Министерот за здравство Венко Филипче и денес не ги штедеше своите пофални зборови за старо-новиот претседател на СДСМ Зоран Заев, кого вчера го нарече „промената во општеството која генерации ја чекаа за да ги исполнат соништата на своите деца“.

Денес Филипче ја дообјасни својата изјава, потврдувајќи дека токму во еден таков детски сон пред многу години ја одбрал и својата животна патека.

Кога бев дете, сонував многу. И во еден таков сон, сонувајќи ја иднината, ми се појави еден човек. Најпаметен, најубав, најспремен, едноставно речено нај-нај, лидер-лидер. Гледајќи го така во сонот, тој одеднаш ме погледна и ми се обрати: „Венко, јас нема да го променам името на Република Македонија“. Веднаш потоа направи еден круг околу себе, една пируета ако може така да кажам, па ги отвори очите за подобро да го видам, ја стави раката на срце и повторно ми се обрати со зборовите: „Венко, јас никогаш не реков дека нема да го променам името“. Го гледав и му се восхитував. Се топев од воодушевување. Едноставно, се гледаше дека има мозок кој ќе плени генерации. Тогаш, во истиот тој момент одлучив да станам неврохирург, објаснува Филипче.

Според министерот Филипче, резултатите на работата на Заев се евидентни, прекрасни и треба сите да се пресреќни што го имаме меѓу нас, да не’ води.

Имаме 3 милијарди странски инвестиции, инвеститорите буквално се тепаат кој прв да вложи во нашата земја. Невработеноста се намалува, среќата расте. Нема корупција, има вакцини. Тоа е сонот на секое дете, генерации чекаа да се роди Заев и конечно се роди. Тој е нашиот Инди Раганди, одбран од Бога да не пренесе жедни преку река што е одлика на еден голем, грандиозен лидер, додаде Филипче.

Тој воедно најави дека од денес ќе започне постапка на промена на сопственото име во Венко Лиде, по примерот на неговиот најголем фан Лиде Лиде, како доказ за неговата посветеност и нескриена симпатија кон ЛИДЕрот на СДСМ, државата и демократијата во светот, Зоран Заев.

По тој повод и очигледно под наплив на емоции, Филипче одлучи да сподели уште една тајна за него и за Зоран Заев.

Сега ќе ви кажам нешто што никому не сум го кажал… Зоран Заев лично е човекот кој ме научи да оперирам мозоци без да ги отворам хируршки. Пред некој ден се појави и видео-снимка на која се гледа оваа моја нова вештија“, вели Филипче.

„Со неговото знаење и иновации и јас станав подобар доктор, што денес може да го увидат сите граѓани на нашата земја, кои се недвосмислено пресреќни од мојата, нашата заедничка работа, додаде тој.

Министерот најави дека Македонија ќе започне да произведува сопствена вакцина која ќе ја нарече „Муртин З“, во чест на сонот на генерациите Зоран Заев.

Оваа вакцина ќе се доделува во две дози, при што едната доза граѓаните ќе треба да ја депонираат во општинската организација на СДСМ, како потврда за нивната демократичност. Вакцината ќе се состои во гледање на говорите на Заев во кои кажува дека имаме вакцини, после што секој граѓанин ќе се чувствува подобро и речиси излечен од ковид-19 без да биде убоден со некакви игли и други оштри и опасни предмети, воодушевено појасни Филипче.

Филипче испрати порака до сите родители да ги воспитуваат своите деца по теркот на Заев.

Им порачувам на сите родители своите деца да ги воспитуваат да бидат како Зоран Заев. Само така, кога нема да се двоумат денес да кажат едно, утре друго, задутре трето, а потоа и нешто четврто, само така ќе успеат во животот. Тоа е сонот на генерациите, тоа е иднината која ја сакаме за нашите деца – човек кој не се срами да каже нешто сосема поразлично од она што го кажал вчера или завчера. И да не заборавиме, Заев е човек кој секогаш ќе застане во одбрана на заедничките интереси меѓу него и неговите соработници, без оглед на интересот на граѓаните, додаде тој.

Тој упати и апел кон колешката Мила Царовска во новата програма за образованието да вметне и предмет „Животот и делото на Зоран Заев“ во кој ќе се анализира што и како зборувал сонот на генерациите Заев.

Со цел младите луѓе во Македонија да можат да се воодушевуваат како и јас и да сонуваат блескава иднина пред се и над се, односно одозгора на тога – благодарение на лидерот Заев, го заврши своето обраќање со солзи во очите министерот Филипче.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.