Секретарот во владата Драги Рашковски ја информира јавноста дека џипот кој го вози од 74 илјади евра за кој се дигна голема прашина деновиве му се паднал во киндер-јајце.

Според Рашковски, киндер-јајцето било купено за неговите деца, но тој во моменти на паднат шеќер случајно го отворил и имал невидена среќа.

„Беше доста напнато деновите… моите деца беа зафатени со инвестицијата во Побожје, не го ни погледнаа киндер-јајцето организирајќи ја изградбата на хациендата, па така јајцето остана во нивната детска соба. Една вечер, изгледа ми падна шеќерот, а дома немаше ништо благо, па се сетив на киндер-јајцето и тргнав да го изедам. Откако се облажив, го отворив пластичното жолто кутивче со изненадување и што да видам, џип волво од 74.000 евра“, вели Рашковски.

На почетокот имало мали несогласувања со неговите деца кој да го вози џипот, но бидеќи тие имаат 2 и 4 години, попуштиле пред инсистирањето на нивниот татко и му дозволиле да го вози џипот, иако технички тој им припаѓа нив.

„Среќата беше моја, нема што да се бунат“, вели Рашковски за своите деца. „Впрочем, ако мислат дека има нешто нелегално во постапката, може да ме тужат слободно. Кај инвестираат во хациенда од 800м2 и не им барам ништо ниту им се мешам, уште сакаат и џипот да ми го земат. Е, нема да може. Впрочем, нека си купат, вакви џипови се баш ефтини, поефтини никогаш не биле, се наоѓаат за само 72-73 илјади евра“, вели Рашковски.

Неговите деца не беа достапни за изјава, само ни одговорија на пораките дека поучени од Мексико, ќе изградат огромен ѕид околу хациендата на која се инвеститори доколку нивниот татко продолжи да се однесува вака.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.