Петар Поп-Арсов

Реформи во администрацијата. Вечна тема. Тема која што постојано е тука, меѓу нас. Ненаметливо вметната меѓу мноштвото политички теми кои на дневна основа го преокупираат нашето внимание. Никако да стане тема на денот, нешто за кое сите ќе зборуваме, провлекувајќи се така полека, мрзеливо и тивко, исто како државен службеник пред крајот на работното време.

А, можеби тоа е и целта! Ја нема, ја нема и „ќе се загуби“! Пардон, ќе се појави! Ќе се појави во интересен момент. Момент кога треба да се дефокусира од некоја глупост што се случува во државата, најчесто во режија на владата во заминување. Ќе се појави во момент кога ЕУ нешто ќе сигнализира. Тука е кога владата треба да потсети дека таа одлучува за судбината на вработените во јавниот сектор, да заплаши, да се закани на секој што не се вклопува во нијзиниот алгоритам. Да потсети дека некој може да загуби работа, токму сега, пред изборите.

Најавите и ветувањата од министерот за информатичко општество, дадени во јуни 2017 година, дека ќе има реконструкција и реформи во администрацијата, ќе останат само мртво слово на хартија во мандатот на оваа влада. Априлските избори се причината поради која ова прашање ќе мирува и ќе го чека исходот за тоа во кој правец ќе продолжи.

„За да се смени нешто во која било институција, односно да се спои, укине или да се основа нешто ново, треба да се измени и дополни Законот за организирање на тела во државната управа, кој се донесува со двотретинско мнозинство, а потоа ќе се усогласат и поедините закони“, ќе каже Министерот за информатичко општество и администрација, како изговор за незавршената работа. „Нема да има отпуштања, туку ќе има реконструкција за поголема ефикасност“, ќе изјави министерот. „Никој не треба да се плаши од тоа бидејќи никој нема да биде оштетен од оваа работа“, продолжува ресорниот министер во ист манир.

Во основа постојат четири модели за трансформирање на јавната администрација, со цел истата да стане попрофесионална, ефикасна и бројно доволна за успешно функционирање на системот, но и заради овозможување на повисоки плати. Првиот модел предвидува субвенции за придонесите на административците кои ќе преминат во приватниот сектор. Со овој модел работодавачите ќе имаат обврска да обезбедат поголеми плати на трансферираните работници, заради финансиската помош од државата, која ќе ја примаат во форма на субвенции. Вториот модел предвидува преквалификација, која ќе биде финансирана од државата. Приватниот сектор ќе апсорбира целосно подготвен и квалификуван кадар, за кој државата ќе нема дополнителни финасиски обврски. Третиот модел е со внатрешна преквалификација, при што еден административец би се стекнал со знаења и вештини за друга позиција во самата администрација. Последниот модел нуди опцијата секој административец, кој што самиот сака да замине, тоа да го направи со финансиска отпремнина во износ од неколку плати.

Актуелната влада планира првите трансфери на вработени од јавниот сектор во приватниот сектор да ги реализира по изборите, а истото го оправдува како составна компонента на реформите насочени кон оптимизирање и зголемување на ефикасноста на администрацијата.

Таков е планот на актуелниве. Се претставува како реформски и европски план. Како ќе испадне по 12-ти април, ќе видиме. Можеме само да претпоставуваме и нагаѓаме.

А што всушност видовме досега? Кои реформи ги почувствувавме? Што реализираа и што можеме да очекуваме во иднина?

Ништо! Ништо од ветеното!

Обвинуваа за огромна превработеност во администрацијата, а направија уште поголема! Најавуваа дека паралелно со реформите ќе се намали бројот на вработените во јавниот сектор, но го направија токму спротивното! Официјалните показатели велат дека тој број е зголемен. Наместо реформа спроведоа антиреформа!

Се правдаат дека вработувањата биле неопходни. Како може во услови на декларирана превработеност да има потреба од нови вработувања? Како може едно да зборуваш, а друго да правиш? Како може повторно да бараш мандат за ветување, не само што не си го реализирал, туку си постапил сосема спротивно од истото?!

Во последно време најавуваат и дигитализација. „Реформите ги направија“, сега пред крај ќе дигитализираат?!

Обвинуваа за партизирана администрација, а најбрутално и најбезобразно примаат исклучиво по партиски клуч. Масовно се вдомуваат сите партиски активисти, истовремено спроведувајќи невиден мобинг и притисоци врз сите оние кои не се на нивната страна, онаа партиската.

Ќе давале субвенции при трансферот на вработени од државен во приватен сектор! Како може некој, кој што според параметрите на актуелната власт е лош работник и недоволно квалитетен за државниот сектор, одеднаш да биде квалитетен и прифатлив за приватниот сектор? Лошиот во државно, ќе биде добар во приватно?! Овде некако не се вклопуваат коцките! Згора на тоа, трансферираните работници ќе имаат и повисока плата, како што стои во бајките на министерот. Чудно!

Се поставува прашањето до кога трансферираниот работник ќе биде задржан кај приватниот работодавач? До кој момент ќе ја има „повисоката“ плата? До моментот додека траат субвенциите од државата?! А што потоа? Потоа секој по дома, на улица или селење во странство по принципот снаоѓај се како знаеш и умееш!

Што ќе праваат со оние „по рамковен“ што седат дома? Каде ќе бидат трансферирани? Ќе им плаќаат ли преквалификација од едно во друго непостоечко работно место? Колку плати отпремнина ќе им дадат за да не доаѓаат повеќе на работа затоа што досега, исто така не доаѓале?

Парадоксални се прашањава. Мачни за пишување, уште помачни за читање. Одговорите следуваат по 12-ти април.

На Македонија дефинитивно и е потребна реформа на администрацијата! Вистинска реформа, а не класична и брутална партизација маскирана зад реформските приказни. Реформите во администрацијата се еден од клучните услови за Македонија во посакуваните и долго очекувани преговори со ЕУ. Преговори, за кои пред неполна година и самиот ресорен министер изјави дека „неговата влада и администрација“ не поседува доволен капацитет да ги спроведе. На Македонија и се потребни мерки заради успешни преговори со ЕУ, а не преговори кои ќе бидат искористени како изговор за фиктивна реформа и параван за класична партизација, реваншизам, „чистка“ и пресметка со неистомислениците. Тоа се вистинските имиња на нивната реформа!

На Македонија и е потребна реформска влада која ќе има капацитет да се справи со неизбежната задача која ни претстои и која дефинитивно ќе ја ослободи администрацијата од партиските стеги. Влада која, преку соодветно раководење и управување на македонските институции, во целост ќе го искористи сиот потенцијал и капацитет на јавниот сектор, ќе ја спречи бруталната партизација и ќе ја стопира антиреформата во администрацијата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.