Алдо Климан

Господине Туск и господине Пендаровски,

на својата плитка, импровизирана заедничка конференција за медиумите се удавивте во шупливи, евтини, салонски, евро-заевски политикантски фрази без каква и да е политичка и прагматична длабочина, тежина и значење. Тоа ваше заемно меѓународно глуматање под бриселските „холивудски“ рефлектори и микрофони претставува, што би рекол црпнатиот Заев, вистински „блескотен пример!“ на непремостливо длабока цивилизациска празнина и патолошко, голо и апсолутно бесрамно лицемерство, што едноставно веќе станува неподносливо, и не само за нас Македонците…

Но, мора да се признае, во едно нешто сосема успеавте: многу сугестивно, уверливо и надреално компатибилно си се претставивте како двајца вистински претставници на европската морална застоеност и гнилост, од една, и на таговната северџанска лудост и поместеност од животната стварност, од друга страна.

Најнапред, господине Туск, пред да му ги „послужите“ на својот дипломатски поддавалник, онака набодени на чепкалки, сладникавите канапе-комплименти и кока-кола-фрази на манекенот од заевско-големоалбанскиот пејзаж Стево Пендаровски, исфразиравте неколку интересни работи; но веднаш да се разбереме, не се интересни заради тоа што би биле оригинални, интелигентни и вдахновени, туку токму спротивното, а јас малку ќе ги разделам на нивните бедни составни делови, и ќе ги прокоментирам од аспектот на еден обичен македонски граѓанин, заедно со сите мои сонародници што ве слушаат и го гледаат тој најскапо платен, а ужасно здодевен, ултра-рутински перформанс на сета таа „евроинтегративна“ мизерија со која со години нѐ малтретирате.

Туск, реченица бр. 1: Направивте сè што се очекуваше од вас, но да бидам искрен – не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите за членство во наредните денови.

Туск, реченица бр. 2: Прашањето е не „дали“, туку „кога“ ќе почнат.

Туск, реченица бр. 3: Внимателен сум за ова прашање бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал.

И токму овие три реченици најдобро говорат за подмолната, безобѕирна и валкана, предаторска „политика“ на ЕУ кон Република Македонија и кон македонскиот народ, но и за вас лично, господине Туск, како еден од нејзините „искрени“ првенци.

Имено, кога ни соопштувате дека „не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите…“ – можете ли исто така „искрено“ да ни соопштите и кога, во кој момент вие лично дознавте за тој фак(т) (натаму: „фак“) на одбивање? Ако вам како на претседател на Европскиот совет не ви биле отсекогаш, или одамна познати таквите резолутни ставови на членките на ЕУ – тогаш, простете, но морам искрено да ви кажам дека вие сте сосема неспособен евро-политичар и воопшто не го заслужувате тоа важно политичко место. Зашто, господине Туск, тој „фак“ на одбивање од страна „на некои земји членки“ што вие не го знаевте па наеднаш ве изненадил (?!), одамна си го знае секој најобичен македонски граѓанин, што значи дека тоа ваше место на претседател на Советот на ЕУ, господине Туск, би требало да му го отстапите на некој Македонец. Па не може ЕУ да ја води некој што не знае такви релевантни „фак“ нешта што му се случуваат во „ЕУ-дуќанот“.

Од друга страна, ако тој „фак“ ви бил познат, а зборувам и за вас и за сета онаа бедна и варварска глутница европски лидери што бесрамно и надуено доаѓаа овде во Македонија и преку видео бимови ни ги истресуваа своите ступидни пораки: „Или Да за Преспанскиот договор (т.е. поништување на Република Македонија, создавање нова држава и национално самоубиство) – или изолација“, и слични свинштини – тогаш сите вие, господине Туск, сте длабоко и непоправливо расипани и подмолни политичари, врз кои не може да се потпира една цивилизирана, хуманистичка и солидарна Европа, каква што некогаш во минатото ја познававме, и која токму таквите ја рашрафија и од неа направија легло на црно бирократско братство.

Од трета страна, пак, ако ова „фак“ одбивање „на некои земји членки“ на Република Македонија да ѝ се даде датум за започнување на преговорите се случило одненадеж, пред ден-два-три, иако пред тоа сите вие таму до последниот момент до бесвест бевте бескрајно „за“ и бескрајно „искрени“, и врз нас ги применувавте првите екстремни експериментални „балкански методи“ за виртуелен етно-суицид, тогаш, господине Туск, каква ви е таа пос.ана Европска Унија, во која таквите „неочекувани“ пресврти се можни од вчера до денес? Па, секоја добра државна и секаква друга организација мора да има цврста, квалитетна и јасна проекција на иднината, а не да се однесува како некогашните дисфункционални земји од Третиот свет во кои од вчера до утре беа можни и се случуваа такви ступидни пресврти. Прво сите заедно бевте како еден, орук, „Македонија ќе ја правиме европска држава“, а потоа наеднаш „…некои земји членки“ велат „Не…“ И сега  вие тоа „искрено“ ни го соопштувате. Е, па многу ви благодариме за таа „искреност“! 

Но да не го заборавам и оној ваш мал фантастичен „додаток“ на крајот од првата реченица кога рековте не „…во наредните денови“. Ако се работи за „наредните денови“, господине Туск, тогаш нема никаков проблем. Па толку трпение имаме. Ако се работи за „наредните денови“, па не морал пенкало-манекенот Пендаровски да ви доаѓа дури во Брисел и да организирате „гламурозни“ конференции за медиумите. Ако се работело за „наредните денови“, па не мораат низ Европа како напорни продавачи на правосмукалки од врата до врата да чукаат големобратските евроинтегративци Димитров и Османи. И на крајот, ако станува збор само за неколку „наредни денови“, не мора ни црпнатиот Заев да оди кај госпоѓа Меркел да ѝ здодева и да ја уверува во она во што никако не може да ја увери. Значи, ако се работи само за неколку „наредни денови“, сите ние, целиот народ, сложно ќе си се стрпевме, и немаше потреба сите тие шутраци да трчаат наоколу и бадијала да ги трошат народните пари за „дипломатски убедувања“, однапред осудени на целосен неуспех.

Но не се работи само за неколку „наредни денови“, нели, почитуван и многу „искрен“ господине Туск? Се работи за малку повеќе време и малку повеќе проблеми, што мирисаат на „никогаш“.

Па, зошто тогаш, „искрен“ господине Туск, нѐ лажете вака јавно и вака бесрамно од „светата“ бриселска говорница?! Или пак е во прашање само вообичаениот „европски метод“ што на меѓународната сцена го донесе и го промовира вашата генерација безидејни но лицемерни европски политичари?

А целосната безидејност, господине Туск, настојувате да ја замените со некакви божемни шекспировски тези за почетокот на преговорите. Велите:  Прашањето е не „дали“, туку „кога“ ќе почнат. Но вие, „искрен“ господине Туск, не сте Шекспир. Вие сте само еден обичен евро-унитарен бирократ, со научени фрази. Зашто „шекспировскиот“ одговор што следува по вашата „хамлетовска“ досетка веќе го знаеме и самите ние, а гласи: „Да, преговорите ќе започнат еднаш во иднината, а во бесконечно далечната иднина, пак, дури би можеле и да завршат, ако ЕУ дотогаш сеуште постои“.

И, ете, тоа нѐ доведе до вашата последна „искрена“ реченица: Внимателен сум за ова прашање – велите – бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал.

Тоа ваше „подогло“, господине Туск, е многу, многу, дури бескрајно подолго од оној ваш „искрен“ додаток: „… во наредните денови“.

Едноставно, господине Туск, ова ви беше еден апсолутно кутар и неуверлив настап на конференција за медиумите, големо промашување, и се виде дека едвај чекавте конференцијата да заврши, исто како што и госпоѓа Меркел сигурно едвај чека некако да помине претстојното најавено мачење со Заев на кој „железната фрау“ ќе мора да му каже: „Не, не, не Заев, нема брз датум“, и да го испрати во неговата Северџанија за натаму да лаже и да измислува дека сѐ е во ред, и оти, ако не биде јуни, ќе биде јули, ако не јули, тогаш август, ако не август, тогаш септември, можеби октомври, или ноември, или декември, или…

Ах, да, на конференцијата во Брисел учествуваше и „клајдерштокот“ Пендаровски и од своето несовитливо и нескршливо „државничко“ ниво свечено изјави: „Со договорот за добросоедство со Бугарија и со Спогодбата од Преспа се ослободивме од товарот на минатото“. А под „товарот“ се подразбираат изворното национално-историско и културно минато на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет, со еден збор: „се ослободивме“ од сѐ што е наше, македонско.

Да, да, тоа беше една негова навистина искрена велепредавничка изјава, во духот на „лидерските и храбри одлуки“ на заевско-големоалбанските идеи за нивната новосоздадена, привремена вештачка државна творбичка Северџанија.

Аферим!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.