Денес е 9 април, и со намера ја пишувам мојата колумна да ја потсетам Владата на Република Македонија дека Ромите и вчера и денес и утре и задутре живееле, живеат и ќе живеат во оваа наша Македонија.

Проблемите остануваат, и се таложат од ден во ден, секојдневно Ромите се соочуваат со борба за егзистенција, се соочуваат со дискриминација, со невработеност, со отежнат пристап до здравство, образование, домување, проблеми со легализацијата, масовното иселување на припадниците на ромската заедница.

Ветија живот донесоа нееднаквост, хаос, беда, фаворизирање на една етничка заедница и омаловажување на сите други.

Ветија поголема вработеност кај ромската заедница , но податоците не се на нивна страна ( 31.12.2016 – 6.201 наспроти 31.12.2018 – 6.321), бројката на оние кои се  пријавуваат во АВРМ се зголемила. Неповолен е податокот дека се уште не се ни започнати ниту активните мерки за вработување односно имплементацијата на оперативниот план за кој се пофалија дека се одвоени дури 20 мил евра.

Се уште е голема бројката на Роми кои се приматели на социјална парична помош ( некаде околу 12.000 Роми се приматели на социјална парична помош). Ветеното зголемување на социјалната парична помош никако да се исполни ( како и се друго ветено)

Запрен е процесот на вработување на ромската заедница во јавната администрација, и сведоци сме на страшните притисоци на вработените Роми кои се вработени во генералниот секретаријат. Принципот на правична застапеност за ромите повеќе не важи, се зголемува бројот на оние другите.

Зголемен и бројот на деца кои го напуштиле образованието, пред се заради нивно заминување надвор од државата. Се е помал бројот на Роми низ градовите низ Република Македонија , неофицијалните бројки говорат дека 15.000 роми ја напуштиле Република Македонија. Масовното иселување започна уште во времето на владата на ВМРО – ДПМНЕ, но овие две години зема се поголем замав. Иако ромската заедница е заедница со најмлада популација сепак заради масовното иселување ќе се доведе да во Македонија живее старо ромско население.

Дискриминацијата е насекаде присутна  од влезот во кафулињата, базените, вработувањето, пристап до здравство, медиумите. Се уште се присутни стереотипите дека ромите односно Циганите не се никаде добредојдени и пожелни. Се уште во одредени средини кои се сметаат за “чисти”  постои забрана за оние другите ( се мисли за ромите). Пресудата на Основниот суд од Битола е само доказ за присутната дискриминација.

Домувањето и инфраструктурата се се уште измислена именка за припадниците на ромската заедница. Неасфалтирани улици, немање на пристап до чиста вода и канализација е присутна појава насекаде низ Република Македонија. И во средините каде сшто градоначалник е македонец и во средините каде што градоначалник е албанец. Секаде не се води грижа за Ромите, Ромите не се приоритет во нивната агенда.

Ист е проблемот и во Битола, Прилеп, Кочани, но и Тетово, Гостивар, Кичево. Но за жал таква е и состојбата и во Шуто Оризари , каде што проблемите највеќе доаѓаат до израз заради концентрацијата на ромско население. Процесот на легализација е се уште проблем кај ромската заедница ( најголем проблем во процесот на легализација се соочуваат припадниците на ромската заедница).

Промената на името можеби беше услов за прием во Нато алијансата, но за да се стане членка на ЕУ, треба да се исполнат многу други критериуми, еднаквост и живот за сите но во вистинска смисла на зборот.  Живот на дело не на хартија.

Ромите заслужуваат почит.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.