По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, за „Егејска Македонија“, според грчките медиуми, Атина ќе ја префрли битката на меѓународно тло.

Како што објаснува весникот „Естиа“, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата.

Според весникот, протоколот ќе биде амандман на Договорот од Преспа, односно ќе стане негов интегрален дел.

Според пишувањата на грчките весници, за подготовката на овој амандман бил ангажиран Евангелос Калпадакис, советник на грчкиот премиер.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северен сосед е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.