Финска и Шведска се обврзаа за истовремен влез во НАТО, пренесуваат агенциите повикувајќи се на изјави на премиерите на двете земји по денешната нивна средба во Хелсинки.

Двете скандинавски земји кандидатурите за влез во НАТО ги поднесоа во мај како одговор на руската инвазија на Украина, но се соочија со противење од Турција, која ги обвинува двете земји дека се засолниште за активисти на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и други групи.

Нивните апликации за членство ги парафираа сите членки на НАТО освен Турција и Унгарија.

За нас е многу важно, се разбира, Финска и Шведска да се приклучат на НАТО рака под рака – им рече на новинарите финската премиерка Сана Марин, додавајќи дека неодамна во Прага со претседателот Реџеп Таип Ердоган разговарала за забелешките на Турција.

– Тој изјави… дека нема толку многу прашања кога станува збор за Финска, (но) има некои прашања кога станува збор за Шведска – истакна таа.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон кој минатата седмица стапи на функцијата, за време на посетата на Хелсинки рече дека не е загрижен поради тоа што Шведска заостанува зад Финска во процесот и оти наскоро ќе се сретне со Ердоган во Анкара.

– Сосема е разумно Турција да добие потврда дека Шведска го прави она што се обврза да го направи според договорот – рече тој.

Шведска и Финска ги поднесоа своите апликации за членство во НАТО во јуни, но Турција изнесе приговори со забелешка дека двете скандинавски земји толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи, вклучително и претставници на Курдистанската работничка партија.

Со трипартитниот меморандум потпишан во Мадрид, Стокхолм и Хелсинки се обврзаа дека нема да ја поддржуваат ПКК, сириските курдски организации кои Анкара ги смета за ограноци на ПКК, како и т.н. Фетулахистичка терористичка организација (ФЕТО) која турските власти ја обвинуваат за обидот за преврат во Турција во 2016 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.