Владата на Република Македонија на денешната вонредна седница го одложи дочекот на новата година за април или мај следната година поради ветото за преговори со ЕУ и пристигнувањето на вакцината против Ковид-19.

Владата одлучи 2021 година да не почне се додека не се вакцинираат граѓаните против Ковид-19, а имајќи предвид дека вакцините кај нас ќе стигнат во март 2021 (по стариот календар), ние новата година ќе ја прославиме по вакцинацијата, со цел на прославите да може луѓето послободно да се забавуваат, велат од Владата.

Како што знаете, намерно набавивме вакцини 4-6 месеци подоцна од другите, бидејќи веруваме дека „првите кучиња се фрлаат“, односно дека нашите вакцини ќе се поквалитетни бидејќи доаѓаат подоцна, во споредба со оние во Британија, Германија и САД – додаваат нашите извори од Владата.

Според нив во одложувањето на почетокот на новата година учествува и ветото за почеток на преговори со ЕУ бидејќи според ветувањата првата меѓувладина конференција требаше да се одржи до крајот на годината, па со одложувањето на крајот на годината фактички се остава простор ветувањето да биде исполнето.

Постои можност доколку не добиеме согласност за првата меѓувладина седница во април, дочекот на новата година да се одложи за уште некој месец или за уште некоја година, доколку е потребно. Се за интересите на граѓаните – велат од Владата.

Според неофицијални информации, времето во кое ќе одложуваме календарски почеток на новата година ќе се смета како 33-ти ден во месецот, симболично според иницијалите на изумителот на ваквото ново сметање на времето.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.