Весна Јаневска

Министерката за образование и наука објавува ексклузивна и особено значајна вест за образованието во Македонија, обзнанувајќи дека во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ од населба Хром, целосно се имплементираат реформите за прво и четврто одделение, а дигитализацијата се спроведува соодветно.

Што тоа се случи за Мила Царовска целата напредна, модерна реформа од 23 век, таканареченета дигитализација во образованието да ја сведе на констатацијата „Целосно се имплементираат реформи и дигитализацијата соодветно се спроведува“ во едно училиште во Македонија и тоа во главниот град Скопје.

Што значи тоа соодветно се спроведува? Знае некој? Нема бројки, нема колку ученици имаат дигитален уред од вкупнниот број, нема колку ученици дополнително ги испечатиле улебниците во ПДФ-формат. Нема по колку време учениците се на таблет и на него решаваат задачи. Всушност и не решаваат затоа што учебниците не се дигитализирани, а и да се, не се на платформа, а и да се, интернетот паѓа. Има ли и функционираат ли смарт таблите? Имало интеракција, вели Министерката, небаре досега немало.

Добро е кога во образложенијата има ред, па да почнеме од дигитализацијата. Нема сомнение дека таа комплетно пропадна, затоа што дигитални учебници не се создадоа. Истото беше очекувано и не е изненадувње. Тоа е процес кој изискува и знаење и умешност, но и време. Учебниците направени за месец и половина не само што не се дигитални, туку во некои од нив има навистина дискутабилни содржини. Токму овие содржини, дискутабилни, или како Министерката ги нарекуваше спорни, беа причина за повлекување на старите учебници.

Значи направена е погрешна проценка за времето потребно за почеток и имплементација на една општо неприфатлива реформа.

Дигитални уреди понекаде се поделија, но несоодветно и недоволно. Така кажуваат директори кои добиле на пример 60 таблети, а имаат 82 деца од ранливи категории. Одлуката кој да остане без таблет оставиле наставникот да ја носи. Огорчени се.  Смарт табли исто така се дистрибуирани во поедини училишта. Некаде фалат камери, некаде микрофони, а најчесто двете, што значи смарт табли нема. Дополнителен проблем, наставниците не се обучеи како да ги користат. Очајни се. Толку од корисните обуки, за кои во континуитет зборува Министерката.

Хартиени учебници за учениците од четврто одделение се доставени само за околу 30% од учениците, според изјавита на Министерката. Тие се наменети за учениците кои немаат ниту интернет, ниту дигитален уред, а ниту струја. За жал не се тоа шпекулации за струјата, но вистина е и дека Министерството во ниту еден момент не објави точна бројка на ученици во рурални средини кои немаат струја во поголем дел, или во одреден дел од деноноќието. Е овие деца според препорака на Министерката кога немаат струја треба да учат во библиотека. Добро е што добија книги, ако ги добија, затоа што таму каде што немаат струја ни библиотеки нема.

Учебници за останатите одделенија, оние кои не се опфатени со реформата, нема. Министерката решила да не ги печати, затоа што било скапо, па така децата учат од некакви остатоци од учебници употребувани 5 до 6 години. Во Македонија учебниците за основно и средно образование ги обезбедува државата по закон и тие се бесплатни за учениците, по закон. Во даденава ситуација законот не важи. Зошто? Зошто училиштата не порачале доволен број учебници, одговара Министерката. Кој родител на ученик го интересира префрлањето на одговорноста меѓу надлежните? Родителите ги интересираат книгите, парите кои треба да ги дадат од сопствениот буџет и условите.

Стигнавме до условите. Мила Царовска, иако не знае колку ученици немаат интернет, колку наставници не знаат да ракуваат со смарт табли и слични проблеми, како експерт по здравство, епидемиологија и вирологија тврди дека пренос на вирусот во училиштата нема. Порталите пак велат друго и ги објавуваат Велес, Прилеп, Охрид во кои цели одделенија се испратени во изолација. Наставниците пак кажуваат дека и тие се позитивни и во изолација. Нема потреба да го пресметуваме процентот кој Министерката го соопштува за да изгледа бројката мала, мене ме интересера по кој знае кој пат прашувам кој штелува и зошто податоци. Преплашените наставници и директори, кои се плашат и од сенката на Министерката, директорите кои свесно сакаат да прикажат подобра состојба отколку што е за себе си да се прикажат во убаво светло, или Министерката? Целта е јасна од каде и да доаѓа фингирањето. Блескаме, гласајте не пак!

Со иста цел огромен број на училишта во овој момент се реновираат, а учениците учат онлајн и покрај ,,сесрдната заложба“ на Министерката учениците да учат со физичко присуство. Нема секаде услови за физичко присуство, вистина е. Натрупани се децата во една просторија со саати, сега со отворени прозорци, а во ноември пак со отворени прозорци и јакни и ракавици на рацете. Тоалетите, навистина некаде малку средени, но во голем дел несоодветни за вакви мерки какви што Министерството препорачува. Мерките неспроведливи. Впечатокот е дека нема крај на манипулациите и фингираните изјави. Сѐ со цел ,,Блескаме“, гласајте не пак!

Нема потреба. Ако има искрена желба за добробит на учениците, ако има искрена волја за унапредување на образованието, нема потреба сами себе да се лажеме. Училиштето ,,Димитар Поп Георгиев Беровски“ беше едно од училиштата кое наставата не ја почна на 1 Септември, заради бојкот на родителите, кои не сакаа нивните деца од трето и петто одделение да учат во преградени и премали по квадратура училници. Ова училиште не ги исполнува условите за работа и во нормални услови, а не во пандемија, велат родители. Важно ,,целосно се имплементираат реформите за прво и четврто одделение, а дигитализацијата се спроведува соодветно“, вели Министерката.

Сите незадоволни, родители, наставници, ученици, сите нервозни и деконцентрирани, молчат, не мислат дека со својот говор нешто ќе сменат. Сите на сѐ друго мислат само на знаење не.

И министерката не мисли на знаењето, таа мисли на избори. Пораката е “Блескаме“ , а вие што немате струја дома учете во библиотека која ја нема во селото.

Јас пак си мислам, сѐ е во наши раце, може да се смени.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.