Васко Шутаров

Во годините пред распадот на Југославија, заразно се ширеше еден урбан хумор, со сараевски шмек. Милиони посетители ги полнеа театрите низ тогашната федерација, за да се насмеат на оригиналните ликови од култната претстава „Аудиција”. На малите екрани, милионски аудиториум се смееше на урнебесниот сараевски серијал „Топ листа надреалиста”. И кога низ урнебесни скечеви се најавуваше распадот на државата, публиката повеќе сакаше да се забавува а не да верува во сè поизвесната реалност на блискиот распад. Публиката одбра да се кикоти и забавува. На прагот на едно од најтешките времиња во овој дел на Европа, послатко беше да се раскажуваат откачените реплики на надреалистите Др Неле и Ѓура, јунаците од Аудиција- Симонида Пухало и Мими од Хај-Нехај. Но, ни здравиот хумор ни добриот рокенрол не ги спасија, ни Сараево ни Југославија од најголемите воени стравотии во Европа, после Втората светска војна. А хај- нехајот си остана и во годините на распадот и потоа, синоним за тривијална леснотија на живеење, во едни брутално сериозни времиња. Од тие времиња остана во сеќавањето уште една алегорија. За луѓето кои одбраа тивко да предупредуваат и размислуваат како да се осмислат решенија за мирно разијдување во годините пред распадот-и на кои не им беше до смеење. Ним, со потсмев им се довикуваше -„Еј, не бидете сериозни како Кинези!” или „Баш си мудар и трпелив, како древен Кинез!”.

За белосветскиот хај-нехај

Зошто асоцијацијата за хај-нехајот и трпението и мудроста на древните Кинези, во актуелниов контекст во време на светска пандемија со коронавирусот? Затоа што светот исправен пред најновите оловни времиња, во хај-нехај расположение начека еден значаен дел од најголемите светски лидери, кои повеќе време изгубија во избор на најпогрдни пежоративи за вирусот. Побитно беше инсистирањето, задолжително вирусот да се нарече „кинески” или „Вухан-вирус”, наместо да си ги подготвуваат државите и населенијата за надоаѓачката опасност од него. Кинезите во меѓувреме, најсериозно се престроија, покажувајќи исклучителна сериозност во демонстрирањето функционалност на сите државни институции, но и демонстрирање на она што претставува во пракса, традиционалната умешност да се биде мудар и трпелив кога е најтешко, како Кинез. И за неполни три месеци се справија со кризата и веќе демонстрираат светска превласт, а Кина во моментов е единствена светска сила што нуди ресурси и знаења во справувањето со пандемијата. Секаде, каде што до вчера си играа хај-нехај со нив и со надоаѓачката вирусна опасност.

За домашниот хај-нехај

Имаме сега време колку сакаме за промислување, за годините зад нас, месециве од годинава што ги искачуваме како најстрмна планина, за годините што претстојат пред нас. И не е лесно да се изусти признанието дека, барем за нас Македонците, нема поминато година, која не е одбележана со некоја тешкотија за долго паметење. Но, годинава ни е посебно тешка, а чувството на беспомошност, страв, очај и чемер, никогаш вака не биле изразени. А имаме и реални причини за тоа. Нашите потешкотии се навистина автентични и личат токму на нас. Најнапред, вонредниве времиња нè снајдоа со техничка влада, првобитно замислена само со технички функции од државно-правен аспект, за реализација на претстојните избори. И со владини функционери, во најголем дел со разнишан авторитет, со малку или никакви реални резултати зад себе, бројни афери и зрели за заминување. Токму, кога реално нуждата ни наметнува најсериозни решенија и проблеми, кога по природа на нештата би требало да имаме врвна експертска , вонредна состојба тренираме со влада, со веќе потрошени кредити меѓу граѓаните. Од друга страна, вонредните мерки што ни се наметнати, многу малку сме склони да ги почитуваме со дисциплина и истрајност, на древните и модерните Кинези. Нам и по менталитет ни е поблиска животната филозофија на Медитеранот, со неизбежниот балканскиот шмек за фаќање кривини-„ама не бев никаде, скокнав само на час по англиски, кај една пријателка”. И третиот, не помалку страшен хендикеп. А тоа е, отсуството на било какво чувство за меѓународна солидарност (ако ја исклучиме кинеската), распадот на јавното здравство во низа западни земји, галопирачкото ниво на смртност на пациенти во држави кон кои со години, децении наназад, негувавме силна емпатија, респект и перцепција како кон држави за пример.

Нашиот домашен хај-нехај, е сам по себе и крајно контроверзен. Со невидена леснотија го прифативме трендот на тренирање вонредна состојба, а во вонредноста најголема неподготвеност и неснаоѓање доживуваме токму од креаторите на вонредните мерки. Пропуштивме ли некоја издржана и сериозна анализа за сеопфатни економски мерки, што ќе ни дадат каква-таква сигурност и барем малку релаксирaчко чувство, дека не се лизгаме кон неизбежен банкрот? Толку ли е тешко во држава од таков формат и лесно мерлив капитален обрт, со конкретни параметри, временски рокови и проекции, промптни мерки и акции, да се дизајнираат контурите на нашиот опстанок? Хај-нехај создава чувството кога слушаме паушални наддавања од првите луѓе на македонските финансии и изјави од типот „првиот пакет-мерки грубо кажано ќе не чини околу 40 милиони евра, а со вториот сет на мерки допрва ќе излеземе со конкретни бројки и тоа во груба проценка би не чинело 100 до 120 милиони евра”. После цел еден месец, со веќе на колена клекната економија, ова не е само хај-нехај, ова е непристојност и крајна некомпетентност во справувањето со економските перформанси на државата. Ако кон ова го додадеме непримерниот мачоизам на сега веќе бившиот премиер, кој наложува економски мерки на актуелната власт од позиција на партиски лидер, истовремено повикувајќи на солидарност но и лицитирајќи и со две или три милијарди евра, кои би нè спасиле, ама ги немаме. Катастрофа во најава-или колапс што веќе го живееме?

Пропуштивме ли во актуелниов хај-нехај, додека гласно се повикува на солидарност, некакво владино, императивно и јавно повикување за откажување од привилегиите на власта? Стотиците службени автомобили, исто толку возачи и обезбедувачи? Јавно откажување од репрезентациите? Откажување или ако ништо друго, преполовување на функционерските плати? Замрзнување на несуштинските трошоци и тендери. Замрзнување на привремените партиски вработувања, стокмени предизборно? Пропуштивме ли откажување барем од една функционерска привилегија, додека најголем дел од граѓаните се одрекуваат од сè она од што им беше наложено да го направат?

Или можеби пропуштивме да забележиме, некоја милионска донација за здравствените работници, полицајците, војниците, сите редум од првите редови на фронтот, продавачите, комуналните работници, возачите, медиумските известувачи од терен, посредно исто така сериозно загрозени во борбата со опасниот вирус? Од оние тивко спомнуваните „десет најмоќни семејства” што владеат и управуваат со нашите животи сите овие години, да не пропуштивме некоја забележителна донација? Или од новопечените милионери блиски на власта? Да не пропуштивме солидарна донација со некое милионче од загрижениот екс-премиер? Да, оној што најмногу повикува на солидарност деновиве! Донираше некој за тестови кои очајно ни требаат и поради што сме така далеку од најчесто упатуваната препорака, препораката за масовно тестирање. Стаса ли некоја значајна донација за комплетно опремување со модерна заштитна опрема за сите непосредно изложени од првата ударна линија? За некоја донација, која ќе го ублажи и успори десеткувањето на медицинскиот персонал, полицискиот и војничкиот состав? Толку ли ни се хај-нехај авторитетите од власта, за да не можат да искреираат и реализираат еден единствен стратешки економски план за опстанок на државата, во кој и државата и синдикатите и банките и компаниите унисоно ќе се усогласат околу мерките за заедничко и солидарно стегање на каишот?

Но, како да го пропуштиме хај-нехајот во организацијата на транспортот и враќањето на нашите сограѓани од странство, кое од хуманитарно, бргу стана патување од свој џеб и за своја мака. Како да го пропуштиме хај-нехајот се делењето на пензиите во банките? Како да го пропуштиме пукањето на рабовите на здравствениот систем и останувањето надвор од функција на веќе стотици и стотици самоизолирани здравствени работници. Крцка колата надолу, луѓе! Алармирајте, надминете ги и пломбирајте ги најитно слабостите и пропустите, побарајте помош од стручните и компетентните-не е време за политичко и партиско неподнесување! Ах, тој пусти хај-нехај што сега најмалку треба! И тоа толку потребно чувство на мудрост и трпеливост, сега кога недоволно го има, а најмногу треба!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.