Премиерите на Република Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се номинирани за Оскар и меѓу главните фаворити за освојување на златната статуетка на доделувањето во САД кое ќе се одржи наскоро.

Заев и Ципрас се номинирани за Најдобра главна и споредна машка улога, но не се знае кој ќе ја има номинацијата за главна, а кој за споредна улога, велат извори од владата на Република Македонија кои ја соопштија радосната вест.

Според непотврдените информации, покрај во овие категории, Заев и Ципрас ќе бидат кандидати за Оскар и во категориите Најдобра глума на режија (нова категорија во која актери глумат дека се режисери), Најдобра шминка и Најдобри специјални ефекти – Заев за насмевките кои ги праќа пред камери, а Ципрас за протестите во Грција на луѓето кои наводно се противеа на употребата на зборот Македонија во нашето уставно име.

Холивуд Депортер пишува дека Заев и Ципрас се меѓу главните фаворити да ги освојат Оскарите не само во категориите во кои се номинирани, туку и во оние во кои не се номинирани, освен наградата за Најдобар филм која му припаѓа секогаш на продуцентот на филмот, а не на учесниците во него.

После Оскарите и номинацијата за нобелова награда за мир, Заев и Ципрас најавија дека ќе настапат во дует и на Евровизија каде исто така се очекува да атакуваат на првото место.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.