Гигантите Гугл и Фејсбук планираат да ја купат Република Македонија, соопштуваат извори од владата за „Двоглед“.

На ваков чекор технолошките гиганти се одлучиле затоа што во последниот период многу паднала цената на нашата држава, па решиле да инвестираат во сопствена држава пред се и над се поради огромниот број на генијалци кои живеат во неа.

Не е дека нешто посебно ни треба Македонија, убава земја е, но и Карибите не се лоши. Сепак, на карибите нема толку многу генијалци кои разбираат се за 5Г мрежата, знаат како се чипираат луѓе, знаат дека земјата е рамна, ги знаат сите светски заговори… а сепак, немаат проблем да бидат продадени на некој друг, велат од компаниите.

Тие сметаат дека во Македонија мора да се кријат и огромни резерви на нафта или некое друго гориво.

Имаме причина да се сомневаме дека Македонија крие светски невидени количини на нафта под своето тло. Поинаку не може да се објасни дека толку многу луѓе ја пијат секој ден. Со еден збор, купувањето на Македонија ќе биде одлична инвестиција, велат од Гугл и Фејсбук.

За земјава прв пат дознале кога Зоран Заев најавил дека ќе инвестираат во Македонија.

На почетокот мислевме дека станува збор за некој стенд-ап комичар, но потоа видовме дека е избран за премиер на вашата земја, и на шала, на смеа… започнавме да се интересираме се повеќе и повеќе, додаваат технолошките гиганти.

Засега Гугл и Фејсбук планираат да ја купат само територијата на земјата, а подоцна ќе размислат и за историјата, името, знамето и другите национални интереси.

Видете, се мислевме дали би било добро да ја купиме и историјата, но штотуку ја продадовте нна Бугарите, па со нив не ни се преговара во моментов бидејќи многу се ценат. А во однос на името, ќе чекаме Грција да западне повторно во криза за некоја година, па ќе го откупиме назад. Македонија е далеку поубаво име од она со географскa одредница, соопштуваат во заедничкото соопштение Гугл и Фејсбук.

Засега, велат, по купувањето не планираат да ја поделат земјата меѓу себе, но во иднина ништо не е исклучено како опција.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.