СДСМ соопшти дека излегува од Владата поради низата несогласувања со коалициониот партнер ДУИ, кои кулминираа синоќа на седницата на која не му беше одземен пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер, Трајко Вељановски.

Синоќа откако имаше неуспешен обид да се изгласа одземање на имунитетот на Вељаноски, после гласањето 4-4 во комисијата за мандатно-имунитетски прашања, жестоко реагираа пратениците и генералниот секретар на СДСМ. Токму затоа СДСМ презеде итни чекори и на вонредната прес конференција која ја одржа лидерот на СДСМ, Зоран Заев беше соопштено дека тој и сите владини функционери заминуваат од владата бидејќи се разочарани од третманот кој го добиваат од своите коалициони партнери ДУИ.

Ги читав утрово статусите на Павле, на Мухи, на Кирац… И соопштувам дека во мене како да се скрши нешто. Можеби сликата од Талат која ми беше урамена до срцето падна при овој голем потрес и се скрши, изјави премиерот со растреперен глас.

Гледам дека и тие се со скршени срца до толку што не се сетиле ни самите да дадат оставки или да побараат оставка од Талат поради неговите постапки, па затоа решив јас како лидер да преземам чекор и да поведам како најхрабар. Затоа соопштувам дека излегуваме од Владата на Република Македонија и ги оставаме ДУИ да работат сами внатре во зградата, соопшти Заев.

Овој чекор не е лесен, но е морален и задолжителен, додаде премиерот.

Со ова сакаме да пратиме порака дека нема да учествуваме во спречувањето на правдата која мора да важи за сите подеднакво, освен за членовите на Владината коалиција кои беа поштедени во бомбите бидејќи се поеднакви од другите еднакви граѓани, убеден е премиерот.

Не е во ред опозицијата да не биде гонета и да не оди во притвори и затвори затоа што не можел Талат да прекрши деловник и да одземе имунитет бидејќи комисијата ја пос*ала работата“, луто забележа Заев. Ете, Пајо се занесол, бил гладен и побрзал да се гласа во комисијата, па 4-4 бил резултатот. И што? Затоа ќе го оставиме Вељаноски на слобода? Срамота!, рече премиерот.

Тој потсети дека законите, пишаните и непишаните се јасни.

Седници на Апелација за правосилност на пресуда може да има за Груевски, за Гордана… не може да има за Зоран Заев. И тоа е јасно и го обелоденивме при отворањето на судството како пупка. Го најавивме уште во бомбите, кога не ги ставивме бомбите за ДУИ и за нас од СДСМ. Непишано правило си беше тоа. И сега Талат го прекршува правилото. Тоа не е другарски и ферски, па со тие луѓе не може да работиме во ист објект. Затоа ја напуштаме владата која од денес е повторно ружна, соопшти Заев.

Неофицијално, по напуштањето на Владата СДСМ ќе се упати во повеќе правци – дел од министрите ќе работат од ЕЛЕМ во кругот на семејството, дел од пратениците наместо во пратеничките клупи ќе престојуваат во мензата, а дел ќе работат од дома.

Некои пратеници ќе започнат стар-ап бизнис работејќи од дома како пратеници. Единствено не се согласува колешката Мира Дизел која е можно да продолжи да оди во Собрание, но ќе се приклучи на групата од мензата, чиј координатор е пратеникот Павле. Ќе видиме, сите опции се отворени, заврши премиерот.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.