Весна Јаневска

Слушам деновиве како некои граѓани, поттикнати од теориите на заговор, тврдат дека „сето ова со коронавирусот, КОВИД-19“ било измислено. Дел од нив воопшто не веруваат дека инфекцијата со овој вирус е опасна и дел мислат дека сѐ е преовеличено. Други кажуваат дека во нивната околина и покрај тоа што не се почитуваат препораките за заштита инфекција и болни нема. На некои многу им пречи полицискиот час и ограничувањето на движењето. Некои пак веројатно поттикнати од настани кај нашиот северен сосед решиле и најавуваат протест пред Владата за намалување на рестрикциите. Колку за информација, на една наша телевизија информираа дека во истата земја само по 2 дена од отворање на градинките во две од нив се појавила инфекција со коронавирусот. Кај нас бројот на заразени варира, но никако да се стабилизира под 10, а сѐ уште има и мртви.
Интересно е сознанието дека 95-те мртви во период од 3 месеци, никој не ги коментира. Ако се спомнат јасно се гледа сочувство кај соговорниците, но свесност дека тоа може да се случи во секое семејство не се гледа, па од тука и коментарите дека сите треба да се имунизираме.

Не ме чуди ваквиот став на населението. Тоа има своја генеза.

Се донесе една уредба со сила на закон. После неа се донесе друга за дополнување на првата, па се донесе трета со укинување на некои елементи од втората, па нова уредба, па пак корекции, па пак укинувања и така натаму. Се воведоа мерки против ширење на епидемијата, па се модифицираа наводно според нејзиниот тек, се правеше рестрикција на несоодветни групи во несоодветно време, се наголемуваа рестрикциите, па се намалуваа. Се даваа контрадикторни изјави, немаме опрема, имаме доволно опрема и заштитни средства, имаат капацитет докторите, докторите сами се криви што се разболуваат, се помага населението со ослободување од кредитните давачки, ама камати не се укинуваат, се одложува плаќањето на сметките, ама телефонот го ислкучуваат ако не платите сметка, фирмите ќе добијат помош, за да нема отпуштање на работници, ама работници се отпуштаат…

Не е ни чудо, а не е ни неочекувано луѓето да се збунети и исплашени и без доверба. Таквите контрадикторни пораки, испратени од неснаодливост или намерно, ја постигнаа целта барем кај дел од населението. Ова е малку, па треба уште и понатаму без компас за движење.

Станаа актуелни изборите и одеднаш нагло, без нагло намалување на бројот на заразени, сега мерките попуштаат.

Во време кога интензивно се промовираа тенденциите за релаксација на рестриктивните мерки, во корист на изборите, се случи литијата со Струга. Истата најмалку 3 дена беше најавувана на медиумите. Воглавно одговорните молчеа, но имаше и коментари дека луѓето имаат право да ги спроведуваат своите религиозни обреди. Навистина имаше повици за почитување на препорачаните мерки за претпазливост, носење маски, одржување на дистанца, но никој од надлежните силно не се спротивстави на настанот.

Потоа следеше громогласно барање на оставка на министерот Чулев, зато што тој не презел мерки сѐ до моментот кога вицепремиер не ја релативизираше ситуацијата. Вицепремиерот изјави дека не треба силно да се обвинуваат верниците во Струга, па ни верниците кои сега во месецот Рамазан ќе сакаат да ги посетуваат џамиите, секако со почитување на препораките за дистанца и носење маски.

За да не бидам погрешно разбрана, сакам да потенцирам дека ги разбирам верниците кои излегоа на улица; тие се чесни луѓе кои длабоко веруваат во Божјата волја и Божјото искушение.

Сепак не можам, а да не споделам вест која ја прочитав на интернет. Садиските власти отвораат пат за затворање на годишниот аџилак во Мека, за првпат од 1798, заради епидемијата со коронавирусот.

По сето ова, како да се сфатат дејствата на владата? Предизборна кампања, очигледно!
Прво би се прашала зошто партија на власт ита на брзи избори и тргнува во предизборна кампања пред почеток на кампањата и сѐуште во фаза кога епидемијата не покажува значителен пад?

Зошто со цел да покажат дека сме влегле во втора фаза на епидемијата и да обезбедат пат кон избори брзо ги релаксираат рестриктивните мерки?

Нели би било логично партијата на власт барем да си го дочека регуларниот датум за избори, особено сега кога има изговор за тоа – епидемијата. Навистина државата има техничка влада и нема парламет, но тоа до сега не им пречеше да спроведуваат тоа што сами го забранија со уредбите, на пример непродуктивни трошоци, за вина, меса, апетисани, трева на плоштад, цвеќиња и слично. При тоа заборавени студенти, лица со попреченост, наставници, запоставени социјални случаи, измалтретирана администрација (им ја намалуваат платата, не има ја намалуваат платата) и многу други. На повеќето граѓани им е сосема јасно зошто се брза за избори и тоа е тема за друга колумна.

Во предизборието, за среќа на овој народ здравствената комисија за кризни состјби се уште не попушта. Луѓето имаат ем знаење, ем совест, но се прашувам до кога ќе издржат.

Во Владата седат двајца доктори, а при тоа и доктори на науки. Овие двајца дозволија да се донесе одлука на Владата дека функцинерите кои ќе патуваат во странство нема да подлежат на обврзен карактин по нивното враќање во државата.

Кога сум комплетно разоружана и немоќна велам ТАЖНО. Да тажно, но и страшно. Во оваа одлука е цврсто вткаена сета ароганција и сета препотенција на владејачката гарнитура, нивното чувство на елитизам, нивното чувство на недопирливост, нивната моќ, нивното немање осет за сите другите, нивното непочитување на другите, нивната негрижа за другите. ЗОШТО?

Овде не затаило образованието, не. Овде затаиле првите 7 години. Тогаш се учи да се разликува добро од лошо, солидарноста од себичноста, да се научи што е сочувство и што е хуманизам, што е колективно живеење, да се процени моментот и ситуацијата, да се донесат правилни решенија, да се научи што е ОДГОВОРНОСТ и да се цени човечкиот ЖИВОТ!

Во борба за брзи избори овие двајца доктори учествуваат и во плановите за отворање на градинките, пред да добијат дозвола од гореспоменатата комисија. Нема да коментирам. Најкултурно ќе ги замолам, едниот по отворање на првата градинка да помине 3 дена цело работно време во градинката со вработените негувателки, а вториот прв напред да ги води верниците во џамија и 3 дена да се моли заедно со нив исто како нив.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.