Васко Шутаров

Постои една анегдота, погодна за сите наши (не) прилики во културата. Кога Хитлер почнал со бомбардирањето на Британија, кога неговите моќни “месершмити”,” фау-1” и “фау-2” со ноќи и денови го бомбардирале Лондон, британскиот премиер Винстон Черчил ги собира своите министри, за да одлучат што да се прави и како да се постапува во ваков случај. И веднаш се поставило прашање, како и од каде да се изнајдат средства за одбрана на државата.

Еден од министрите како од пушка предложил фунтите наменети за култура да се префрлат во воениот буџет. На тоа Черчил само зачудено прашал: “А, што ќе браниме потоа”?

Не е анегдота, иако звучи како приказна за раскажување и неверување. Македонското Собрание не собра сили” за усвојување на Годишна програма за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2019 година. А, како што се тргнати нештата, истото ќе се случи и со Програмата за 2020 година (би се радувал ако праксата ме демантира). Како една од најважните обврски, собраниската Комисија за култура го има “определувањето годишнини на настани и личности од посебно значење за државно-правниот развој на Републиката, афирмација на историското и културното наследство и негување на општоцивилизациски вредности, начинот и формите на одбележување настани и личности, како и активности на посебни одбори формирани за одделни одбележувања”. Собранието на пленарна седница ја усвојува и објавува Годишната програма за јубилејни годишнини. Наизглед стандардна, рутинска и едноставна процедура и постапка.

Пред десетина години, неколку години по ред учествував и ја водев оваа постапка во собраниската Комисија за култура. Не е ништо едноставно во овој повеќемесечен процес на информирање на институции, локални самоуправи, здруженија и поединци за нивното право, но и обврска, да предложат или да бидат носители за одбележување на некој значаен јубилеен настан. Често и лично биле потсетувани и мотивирани да го направат тоа, кога комисијата имала сознанија за значаен јубилеј. Потоа, комисијата одлучува по исполнувањето на критериумите за исполнување на условите за прогласување на значаен јубилеј и настан од пристигнатите предлози, по што следува уште еден долг процес на усогласување на завршната Програма, која му се предлaгa на Собранието за усвојување. Зошто Собранието тековнава година ја остави “празна” од официјално прогласување државни јубилејни настани и значајни личности, а со тоа и ослободување од обврската за буџетско финансирање на истите? И не само ова! Од дневниот собраниски ред на чуден начин “исчезна” незавршената надзорна расправа за двете последователни и крајно скандалозни Програми за култура, како и непостапувањето по заклучоците за квартално разгледување на состојбите поврзани со статусот на Охрид во УНЕСКО. Но, зошто да се бранува јавноста за такви теми кои се од културата, тоа симпатично, но непосакувано дете од улица за оваа власт? И зошто одговорност, кога одговорноста веќе не живеее овде? Впрочем, одговорноста и власта, се како онаа за “баклавата и тепсијата”.

И нема случајност во ова! Годинава свои големи јубилејни чествувања со сите државни нишани, требаше да имаат Св. Кирил (Константин Филозоф), Дичо Зограф, Васил Главинов, Салих Асим, Кузман Шапкарев, Круме Кепески, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Димитар Митрев, Владо Малески, Раде Јовчевски-Корчагин, Вера Ацева, Аврам Садикарио, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, требаше да бидат одбележани 80 години од излегувањето на “Бели мугри”, 70 години на Танец, УКИМ, Турскиот театар, 30 години од смртта на Димитар Гешоски, Димитар Илиевски- Мурато, 15 години од смртта на Борис Трајковски. Подолг е списокот на значајни личности и настани кои требаше да имаат годинава свое чествување, со амин и учество на државата. Сите до еден ја имаат задолжено и државата и нас граѓаните, како наследници на нивното дело. И уште десетина личности и настани, за кои јубилејно се потсетуваме, споделувајќи спомен за нив и нивното дело, на социјалните мрежи. И толку? Од државна обврска и должност, чествувањето
остана во рацете на самоорганизирани лични иницијативи и иницијативи на одредени институции, кои смогнаа сили со сопствени ресурси сепак да одбележат одредени јубилејни датуми.

Зошто владејачкото мнозинство одбра култура на заборавање, наместо култура на сеќавање? Не можам да се убедам во тоа дека владејачките партии случајно не наоѓаат консензус токму по ова прашање, во услови кога совршено добро се разбираат и за посложени прашања од културниве.

Ова можеше да им биде лесно, како “строга и проста македонска песна”, aко сакаа да се договорат и најдат консензус, барем по теркот на наоѓање консензус за поделбата на буџетскиот или тендерскиот колач. Подлабоко структурирана е причината за оваа леснотија во отфрлањето на чествувањето значајни настани и великани од историјата на државата. Историјата ли? Кој прв ја спомена, а уште и со таква неповторлива леснотија на постоење? Во годините во кои нашата историја формално-правно и фактички стана предмет на договарање со две соседни држави, нашата култура и официјално отиде на рециклирање. На семплување и ремикс. Колку што е можно полокално и посемејно да си ги прославиме настаните и личностите што треба да се наша гордост и наш патоказ во овие безумни времиња. Како на семејна слава, со мала чашка и на мала лажичка. Да не ни се налутат комшиите, по можност што помалку забележително, поскромно, потивко. Или ако е веќе гласно, нека си биде тоа култура “ајмо, рукице горе”, па да те видат “и малите богови од соседството, исто така паднати на теме”.

Организираниот заборав во културата е ѓаволски тешка работа. A, ѓаволот одамна ја однесе шегата, а работите станаа пресериозни. Дотолку посериозни, колку што прогресира фриволново и тривијално владеење, што ја снаоѓа Македонија. Можам да ги разберам, донекаде. Толку многу се заплеткаа во аминувања на сите барања што им стигнуваат однадвор, што ни Аријадна не би ги извадила од лавиринтот што сами си го создадоа. И ќе го остават тој лавиринт од проблеми во наследство со своето заминување, а во решавањето ќе треба да се впрегнат најсилните и најмудри умови на државата. И не случајно, целиот товар на оваа серија од лекомислени, а во суштина лукративни одлуки на владејачката политика, паднааа на плеќите на културата. Затоа што културата, како што вели еден древен јапонски учител останува и кога сè друго ќе биде заборавено. Затоа што во културата се вткаени сите вредности од корпусот идентитетски прашања (кои нели, ни беа забетонирани?) Затоа што културата сензибилизира и тогаш кога политиката анестезира. Затоа што културата може да го хуманизира, и она што политиката го демонизира.

И да не биде сè така еднодимензионално-црно, во годинава на организиран самозаборав во културата, на 50-годишнината од своето прво претставување, се случи повторно поставување на “Пантаглез”, на сцената на Драмскиот театар. Јубилејно, профетски и во вистински момент. Како ехо одекнува гласот на Пантаглез-овластениот јунак на денот, кој ќе каже: “Ви велам, настаните се со попуст. Распродажба на историјата”. Оние кои имаа уши, слушнаа. Оние кои се препознаа, предвреме заминаа.

А, ехото од годината на неодбележани празници и јубилеи на Мисирков, Гане и Матеја, Прокопиев и Скаловски, Корчагин и Вера, Танец и Рацин, ќе предупредува и понатаму: “А, што ќе браните потоа?”

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.