Македонскиот премиер Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање попладнево соопшти дека Македонија иако може и има капацитети, не развива своја вселенска програма намерно бидејќи не сака луѓето да се иселуваат од Земјата.

Заев рече дека ваквите потфати им ги препушта на нациите кои допрва треба да се докажуваат.

„Видете, ние дојдовме на власт со најава дека ќе донесеме живот, но не на Марс, туку во нашата земја. Токму затоа сметам дека е крајно неодговорно да ги употребиме капацитетите кои ги имаме за бесполезни работи кои ќе придонесат кон тоа уште повеќе луѓе да заминат од Земјата или слично, туку треба да се фокусираме на важните работи кои ќе ги направат граѓаните посреќни тука, во нашата земја“, рече Заев денес во Јурумлери на пуштањето во употреба на новиот песочен часовник кој го донираше владата на Република Нашата Земја.

Тој потенцираше дека секаде каде што времето застанало повторно ќе тече со помош на изумите на владата и дека ќе ги посети сите места на кои им треба реална помош од власта и истата ќе им биде доделена.

„Еве, наредните денови можам да најавам дека две големи фабрики за производство на топла вода ќе дојдат до Табановце каде ќе водиме жестоки преговори со цел и овој ресурс да им биде на дофат на граѓаните на нашата земја. А веќе следната недела очекувам нашите научници од владата да привршат со работата на уште еден голем изум, голема иновација после која секој граѓанин ќе може бесплатно да ја користи енергијата на воздухот при пумпање гуми. Зборот пумпање можеби ви е чуден, не знаете што значи, но причекајте кога ќе го претставиме изумот и навистина ќе се изненадите или слично“, додаде премиерот Заев.

Заев додаде дека во тек се и владините субвенции во висина од 156 милиони кубни метри сончева светлина, кои, како што рече, ако даде Бог, од понеделник исто така ќе завршат кај оние на кои им се најпотребни, вработените во Македонија пат.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.