Михајло Маневски

Обвинителите отидоа на одмор. На одмор отиде обвинителката Вилма Русковска, а да не остане покусо, на одмор отиде и Катица Јанева. Болна беше, ама оздраве и смогна сили, па отиде на море. Зоран Заев, пратеници и функционери од власта  и рекетари, сите отидоа да се одмараат на мориња, езера и реки. И треба да се одморат од огромниот мафијашки РЕКЕТ од повеќе десетина милиони евра, засега,  раширен како стоглава ламја. Единствен спас им беше да избегаат.

Останаа само криминалот и срамот

Сите избегаа, ама само на кратко. Од  ваков случај на тежок рекет, никој неможе да избега. Не ги перат ниту Вардар, ниту Треска, ниту Црна. Не ги пере ниту Белото, Црното или Северното море. Мора да одговараат за сторените тешки кривични дела.

Кој и зошто направи опструкција на истрагата за случајот РЕКЕТ? Ова што се случува со ова истрага за никого не е разбирливо, а најмалаку е разбирливо така да постапува јавен обвинител! Кој е мотивот ваков случај да се остави на самиот почеток? Зошто за ваков случај, се занемарува основната должност истргата да се спроведува со  неопходен потребен интензитет, брзо и ефикасно?  Мораше ли да се замине на одмор и истрагата да се стави во “мирување”. Повеќе од очиглено е дека е ставена рампа за одкривање и расветлување на случајот рекет. Кој стави рампа за целосно расветлување на случајот рекет и зошто? Тоа мора да се открие по секоја цена.

Рампата ја дигаат Филип Рикер и Метју Палмер­

Рампата ја дигаат американските тешкаши  Филип Рикер и деновиве, многу јасно и Метју Палмер. Тие бараат  целосно расветлување на случајот и одговорност за сите инволвирани лица, брзо и ефиксно.  Ова ли е брзо и ефикасно?

Досега поминаа повеќе од 3 недели од одкривање на случајот, но итрагата тапка во место и не се спроведува ниту брзо, ниту ефиксно. Наместо да се прибавуваат докази, доказите се ништат на очиглед на целокупната јавност. Кој може да остане равнодушен кога Катица Јанева прво наводно го губи телефонот, а потоа телефонот се наоѓа со избришани  податоци, а се бришат податоци и од компјутери на СЈО. Катица Јанева  уште не е повикана на кривична одговорност, ако за ништо друго, барем за попречување на истрагата и уништување на докази.

Сеуште не е проширена истрагата против неа на очиглед на несоборливи докази за рекет на многу голем број бизнисмени. Обвинителката Вилма Русковска потврди дека постојат аудио и видео снимки од кои се потврдува дека  се  слуша гласот  на интрфон на обвинителката.

Досега истрагата требаше да се прошири против многу голем број извршители, соучесници, соизвршители, помагачи и подтикнувачи на ваков градиозен криминален случај на рекет со огромни размери. Да се фатат режисерите, а не само актерите во РЕКЕТ, вели професорот Гордан Калајџиев. Од што се плашат и режисерите и актерите? Од што се плаши обвинителот?  Дали се плашат од заканите на Катица  Јанева дека ако биде обвинета ќе каже сѐ што знае, а знае многу. Тоа што таа го знае, на многумина фукнкционери од врвот на власта,  пратеници,  градоначлници и други нема да им се допадне, бидејки ќе бидат изложени на кривична одговорнност. И Боки 13 се заканува со отварање на уста, а тоа е страв во коски на режисерите на РЕКЕТ.

Сега некои прават обид да го стават на тапет колумнистот Бранко Геровски, кој го откри случајот, наместо да му бидат благодарни, иако, верувам дека тој таква благодарност не очекува, затоа што тоа е составен дел на новинарската професија.                     

Тие што му ставија круна на главата на БОКИ 13 не можат да му ја симнат

Зоран Заев, фатен во небрано и натаму се обидува да ги штити режисерите,  рекетарите и самиот себе. Сега  притиснат, изјавува дека никој не може да биде привилегиран и амнестиран, но за тоа ја  обвинува опозиционата партија како креатор на неправдата. Заборава Зоран Заев кој му стави круна на главата на Бојан Јовановски, алијас БОКИ 13?  Не му стави круна опозиционата, туку владејчката партија СДСМ под водство на Зоран Заев,  генералниот секретар Александар Кирацовски, министри, пратеници, градоначалници…. Кабинетот на премиерот и кабинети на министри и градионалници биле отворени за Боки 13 во секое време. Чест им беше да се сликаат со него! Му се клањаа и министри и министерки, му станаа на нозе на кралот кога влегуваше во салата на филхармонијата на прославата, му се клањаа како на Тито. Каде бегаат сега? Некои дури, како министерката за правда Рената Дескоска,  се прават шокирани од случајот што го создадоа. Нека му ја мислат како ќе го отплеткаат, но  тука нејзините сталинистички методи нема да и помогнат.

Злоупотребени прислушувани материјали за рекет

Изнудата на пари и уцената на бизнисмени е вршена со закани од неовластено прислушуваните телефионски разговори. „Само јас знам што сѐ сум се изнаслушал, изјавуваше Зоран Заев на самиот почеток на пуштањето на ”бомбите”. Тие материјали ги имаше само Зоран Заев и никој друг. Како сега дел од тие материјали станаа достапни на рекетарот за изнуда на милионски средства од бизнисмени? Кој му ги даде тие материјали? Тие материјали  беа предадени во Специјалното јавно обвинителство без записник. Има ли други материјали кои не се предадени и кои сега се злоупотребуваат за рекет? Прашања многу, а одговори нема. Се прават силни сценарија да се прикрие и да се миимизира огромниот криминал на државно ниво во кој е вплеткана власта и носители на високи државни и патриски функции.

Каде се парите од рекетот?        

Каде се изнудените пари од повеќе бизнисмени, засега од најмалку 10 милиони евра, од кои голем износ се исплатени? Каде се тие пари? Дали тие пари се уплатени на сметка, на која сметка и дали на таква сметка сеуште има пари?  Што досега е направено со тие пари? На г-ѓа Лилјана Тодоровска парите од 750.000 евра и биле земени уште во банката  од преставници на Меѓународниот сојуз.  Кој и ги зеде тие пари? Тоа не е утврдено и досега никој од Меѓународниот сојуз не бил  сослушан, како што самите вчера јавно изјавија. Браво за истрагата! Ако никој не е сослушан, тогаш ефикасна истрага и нема. Многу е јасно дека бабата е искористена само како маша.

За да се утврдат многу прашања во врска со парите, потребна е целосна ревизија на материјално-финансиското работење на СЈО, кое за овие години потроши огромни парични средства. Незнам зошто досега не е направена ревизија од Државниот завод за ревизија и Управата за јавни приходи.

Да се изврши ревизија и да се утврди кои материјали од прислушуваните разговори се извадени и користени за рекетирање, по чија наредба и кој тоа го сторил.

Да се изврши целосна ревизија на  материјално-финансиското работење на Меѓународниот сојуз, невладина организација на Боки 13, со која управуваат и висиоки функционери на власта, за тоа каде се изнудените пари и како се трошени, од самиот почеток на основањето на ова организација до одкривање на случајот.

Да се изврши целосна ревизија на  материјално-финансиското работење на телевизија 1-ТВ, формално – правна сопственост на таткото на БОКИ 13, за  приливот на  средствата и законското трошење на средствата за работење на телевизијата, исплатата на плати и хонорари на новинари, уредници и директори, исплата на трошоци и да се утвврди законитоста на исплатите и правниот основ.

Досега се направени огромни елементарни пропусти во истрагата. Се остави огромен простор за уништувае на доказите, влијание на соучесниците и сведоците, уништување на материјални докази. Досега овие вештачења требаше да бидат направени и да бидат прибавени сите списи и материјални докази. Требаше да бидат  распрашани сите инволвирани. Што од тоа е направено? Ништо. Се игра на картата на забошотување на случајот. Но, овој пат никој да не се носи со мисла дека ќе се извлече од оваков гнасен рекет од огромни размери. Од овој случај нема бегање.

Има само едно решение за случајот  РЕКЕТ во интерес на државата и граѓаните, а тоа е оставка на Владата и одговорност на сите функционери на власта од самиот врв на државната власт  и владејачката партија, инволвирани во случајот. Нема свети крави, изјавува Радмила Шекеринска, ама нема ниту свети волови. И едните и другите свети крави и волови, се зацапани до гуша во криминал и прават очајнички обид да се извлечат, но овој пат народот тоа нема да им го дозволи и нема да успеат.

Државниот рекет не е само криминал. Тоа е директен удар во срцето на правната држава и целосно губење на довербата на граѓаните во таква држава. Власта  која ја довела државата во ваква состојба не заслужува никакво доверба и почитување. Затоа мора веднаш да си замине во историјата како криминална рекетарска влада.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.