Министерот за здравство Венко Филипче најави дека пратка со 200.000 плочи со песната „Вакцина“ на дуетот Драган Спасов – Дац и Александар Митевски се очекуваат во Македонија до 17 мај. Тој подвлече дека доколку не дојдат до тој датум, сигурно ќе дојдат подоцна.

Набавивме 200.000 плочи од песната на Дац и Митевски преку посредници од Хонг Конг и ги очекуваме наскоро во нашата земја, после што ќе пристапиме со пуштање на песната на граѓаните според изготвен план согласно приоритетните старосни и ризични групи, изјави Филипче.

Првично песната ќе имаат прилика да ја слушаат групи граѓани меѓу 30 и 40 години во совршена здравствена кондиција, после кои ќе следат следните групи: тинејџери, панкери, деца кои тренираат карате, луѓе кои садат малини, луѓе кои пишуваат со лева рака, луѓе кои имаат зелено-плави очи и луѓе кои во името ја имаат буквата Љ.

После овие приоритетни групи ќе продолжиме со пуштање на песната на луѓе кои мислат дека велешка пита е подобра од штипска пастрмјалија, па по нив следат луѓе кои имаат вујна, па групата која ги опфаќа луѓето кои се возеле во „опел“ барем два пати во животот, и така натака… планот е прецизен и ќе ги опфати сите граѓани, додаде министерот.

Тој очекува по слушањето на оваа песна граѓаните да се многу посреќни затоа што сме последни со вакцинирање во регионот.

Можеби немаме вакцини, но тоа не смее да ни го скрши духот. 30-тината погреби секој ден не се причина ние кои сме живи да не се провеселиме, потенцира тој.

Песната „Вакцина“ на Дац и Митевски говори за човек кој сака да боцне извесна Ангелина со љубовна вакцина, а се чека на изборот на нов премиер во Бугарија за истата да ја слушне случајно додека се вози во автомобил, после што властите во Бугарија ќе ни ги испратат и очекуваните 5.000 дози од вакцините кои ги ветија пред Нова година.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.