризици од абортусот, како и сите позитивни страни на мајчинството.

Сакам да го споделам и мојот личен пример, кога за првпат забременив. Веднаш после моето дипломирање останав непланирано бремена од момчето кое е денес мој сопруг и со кого дотогаш бев во 10 – годишна врска. Во првиот момент, кога докторот ми ја соопшти веста, јас бев шокирана, бидејќи ми се расипаа сите планови за тоа да одморам од 6 – годишните студии, па да се вработам и сама да спечалам пари за мојата свадба и дури после сето тоа да испланирам дете. Докторот гинеколог кој ми ја соопшти веста и кој ја прочита реакцијата на моето лице, само ме испрати и ми рече: „ Немој заради една мала грешка, да направиш животна грешка“. Имав време добро да размислам, да разговарам со мојот иден сопруг и со нашите родители. На крајот ја донесов одлуката, за која до ден денешен не сум се покајала.

На јавната расправа за овој Закон споделив уште еден личен настан, кој никогаш нема да го заборавам. Уште како мала имав проблеми со алергии и отидов кај прочуениот дерматолог во мојот град. После консултациите и прегледот, докторот ме праша чива ќерка сум. Кога дозна која сум и чива сум, ми рече кај што ќе го видам, да му се јавувам, да го поздравувам и да му бидам вечно благодарна, бидејќи заради него јас сум била родена. Бев изненадена и не сфатив што сака да ми каже. Ми раскажа дека тој ги сретнал моите родители во далечната 1974 – та, кога оделе во болница, за мајка ми да ме абортира. Поразговарал со нив и им ја променил одлуката.

Некогаш, и еден случаен разговор менува судбински одлуки.

Затоа, не се согласувам со тоа дека тридневните советувања биле малтретирања за една бремена жена која можеби и не е свесна дека носи животна одлука? Напротив, јас сметам дека тие советувања беа најдобронамерни и дека имаа влијание врз многу идни мајки.

Јас сум жена и мајка и очигледно е дека, по однос на овој Закон, имам малку поразлични гледишта од повеќето жени.

Сите велат дека жената, и само жената, има право на избор. Јас велам дека секој, а не само жената, има и мора да има право на избор. Така е според сите Закони и според Уставот.

Но, повторно има но. Дали жената во овој случај е доволно свесна дека, правејќи го изборот за кој таа во моментот смета дека е најдобар, не прави избор кој се противи на еден нов живот?

Можеби ќе прејдам во филозофски размислувања, но сакам да ми ја сфатите пораката и мојата загриженост.

Јас денес, доколку пишував исклучиво како пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бев строго против овој Закон, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е партија која се темели врз семејството, семејните вредности и традицијата.

Јас денес пишувам како жена која ги слушна сите излагања на јавната расправа по овој Закон, која ги увиде сите размислувања на колешките, но која сепак има поинаков став и жали што за овој Закон остана како непишано правило, дека само пратеничките и само жените се засегнати.

Тоа што жената раѓа, не значи дека мажот не е и не треба да биде засегнат со овој Закон. И тоа како мажите можеа и требаа да го кажат својот став. Ако сме за рамноправност, тогаш и овде требаше таа рамноправност да биде застапена.

Самите сме контрадикторни: од една страна бараме и таткото да добие и да има право на родителско отсуство, а од друга страна оставаме и бараме само жената да одлучува за живот кој е зачнат заедно со мажот.

Се надевам дека барем јавноста ќе разбере која е мојата загриженост и зошто мојата конечна одлука беше да бидам воздржана. Не гласав против, само заради тоа што повеќето мои сопартијки се изјаснија дека ќе гласаат за. Не гласав ниту за, затоа што се’уште останува мојата загриженост за борбата против несаканата бременост и борбата против нелегалните абортуси, кои со овој Закон тврдам дека нема да се намалат.

Ако, за крај, ги споменам и оние жени кои силно се борат и мачат да забременат, сметам дека кон нив сме навистина бесчувствителни.

Мојот заклучок и мојот краен апел е дека жената ќе ја заштитиме од едни вакви тешки одлуки и нелегални абортуси, само доколку сите заедно се избориме и изнајдеме заедничко решение за несаканата бременост.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.