Васко Шутаров

(Македонското поглавје што го нема, од програмата „Можеме”)

Време е на кампањи. Седнувам и темелно ги читам изборните понуди на дел од политичките партии во државата. Програмата „Можеме”, ја прочитав завчера. И втор ден, останувам како стаписан. Во шаренилото од ракописи, со леснотија ги препознавам ракописите на одредени политичари. Го познавам нивниот наратив. Немаат идеја, тоа се веќе прилично истрошени политички профили.

Листам илјадници проекти, не ми се верува дека за Македонија пишуваат. А и како да ми се верува, кога во шарениот „пачворк” од лепени, крпени и украдени програмчиња, останале дури и такви наслови, кои звучат како комунистички реликти од типот „На работа, на труд!”. Упорно се обидувам да ја пронајдам Македонија. И до два пати, три пати, во главата насловена како „Европска култура”, ја барам Македонија и македонскиот јазик. Низ цела програма повторно и повторно, дури и дијагонално читам, како што „Хазарскиот речник” се чита. И го барам македонскиот јазик. Ни „М” од македонски јазик. Ни „М” од Македонија.
Ете, зошто сум стаписан и со студена пот и оловни прсти, го пишувам ова.

Програмата “Можеме”, сепак не е случајна програма. Потписниците на овој текст, потпишале крај на сè она што нашата генерација, генерациите на нашите предци и нашите потомци, го осознавале и доживувале, како македонско. И токму како во романот за Хазарите, еден историски народ кој исчезнал од картата на народите пред десетина века, почнуваат да ми течат паралелни мисли, налик на сновиденија, од кажувани или пишувани редови македонски зборови. Трајно врежани во меморијата…

„Ај да ми бидеш живо и здраво детуле. Да пораснеш големо. На лице бело и црвено како тетовско јаболко, на снага-вита ела пиринска. Грло бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче.“

Со ова растев и осознавав, дури и денес ми одѕвонува трепетот на гласот на Петре Прличко како Манданата во легендарниот филм „Мис Стон.” Дури го пишувам ова, ми треперат зборовите од врежаново сеќавање. Можете да ги избрусите овие зборови од мојата и колективната меморија, некогаш? Па, макар за век и веков го забраниле филмот„ Мис Стон”? Ајде обидете се, брусете! Како што сонцата од плоштадите и шахтите ги брусевте? Ајде, само пробајте…

Еден друг Петре, стамено проговорува, токму како во речниот на Хазарите. „Браќа и сестри, бидете на штрек, не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот, не напуштајте го храмот што го носите во вас, не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат, исправете ги неговите урнатини, зашто само така ќе си ја вратиме и вербата во себе си.

Не срамете се од ништо што е ваше, ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци кои пред нас биле некаде тука на истите овие места што ги зафаќаме ние”. Или, „кoгa јa љубев Деницијa, кaкo дa учествувaв вo сoздaвaњетo нa првaтa Мaкедoнскa Држaвa”.
Ајде, продолжете да ги бришете овие редови, како што случајно се избриша последниот стих од најљубовната песна, испеана на македонски. Нема толку ѕидови во Македонија, колку што ќе има вакви испишани редови по нив. Од срце откорнати! Оние што се „на штрек”, знаете дека се далеку побројни, го знаете многу добро тоа! И затоа, обидете се ова да го избришете! Вие велите дека можете повеќе. Добро знам, само тоа и можете!

„Ете ја тајната на недоодот на мојот спокоен чекор. Јас Македонијава ја прогласив за вера и за храм. Имено, поради тоа сум долговечен и непореклив! Имено, поради ова, токму поради ова немам ни трошка срам, дека ме бројат сè уште за жив! Бидејќи, слушнавте, нели, јас македонствувам. Го чинам тоа како дотресок од едно славно племе, грижејќи се да го растолкувам лудово и растрчано време.”

Можете ли да ја откриете тајната на овој недоод и на овој трпелив чекор, вие креатори на ова лудо и растрчано време? Ајде, обидете се! Одгатнете ја тајнава? Иако најлесно би ви било да го запалите секој ред од оваа бесмртна реч. Вашиот блесок е само во огновите што ги запаливте, над сите наши светии!
„Послушајте, Македонци”. Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, единствената наша комплетна татковина.”

Ви текнува на великиов книжевник? Пророк на родов, со кој во моментов владеете. И тој на штрек повикуваше! Со право, насетувајќи го вашето доаѓање, вашето несреќно владеење, вашето неподносливо лесно, распродавање! Ајде избрусете ја неговата реч од умовите и срцата на генерации Македонци, ако можете! Ајде, бришете ако можете!

Или ликот на архангел Гаврил! Кој стуткан како банкнота во џебовите, знам, нема за вас некоја вредност. Бидејќи умот одамна ви е оден, не во народните 50 денари за преживување, туку само по милионите. За изживување над народов. Таа Преспа, каде на поклонение деновиве сите одат, ги крие едни од најзначајните европски ренесансни вредности, ренесансниот бисер од Преспа, посветен на „Св. Ѓорѓи Победоносец”.

Со „Ангелот од Курбиново”. Кој само што не отпаднал , чекајќи три години по ред, да започне ветениот проект за конзервација. Ќе се распаднат како прашина „Ангелите од Курбиново”, вредни барем колку еден павилјон во Лувр во Париз или Уфици во Фиренца. Дури го потрошивте сето наше и нивно време, на брусења сонца од шахти по плоштадите. Мизерници, на векот!
„О, еве ја таа проста земја, од грч и од чекање. Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски. А никој не ја знае”, ќе се јави гласот на уште еден великан, дури истовремено тивко, како со ковчеже од скапоцености од мајчиниот јазик и со остри како сабја зборови, Светлана проговорува: „Сета земја в бочва ќе ја вратат. Преку рамо ќе ја префрлат да ја однесат. Ако можат и устата ќе и ја затворат да не викне. Како змија очите ќе и ги прободам да не види каде ќе ја однесат. Да не се вратит! Оф таа жална Македонија. Да не видам!”

И химната татни во ушите, кога се затвора програмата „Можеме,” која стаписува и не дава мир повеќе. „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република. Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!” Пробајте уште еднаш, заборавете ја строфава. Или пробајте, забранете ја во учебниците и наместо неа, нека учат децата свадбарски песни и чочеци. Под прозор каде и да сте и до кога и да сте на оваа земја, ќе ви ја пеат- токму оваа строфа. Која вам, не ви дава мир!

И зошто ова ви го пишувам, во време кога никој ништо не чита и никој никого не слуша. А кампања е, треба да се чујат сите, па и вашите понуди! Цела една „војна и мир”, сте прошарале во програмата “Можеме”. И за оние кои сè уште умеат да читат (и меѓу редови), сте објавиле војна на сè што е македонско. Вие навистина можете и повеќе и подалеку од ова. Ни „М” од македонски јазик во толкав формат програма. Ни „М” од Македонија, освен во едно поткраднато поглавје за решавање на локални канализациони проблеми и насловено како „Македонија без кал”. Во тој мал поднаслов, искажан ви е целиот ваш светоглед, преку кој ја доживувате Татковината.

“Ама, секоја куќа има свој нужник, што се вели, и секој народ има свој предавник“
До вас тешко ќе допрат овие напишани редови, драги потписници на програмата „Можеме”.

Вие, кои и поглавјето од култура, наместо македонско, сте го именувале со европска култура, а уште, планирате во име на таа култура и преку култура „да менувате свест и навики” на граѓаните, сте веќе добро прочитана книга. Ова погоре цитираното, е само предупредување, дека е јасно како ден, која е вашата мисија, што не сте ја довршиле. И потсетување, дека токму погоре цитираниве редови, ноти и иконописи, се веќе европска вредност, меморирана и во европската колективна свест од културата. И само колку за потсетување и предупредување!

Дека не само што на патот на секое идно европско поглавје, ќе ве следат сенките на Манданата, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Блаже Конески, Анте Поповски, Светлана Христова Јоциќ, Ангелот од Курбиново, Гоце, Даме, Питу и Јане, туку дури сте живи (а и потоа!), ќе ве следат сè додека не ви го најдат правото место во македонската историја. Дури замајувате јавност, вие од Македонците Хазари планирате да направите. Народ, од кој не останала никаква трага. При живи, стотици и стотици илјади Македонци.

А, сoнцето ќе си остане сонце! Затоа што, срцето и умот се пред сè, сонце. Брусете ги, колку сакате! Повторно сонце на крај ќе излезе!

П.С. Почитувани читатели! Јас го разбирам сиот ваш насобран гнев и отпор кон сè што во моментов звучи како политика. Во комплетно затворена земја, со највисок ризик по здравјето на граѓаните, политиката создава отпор, што можеби ќе го изразите со седење дома или излегување во природа, на денот на гласањето. Некој силно го посакува тој ваш чин, на игнорирање на овие избори.

Текстов погоре е само потсетување, дека овие се можеби и последните, за кои и воопшто можеме да зборуваме, дека нешто менуваме или одлучуваме! Излезете и со пенкало запрете го процесов на самоуништување! Веќе на есен, веќе зимава, ќе биде доцна и ќе биде попусто, нашето излегување надвор, на улици…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.