Премиерот Зоран Заев и додека одмора внимава да не изгори од сончевото зрачење на плажата во Неа Нормалеа каде го користи својот годишен одмор.

Активно одмораат и министрите Бојан Маричиќ и Венко Филипче, сите заедно будно внимавајќи и трошејќи по 12 часа од денот во спречување на изгореници од сонцето на егејските плажи.

„Ако некој мисли дека е лесно да се сонча човек, не е така. А сепак, море е, не може цело време под чадор да се седи, мора и на плажа да се излезе и боја да се фати. И тогаш настапуваат вистинските предизвици“, вели Заев.

Лично тој ја координирал целата акција на спречување на изгореници при сончање за целата екипа од владата, одржувајќи утрински состаноци на кои се планираат активностите за изложување на сонце и како да се спречат изгореници по телото.

„Министерот Маричиќ е задолжен за набавка на заштитни креми бидејќи секако утрински прави обиколка за тазе крофни и има една аптека при крајот на плажата, па од таму зема се што ни треба. Министерот Филипче помага при мачкање и секој ден на вториот состанок што го имаме во барот ни дава совети како треба да лежиме на лежалки за да не изгориме“, додава премиерот Заев.

Доколку се биде како што треба и операцијата за негорење на плажа е успешна, тој најавува прес-конференција во владата на 13-ти август за да ги соопшти радосните вести и големиот успех кој го постигнале.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.