Кандидатот на СДСМ за претседател Стево Пендаровски обвини неименувана тајна служба блиска до опозицијата за замена на неговото Југо со Мерцедес.

Според Пендаровски тоа се случило во тек на возење.

„Се работи за тајна сужба блиска до опозицијата која со денови ме следи, а доказ за тоа е што ми ја замени колата додека ја возев, толку се софистицирани и злобни“, изјави Пендаровски на вонредна прес-конференција.

Според неговите зборови се се случило молскавично.

„Како и секое утро влегов во своето Југо Флорида, кое јавноста знае дека го имам и тргнав да видам како живее народот, за да знам што го мачи и кои му се проблемите, но и народот да види како живеам јас, тоа треба еден претседател да го први. Поминав со Југото покрај зелено пазарче, па завртев еден круг кај Буњаковец, отидов и до пластичарска во консензус самиот со себе и на крај дојдов на Бихаќка да видам како живее народот и во СДСМ“, сведочеше потресено Пендаровски.

„Кога стигнав, излегов од колата и сакав да ја заклучам, бидејќи не се остава кола отклучена на такво место, макар и Југо. И што да видам… ШОК! Наместо моето Југо, гледам Мерцедес С класа. Замислете, во текот на возењето тајната служба која ме следи ми ја заменила колата! Се преплашив и влегов брзо во штабот за да се смирам“, продолжува Пендаровски.

Таму наишол на пријатели кои му искажале поддршка.

„Го сретнав ген-секот Кирацоски кој ми вети дека ќе го реши веднаш случајот, му се јави веднаш на Оливер кој не можеше да дојде бидејќи пробувал чизми, но вети дека МВР ќе истражи и ќе излезе со информации. Ми се јави лично и премиерот кој ми вети дека се ќе се среди, да не се грижам, и дека ќе го продаде новиот Мерцедес кој ми го подметнаа, па ќе купи 10 Југа за и да ми сменат повторно некое во иднина, да си имам 9 резервни во кои ќе може да се возам“, вели кандидатот Пендаровски.

„Силно го осудувам ова нечовечко однесување на тајната служба блиска до опозицијата која не само што ме следи, туку и ми прави вакви работи. Повторно го повикувам МВР да го расветли овој случај и да ми го најде Југото кое го имам според анкетен лист како единствено мое возило. Тоа Југо е мој живот. Јас сум во тој смисол голем Југо-носталгичар и не сакам тоа да го кријам… нека знае јавноста. Ми фали Југцето…“, растреперено и со црвенило во очите додаде Пендаровски, после што беше допрен за рамо од Костадин Костадинов кој го наметна со ќебе и го внесе во штабот на Бихаќка, за да се смири.

„Истрагата е во тек“, дофрли портпаролот на СДСМ додека влегуваа во штабот. „Но, гледате дека никој не е безбеден! И за се е виновна опозицијата. Да се засрамат, срам да им е за ова што го прават Мицковски, Груевски, Љубчо и Владимир Голубовски“, рече Костадинов и со прекор во погледот гледаше кон камерите 4 до 5 секунди, после што влезе внатре со вознемирениот консензуален кандидат.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.