„Јадев, често и на сила, само и само да ги помогнам струшките угостители.“ – се правда струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, по информациите дека за време на пандемија потрошил 27 илјади евра буџетски пари по кафани и ресторани.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека граѓаните на Струга се жртви на неговото расипништво и луксуз и одговори дека ако некој е жртва, тоа е тој, затоа што неговата посветеност и желба да помогне му донела висок холестерол, шеќер, запушени крвни садови и покачен притисок, но и покрај тоа спремен и понатаму да се жртвува за доброто на стружани.

Вчера Алсат објави дека Рамиз Мерко од општинскиот буџет на Струга потрошил 27.500 евра во 2020 година за репрезентации, односно за јадење по ресторани.

Во изминатите три години, односно за 2018, 2019 и 2020 таа сума изнесува скоро 78 илјади евра. Парите се трошени од програмата „Градоначалник – за расходи и репрезентација“, пренесе Алсат.

За овие трошења реагираа од опозицијата.

„Минатата година во услови кога имавме вонредна состојба, кога угостителските објекти работеа со рестрикции, се потрошени 27000 евра. На тој начин се злоупотребени парите на граѓаните… На последната седница градоначалникот не го негираше фактот дека тие пари се потрошени за репрезентација“, рече Ален Деребан, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Рајмонда Мамуди, советник Алијанса на Албанците пак посочи:

„Каде и кога јадевте ручеци и вечери кога знаеме дека од 11 март сме во изолација? Долго време рестораните беа затворени, кога повеќе од 4 лица сè уште не можат да се соберат и да јадат во ресторан? Каде потрошивте 27.500 евра за репрезентација?“

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.