Со свечено изведување на првото стадо овци на тазе асфалтот денеска беше пуштен во употреба автопатот Миладиновци – Штип.

На отворањето присуствуваше владина делегација предводена од министрите за транспорт и врси Горан Сугарески и земјоделство Љупчо Николовски и други видени и невидени владини функционери.

Пред свечениот говор на министрите, беше изведен перформанс „Урбано стадо“. Овците продефилираа на тазе асфалтот, па со громогласно мекање се упатија на пасиштето од спротива.

Уметницата Соња Ме на присутните функционери им се заблагодари што на едно стадо овци му овозможиле побрз и побезбеден пристап до пасишетето спроти селото.

Најавивте отворање, но натпатникот кај Свети Николе има недостатоци. Како тргнало, така и ќе остане. Ги поздравувам заложбите на владата автопатот да не се пушти во употреба, со што нам ни се обезбедува безбеден пристап до извори на храна. Уведени сме дека министерот Сугарески нема да дозволи да биде доведена во прашање безбедноста на овците. Досега сме немале разбирачка со владата, но оваа влада ни излезе во пресрет и за две години не реализира ни метар од најавените 500 километри патна мрежа, со што ни овозможи слободен проток како нам, на овците, така и на козите, но и магарињата. Колегите кози и магариња нотраат пораст на сообраќајот со магариња во некои непристапни предели – рече Соња Ме.

Сугарески во говорот се задржа на суетата на вмровците.

Грешките што ги наследивме ги коригиравме, сите проблеми ги надминавме и на крај имаме квалитетен автопат што ги задоволува сите меѓународни стандарди. Пречката што никако не можеме да ја надминеме е што автопатот го изгради претходната влада и ако сега ние дозволиме по него да возат коли, тие ќе си перчат и ќе речат, ете се китат со туѓи перја. Ние како влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ да не им го дозволиме тоа задовоство. Освен натпатникот кај Свети Николе, безбедносни проверки, изборни циклуси, ќе го искосритиме и меѓународниот фактор, временските неприлики и сеирот со чочекот, и нема да дозволиме кола да им го пресече патот на овците. Е сега, да поминат избориве, да помине летото, да помине мандатов, па планираме да асфалтираме еден километар од петстоте ветени, ама меѓу Миладиновци и Штип за инает на вмровците, ќе пасат овците, рече Сугарески.

 

 

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.