Весна Јаневска

Немам многу време за да минувам пред телевизиските екрани, но со оглед на тоа дека сакам да бидам информирана за актуелните состојби одделувам малку време за да следам инфомативни програми и со оглед на тоа дека припаѓам на групата „зоон политикон“, следам и дебатни емисии и политика.

Една млада жена со, според мојот вкус, сосема пристоен и урбан изглед обвинува еден наш медиум дека ширел лажни вести и со тоа работел антидржавно и против евроатлантските интеграции на Република Македонија.

Една друга млада жена со сличен изглед како горе опишаната од собраниската говорница ја обвинува техничката министерка дека работи против државата, нејзиниот влез во Европската унија и НАТО, затоа што држела прес пред табла на која пишувало Република Македонија. При тоа воопшто не е важно што и други министри имаат исти такви табли и според нејзината логика исто така работат против државата.

Јас пак мислев дека приемот на нашата земја во НАТО е веќе завршена работа, се разбира со довршување на процесот во Шпанија, кој никој не го доведува во прашање. Од тука произлегува дека двете млади жени со урбан изглед нешто не разбрале добро, или пак добро разбрале, ама од за мене непозната причина шират лажни вести барем за тоа што се однесува за НАТО.

Има и други примери, но и овие се доволни. Колку што мене ми е познато, медиумот кој е обвинет воглавно информираше, или можеби ширел лажни вести за внатрешни коруптивни зделки, конфликти на интерес и политички манипулации. Се прашувам како со овие информации работел антидржавно? Или, можеби и не мислат дека работел антидржавно, но се обидуваат да го замолчат и тоа токму тие кои декларативно безрезервно ќе се бореа за слобода на медиуми и на говор. Што и да мислат, што и да прават се прашувам да ли е можно да веруваат дека тоа може да има било каков ефект врз било кого. Можеби и грешам, можеби овој тип на пропаганда и може да влијае на некого, но тоа мора да е сосема мала и незначителна група на гласачи за кои, простете дами и простете гласачи, не вреди сам себе така да се презентираш.

Од оваа страна на екранот тоа не изгледа ни урбано ни интелектуално, а ниту пак корисно за било кого. Напротив непријатно е да се слуша, досадно е и делува премногу, премногу пропагандистички. Зарем сè уште некој, било кој, по сè што се случи, може да помисли дека ваква пропаганда во стилот на расипана плоча, која се слуша и на дебатните емисии, може да има ефект од стилот нашиот политички противник заради неевроатлантска ориентација го кочи патот на земјата кон НАТО и ЕУ. Инфантилно е и смешно, а според мене и антидржавно и антинародно.

Се плашам дека можеби дел од моите пријатели ќе ми се налутат што Ви ги „отворам очите“, но го прифаќам тој ризик за да престанам да се срамам во Ваше име и со цел да сторам барем минимум за измалтретираниот, осиромашен, депримиран, тажен, лут, исселен и обезличен народ. Најљубезно Ве замолувам да престанете да не третирате како недоветни, нема веќе ни да Ве слушаме, ни да Ве гледаме.

Што се однесува до таблите веројатно јас сум сосема слепа и никако не можам да видам како тоа таблата со напишано име Република Македонија може да биде против НАТО и против ЕУ.

Голема грешка почитувани госпоѓи, голема. Народот не мисли како вас, тој одамна се определил и за НАТО и за ЕУ, но и за министри кои покажуваат инвентивност, сочувство, грижа и разбирање.

Покрај препотетноста, лукративноста и партиската послушност мора да има уште нешто што е виновно.

Има. Виновно е образованието. Треба тешки и длабоки реформи во образованието!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.