Премиерот на владата на Република Македонија Зоран Заев после промената на комплетното партиско раководство изјави дека тој е безгрешен, посебен и незаменлив, за разлика од другите.

„Знаеме што мете метлата… Јас сум доблесен човек кој си признава дека е безгрешен, за разлика од некои кои не признаваа дека грешат па мораше да ги сменам. Имаше и други доблесни кои си поднесоа оставки, нив им признавам, но на останатите им ја покажав вратата“, изјави премиерот.

Според него, тој не е виновен што одбрал неспособни кадри и ја разреши цела партија.

„Знаете како е во фудбалот. Кога ќе има лоша сезона тимот, не си оди тренерот, туку се продаваат сите играчи. Па се купуваат нови по избор на тренерот. Наредната година ако повторно нема резултат повторно тренерот се знае дека не дава оставка, туку повторно ги продава играчите кои ги купил и купува повторно нови. Така е и во политиката“, додаде Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека со овој модел на обновување на кадрите може да владее во Македонија 100 години.

„Системот е одличен, блескав. Генијално се чувствувам. На пример, ако не добиеме датум за преговори со ЕУ, виновен ќе е Никола Димитров па ќе го смениме. Ако не чини воздухот, виновен ќе биде Макрадули и него ќе го смениме. Ако нема резултати во економијата, виновен ќе е Тевдоски, заедно со Анѓушев. И нив ќе ги смениме. Само јас и ДУИ никога нема да сме виновни, јас бидејќи сум безгрешен и специјален, а ДУИ бидејќи се докажано способни кадри во нашето општество кое го градиме“, потенцира премиерот Заев.

На новинарско прашање дали и заменик-претседателката Шекеринска е исто така безгрешна, тој одговори потврдно.

„Жена која 30 години останала во политиката се знае дека е безгрешна и недопирлива. Таа е женскиот Заев“, соопшти премиерот.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.