м-р Нермин Теловска, претседателка на Одборот на логопеди при Сојузот на дефектолози на Република Македонија

 

Во 2004 година, од страна на Комитетот на логопедите на Европската унија (CPLOL), 6ти Март е прогласен за Европски ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот. Целта на одбележувањето на овој ден е зголемување на свеста за логопедската професија како и за свеста за значењето на нарушувањата на вербалната комуникација и нивното влијание врз целокупното човеково здравје. Се смета дека преку размената на знаењата и искуствата низ цела Европа може полесно да се дојде до спречувањето на овој вид нарушувања или подобра превенција од нивните можни компликации. Секоја година се предлага една тема и често се користи заеднички слоган и заеднички материјали.

Оваа година темата е нарушувањето на читањето и пишувањето, за која на јавноста ќе ѝ се овозможат многу информаци преку најразлични активности и форми, како што се:
• Инсталирање на телефонска линија, така што луѓето можат да се јавуваат и да поставуваат прашања;
• Проекции на видеа, филмови, телевизиски емисии за учениците во училиштата, градинките, болниците или за ординации;
• Дистрибуција на флаери и постери во училиштата, градинките, болниците и во други установи;
• Вклучување на медиумска кампања, со написи во списанија, весници, телевизија и радио, фокусирајќи се на интервјуа со пациенти, како и со професионалци;
• Организирање прес-конференции;
• Интервјуа, да се добие увид за тоа колку се луѓето упатени во логопедската професија, како и во третманот на нарушувањата на говорот и јазикот.
• Организирање симпозиуми;
• Организирање јавни трибини;
• Средба со членовите на владини органи итн.
Ако зборуваме за нарушување на читањето или пишувањето кај децата, тоа секогаш подразбира дека се работи за деца на училишна возраст, но основата за развој на вештините и способностите и за читањето и за пишувањето се развива многу порано и затоа е добро да се зборува за нивниот развој уште во раната детска возраст.

Читањето е од голема важност за развој на когнитивните способности кај децата, но исто така треба младите родители да се потсетат дека читањето на глас им ја дава таа прекрасна можност да создадат цврста и квалитетна емотивна врска со своето дете, бидејќи стануваме свесни дека читањето како и други начини на квалитетно поминато заедничко време на родителот со своето дете, во последно време за жал, е заменето со самостојно поминување време најчесто на мобилните телефони или други дигитални апарати, таблети и слично.

Читањето на глас е активност што може да го вклучи целото семејство – родителите, бабите и дедовци, браќата и сестрите, роднините, па и пријателите.

На децата треба да им се чита на глас уште од раѓање, така што тие можат да ги поврзат читањето и книгите со пријатни чувства, да слушаат звуци, рими и зборови, за да можат да ги користат своите сетила за слух, вид и допир, да диференцираат, дискриминираат и имитираат звуци, како и да започнат да разбираат дека сликите прикажуваат конкретни работи од нивната животната средина, односно полесно да ги развиваат своите говорно јазички способности.
Што се однесува до пишувањето, основата за развој на вештините и способностите за пишување исто така се одвиваат уште во раниот детски период, преку развој на графомоторните способности, кои поминуваат низ повеќе фази. Па така на пример дете на возраст од 18 месеци, имитира вертикална линија, моливот го држи со палецот и прстите свртени кон листот или со т.н. цилиндричен фат, движбите поаѓаат од рамото. На 21 месец детето може да имитира кружна линија, на 24 месеци хоризонтална линија. Потоа, на 30 месеци може да нацрта круг, моливот го држи со палецот и прстите односно со т.н. дигитален фат, или тоа започнува да ги одвојува прстите од страната на раката. Палецот, показалецот и средниот прст (од радијалната страна на раката) го извршуваат актот на пишување. Рачниот зглоб е во неефикасна флексирана позиција. Ова е статички фат со движење обично иницирано од лактот. На 3 години детето може да нацрта крст.

Во третата година се среќава најраниот цртеж на човечка фигура кој се состои од кружна линија во која се нацртани елементи од лицето. Овој облик стои на нешто што веројатно ги претставува нозете. Рацете понекогаш се нацртани а некогаш не, најчесто споени за местото што ја означува главата и тие се цртаат последни. Со возраста се зголемува бројот на детали во цртежот. На 3 ½ и 4 години, детето имитира квадрат, моливот го држи со палецот, показалецот и средниот прст, т.н. модифициран фат со три прсти, имитира триаголник, црта цртеж со најмалку 3 објекти, користи рафиниран и понежен фат со три прста, зглобот е динамичен и движбите започнуваат од него. При ваков начин на држење на моливот со палец, показалец и среден прст, рамото и лактот им овозможуваат на зглобовите на прстите фини и сложени движења. Ваквиот фат е најфункционален и најчесто присутен кај учениците. Детето во петтата година црта четвртести облици, а се појавуваат и шематизирани човечки фигури, со што се означува не само визо – моторен развој туку и просторно – перцептивна контрола. Од 5 до 6 години раката е во оптимална состојба да произведува мазни движби. Прстите се по независни и има поголема точност кога пишува и кога бои. На 7 ½ годишна возраст, детето открива како со коса линија во однос на хоризонталната се добива длабочина на цртежот. На околу 11 или 12 години, црта паралелни коси линии, најчесто во пример на коцка.

На овој начин детето преминува низ фази, од пред фигуративна во фигуративна, која ја карактеризираат фината моторика и пишувањето. Првиот период на созревање на ракописот ја сочинува калиграфската фаза, која започнува да се развива во седмата и во осмата година од животот. Во тој период детето имитира графомоторна низа. Од овој период детето влегува во период на индивидуализација на ракописот кој трае со години. Пишувањето во овој период престанува да биде цел сама за себе, и станува средство за комуникација.

Иако живееме во ера на дигитализација кога најчесто ракописот е заменет со пишувањето на тастатура, што е можно да бара различни вештини, сепак, не смее да се занемари значењето на убавиот ракопис првенствено за развојот на мозокот, потоа, за училишниот успех и јакнењето на самодовербата. Способноста за пишување може да се дефинира како моторна активност од високо ниво која се остварува со ангажирање на кортикалните и на супкортикалните региони кои ги вклучуваат: суплементарната моторна зона, премоторната зона, примарната моторна област, базалната ганглија, церебелумот, ’рбетниот мозок. За да се оствари самиот акт на пишување неопходно е да се наоѓаат во складна функционална врска: можноста за перцепција на обликот; добра моторна контрола која подразбира усогласеност на работата на мускулите на раката, добра функција и степен на зрелост на мускулниот тонус за да може детето да го држи моливот и да го води со неопходен ритам на промена на притисокот при пишувањето; правилна координација на окото и раката; адекватна меморија, што подразбира складно функционирање на аферентно-еферентните структури кои спаѓаат во перцептивниот, моторниот и когнитивно-јазичкиот систем.

Од сето ова се гледа комплексноста на читањето и пишувањето кои претставуваат обединување на повеќе процеси, како когнитивниот, психомоторниот и биофизичкиот.
И може да се заклучи за комплексноста на нарушувањата на способноста за читање и пишување во училишниот период на детето како и за значењето на време да се детектираат и детето да биде прегледано од страна на стручно лице како што се дефектологот и логопедот кој се занимава со оваа проблематика, како и на време да добие соодветна поддршка во надминувањето на овие проблеми кои се важни за неговиот понатамошен развој, училишен и личен успех.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.