Англиската кралска двојка принцот Хари и Меган Маркл своето прво дете кое се роди на шести мај ќе го крстат Зоран, после што ќе го преименуваат во Стево, соопштија синоќа анонимни извори од СДСМ.

Синот на Меган и Хари ќе го добие своето конечно име во чест на новоизбраниот врховен командант и претседател на Република Македонија Стево Пендаровски, неговите заложби за обединување на народот, високи плати, сјај, блесоци, шарм, харизма и способност за силно обожување на ликот и делото на премиерот Заев.

„Новороденчето во кралската фамилија ќе го именуваме во духот на случувањата во Македонија, земја на која и се восхитува целиот свет последниве години како успеа да си го смени името, но да не смени ништо друго.“, потенцираат изворите од СДСМ.

Според портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов последните месеци од бременоста принцезата Меган ги поминала следејќи ги редовно случувањата во Македонија, а откако бил избран Пендаровски и олеснило па решила и да се породи.

Генералниот секретар Кирацовски додава дека како поклон на малиот принц ќе му пратат членска книшка на СДСМ да му се најде подоцна во животот за вработување, а на среќните родители ќе им биде испратена преведена програма на СДСМ со цел да им помогне во креирање на поголем стандард во Британското кралство.

Од СДСМ потврдуваат дека првото име кое ќе му биде дадено на принцот е Зоран, после што ќе му биде променето во Стево.

„Нема да е проблем, бидејќи имињата се 102,5% исти. А и да не се, не се губи идентитетот, мислам тој си е човекот, што има везе“, се приклучи во објаснувањето и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Премиерот Заев на малиот принц ќе му испрати рачно напишана латинична азбука лично од него, на папирус, за што побргу да го научи англискиот јазик како што го знае тој, додека пак Пендаровски својот истоименик од кралското семејство ќе го почести со потпишан плакат со неговиот лик и слоганот Заедно Напред во А2 формат, врамен со абажур.

„Ете, ќе може да го гледа мојот лик кога и да му е тешко и да му е мачно, за да се потсети дека се е можно, хехе“, напиша на твитер Пендаровски.

Братот на премиерот како подарок до малиот Стево испратил два златници со неговиот лик (без очила за сонце) и брошура за менувачница Пе-Он од Струмица каде кралското семејство би добило одлични услови за тргување со девизи.

Било планирано и одржување на свечена прослава со мекици, меѓутоа откако на истата прв пристигнал пратеникот Павле Богоевски, истата за 10-тина минути била откажана од непознати причини.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.