Здраво Рашо,

Ти пишувам да прашам како си, како патуваше, се смести ли добро? Какви се собите, има убав поглед? Чисти пешкири и мини бар, хехе? Долго ли чекаше за претовар и дали си зеде ужинка за по пат, да не те мислиме?
Брат, Мексико е преубаво место, топ туристичка дестинација и си направил навистина одличен избор да одмориш од деноноќното програмирање софтвери. Па и ти си човек мајкуму, очите ти испаднаа на она компјутерине.
Уживај таму, има навистина што да видиш само не фрлај пари по Маријачи и Го Го баровите, ти си фамилијарен човек и не ти личи да правиш глупости, посвети се на знаменитостите и на богатата култура на Ацтеките и Маите. Имаат и одлична храна, но ти не претерувај со кечадиља и такоси и никако, ама никако немој да мешаш чоколадо и лути зачини оти пролив ќе те стегне ќе те искине, бербат ќе се направиш сред плажа.
Внимавај и на сонцето во Канкун, гледам на прогноза ќе има силно сонце, да не се зафркнеш како јас еднаш кога бев на одмор, ама во Претор, па да си го уништиш одморот и да си дојдеш со меури назад.

Ние тука добри сме, се мачиме, скенираме фискални, гледаме пресови на Филипче, миеме раце, чекаме целосен локдаун и да се смилува Зоки да фрли некој ваучер на рајата па да изнакупиме ловечки паштети и макарони 2+2 гратис со дрвена мешалка од Стокомак и така… Ама арно е, викај ,,Ура”, да не се жалиме оти може и полошо да биде.
И донеси некое магнетче за на фрижидер, потроши некој песос хехе хе… Хе.

Пиши кога ќе можеш.
Убав помин, ти праќаме поздрави од нашата земја.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.