Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев изјави дека на синоќешната седница на Извршниот одбор на СДСМ било одлучено да не се оди на предвремени парламентарни избори бидејќи се уште не биле вработени сите членови од семејството на пратеничката Мира Стојчевска – „Дизел“.

Не е дека не сакав јас да има избори, кај мене сите се вработени, сеедно ми е, платичка си земаат сите од мојата фамилија и не е проблем или слично, но има многу функционери кои се уште не успеале да ги вработат сите трети братучеди, роднините на комшиите, своите домашни миленичиња или слично, иако се обидоа тоа да го сторат што побргу можат, рече Заев.

Тој додаде дека ако се оди на предвремени избори, можно е СДСМ да ги загуби изборите и сите овие роднини и пријатели на функционерите на СДСМ да останат невработени.

Замислете го тој шок да останат луѓето без државно вработување. Како што кажав, од чистачка до директор ќе вработиме партиски послушници и планирам ова ветување да го исполнам. Затоа ги замоливме сите наши функционери што побргу да ги исповработат своите луѓе, па да размислуваме на избори, сведочи Заев.

Премиерот посочи и за натчовечките напори на пратениците на СДСМ да вработат доволно луѓе за да има избори.

Пратеничката Мира ден и ноќ не спиеше за да ги вработи сите, но не успеа. Заврши работа само за синот, братот, балдзката, поштарот, пријател на поштарот, фризерката, сите први и втори братучеди како и 30% од третите… но има голема фамилија, па и останаа уште 78 луѓе за да се вработат. Не успеа да стигне на време. И не е само таа, многу наши функционери се трудат, максимално се вложуват за доброто на државата, ама нема доволно време. Затоа одлучивме, избори нема да има додека не се вработат сите роднини и пријатели на пратениците и другите функционери, додаде премиерот Заев.

Според Заев, не станува збор дека намерно се кочеле партиските вработувања за да се одлагаат изборите.

Јас сум сведок како најодговорен и транспарентен дека се обидоа сите да ги вработат што побрзо. Ама штом Мира Дизел не успеа, никој нема шанси да успее. Затоа е фер во ова отворено опшесфо за сите кое го отворивме како државна пупка за која сите сакаат да се фатат, да ги одложиме изборите се додека не се вработат сите роднини и пријатели на функционерите на СДСМ, дециден е Заев.

Каков човек би бил јас ако речам ајде на избори и загубиме, па остане некоја чистачка или некој директор да не е од СДСМ? Граѓаните на Македонија не заслужуваат премиер кој не ги исполнува ветувањата. За доброто на народот јас морам тоа да го сторам. Затоа, ќе се трудиме да ги вработиме сите наши симпатизери до редовниот термин за парламентарни избори, за да може државата да оди напред и реформите да продолжат, убеден е претседателот на владата и на СДСМ.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.