Пишува: Слободан Томиќ

Народот избира власт и влада да им ги решава проблемите. Кај нас, во Македонија, имаме власт и влада која ги мултиплицира пробемите на народот. Штом се СДСМ на власт како по правило владее башибозук. Во таков случај обврска е на опозицијата да ја смени власта и владата, да му даде надеж на народот.

И во таборот на Али Баба, алијас Али Ахмети, како го нарекуваат политичарите од албанскиот кампус,има огромно незадоволство. Алијанса на Албанците, Беса бараат нови избори да се смени ДУИ од власта и владата, затоа што го одраа народот. Впрочем, еден од дружината на Африм Гаши, пратеникот Скендер Реџепи пред некој ден ја напушти Алтернатива и одлучи да делува како независен, со напомена дека и натаму ќе продолжи да го поддржува владеачкото мнозинство.

Но, и после сѐ „ДУИ се ситна боранија наспроти СДСМ, за кои само Господ знае колку испокрадоа“, ќе изјави висок актуелен политичар на СДСМ околу мерката кој е поголем арамија во Македонија, како политичар и како партија.

Да бидам искрен партија Алтернатива со лидерот Африм Гаши, кој во една прилика ќе изјави, дека како млад учествувал во музичка група „Празни Џепови“, секако интересно за овие прилики кога политичарите, за жал, не само што ги наполнија празните џебови, бисагите дури станаа преполни како бродови!

Брзите пари и лепливите прсти на политикантите, ред е да си добие своја разрешница!
Се надевам дека господинот Гаши, секако ќе се справи со таквите клептомани, и тие кои ветија ,дека ќе ја внесат Македонија во ЕУ, односно ќе ги започнат пристапните преговори со ЕУ, што беше и предуслов партијата на Африм Гаши, Алтернатива ја спаси „стаклената-ултимативна колаиција“ СДСМ-ДУИ опстои на политичката сцена ден денеска. Со еден збор Алтернатива е респираторна машина која ја одржа во живот коалицијата СДСМ-ДУИ, но не се знае колку тоа долго ќе трае.

И круцијалното прашање: Зошто страв од избори? Политичарите еднаш засекогаш треба да разберат дека се сервис или едноставно „слуги на народот“, ама со лекарска белешка за здравствената состојба!

Ова важи и за опозицијата која се бори за власт наместо власта која треба да замине.

Кога сме веќе до изборите за нова власт наместо власта, мора да разбереме дека потребен ни е нов ресет на Македонија по сите основи, потребен ни е ремонт на политичкиот систем, на политичките партии како основа на политичкиот систем. Но, пред сѐ, потребно е реформирање на министерствата за внатрешни работи и за одбрана кои мора да се справат со најголемиот непријател на државата и демократијата: организираниот криминал, корупцијата, предавството и нелојалноста кон сопствената држава и народ, злоупотребата на власта за свои лични и партиски интереси. Да бидам искрен има и чесни кадри во две министерства, но тие се малку, како и да е веднаш треба тотална реформа!

Потребна е тотална професионализација! Овие две министерства треба да бидат очите, рацете и грбот на државата и системот! Уште еднаш ресет на општеството!

18 јуни, 2022 година треба да биде денот на преобразбата или чистилиште од отпадниците, одродниците и политикантите, кои не сакаат да го чујат крикот и маките на народот, независно од етничкото потекло, политичка припадност, верското уверување, општествената положба и социјалната состојба.

Маката, немаштијата, срадањата, поскупувањата, шпекулативноста на профитерите и „кучињата на злото и војната,“ кои и во оваа безизлезна состојба прват обид да ќарат и се збогатат од народецот кој одвај опстојува и тоа повеќе од 70 посто по 3 евра на ден или 200 денари!

Затоа: Тотален РЕСЕТ во општеството!
Потребни се реформи во сите пори на општествено-политичкиот живот во Македонија, а тоа подразбира веднаш да се спроведат постапки, а сите криминални и коруптивни дејанија во политичкиот амбиент, во кој се наоѓа Македонија сега и порано!

Радува изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој бара ветинг односно потекло на имотот на сите политичари! Белким ќе почнат со ДУИ и лично Али Ахмети и целиот негов тим. Ахмети впрочем побара негова, и на неговите сопартијци проверка, по режимот на контроверзната Катица Јанева и контроверзниот или октроираното СЈО!

Иако, се потсетуваме дека самата Катица Јанева велеше дека се криела како „крт“ во ресторанот „Ден и ноќ“, сѐ до нејзиното обелоденување за операцијата пад на Груевски и груевистите, за криминалите без разрешница, освен храбрата Гордана Јанкуловска која замина да ја отслужи „монтираната“ казна затвор и тоа со мало бебе!

Се разбира, ова не е проглас за масовна излезност на денот на преобразбата и крикот за излез од амбисот во кој се наоѓаат Македонија и Македонците по род и државјанство, ова е колумна посветена за нашата иднина и нашиот опстанок како народ и држава!

Македонија во петте изминати години виде само: срам, страв, заплашување, понижување, крадење, корумпирање, партизираност и непотизам по секоја основа. Имаме политичари кои го приватизираат најсилниот проект, кој јас како новинар го поддржував уште 1995 година со грчката партија Синаспизмос и идејата за Балканска конфедерација, сега крстена со Отворен Балкан. Се е само не Отворен Балкан, тој е тотално затворен за лица, експерти и познавачи на политиката, дипломатијата и балканските вредности. Овој важен проект, поддржан и од САД, треба да ги скрши синџирите на стереотипите и предрасудите меѓу балканските народи кои со децени се во еден ненормален, неприроден и неприфатлив антагонизам кој извира токму од јавачите на апокалипсата.

За потсетување, да не беше претседателот Пендаровски и натаму ќе бевме слепи и глуви за настаните во руско-украинскиот конфликт, имено информацијата која уште на 5 септември 2021 беше од страна на НАТО кажана на македонските политичари, премиерот Заев и дружината на Али Ахмети!

Пендаровски покажа како треба еден сериозен политичар и претседател на држава да се однесува.Се знае што следуваше потоа, канонада врз Пендаровски од челниците на СДСМ предводена од Заев, кој сега е претседател на фонадацијата „едно општество за сите“, кој и Отворен Балкан го менаџира како фондација, критикуваат аналитичарите!

18 јуни 2022 година, треба да донесе нов импулс во политиката и нов тек на работите.
Нема друг избор, освен народот да излезе на протестот кој секако ќе донесе големо движење за ново време!
Затоа, нема место за паника и страв, народот доколку сака да биде со достоинство, треба еднаш за секогаш да си го каже своето и за власта и за опозицијата. Народот треба да каже кој сака да ги води и дали треба да се случат предвремени избори или излез од амбисот и омаловажувањата, страдањата, криминалот, корупцијата и се недолично од македонскитеика и политичари. 18 години речиси немање датум за преговори со ЕУ, тоа е дно дефинитивно, а резултантата е секако неспособните политиканти, со клиентелизам и сервилност без мерка.

Дозволивме Заев и неговата тајфа да направат еден голем циркус од нашата Македонија, асиметрично да се внесат Бугарите во македонскиот Устав. Се очекува францускиот предлог на претседателот Макрон пред крајот на француското претседателство со Европската Унија, реагира народот!

Интересна е изјавата на Пендаровски пред претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид „Со пролонгирање на евроинтеграцијата се разнишува кредибилитетот на Европската Унија“, со надеж лидерите на Европската Унија конечно да го исполнат своето ветување од март 2020 во Брисел: Во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Македонија!

„Со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската Унија.
Тоа истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство, од билатерални причини, не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од Западен Балкан, туку може целосно да ја компромитира политиката на проширување, таа да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата“, – истакна Пендаровски.

Секој треба да се погледне во огледало ќе рече спикерот Талат Џафери, пред да критикува или побара нешто! Да, огледалото е народот, а тој на 18 јуни 2022 ќе се изјасни за сѐ што помина во овие речиси 6 години од 27 април 2017: Изборот на Собраниски спикер во 2017, уставните промени 2019, Преспанскиот договор 2018, Софиската рамковна позиција од 2019, Корона-кризата, вакцините и здравствената заштита на народот, тендерите во четири очи, пренагласената партиска администарција и партизација, се уште неспроведените антикорупциски реформи, владеењето на правото, слободата на медиумите, демократијата, се уште неотпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ, „топ-тан дипломатијата“ или „салама дипломатијата“ и така натаму…
Народот ќе ја отслика својата желба и критика или пофалба!


Во секој случај, 18-ти јуни 2022, е ден кога ќе се чуе крикот на народот за излез од амбисот во кој не втурна власта, марионетската влада Заев/Ковачевски…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.