Радост, бериќет, среќа и големо расположение – ова е сликата секоја година кај лицето В.З. од семејството на премиерот кое има таква среќа секоја година да добива по една паричка од двете во бадниковата погача. В.З. е на некој начин вистински феномен кој веќе долги години е како благословен и има комплетна доминација над бадниковото лепче.

Нему во периодот од 2003 до 2009 му се паѓала паричката 7 пати по ред, па токму поради тоа во семејството било одлучено да се ставаат по две парички во бадниковото лепче – една која сигурно ќе падне кај среќлијата В.З. и една за останатите членови на семејството.

Оваа традиција ги усреќува уште повеќе, велат Заеви. Зоран, кој за себе вели дека е обичен човек со обични маникири или слично, е горд на својот брат В.З. и неговата среќа. „Не знаете колку сме среќни што тој има таква среќа се нему да му се паѓа паричка. Додуша он секогаш ја дели погачата, така од мал сакаше он да дели и да си земе парче, ама секогаш имал касмет паричка да си најде во делот кој ќе го земе од погачата“, вели Зоран.

Тој додава дека В.З. уживал да зема делови и од колач, минимум две парчиња од секоја пица, како и барем еден лиж од медот кога некој ќе сакал „да апне една лажичка за здравје“, вели Зоран. „Но, ние не му се лутиме, напротив, тој ни е среќа. Откако се зафана со земање делови и добивање парички, на сите некако ни е поубаво, малеее…“, вели среќно и весело Зоран, не можејќи да ја сопре раката која се намести чиниш инстинктивно врз неговото срце додека зборуваше за среќата на неговиот брат. Поради оваа своја среќа, В.З. е познат во цела Струмица и 3/4 од Македонија.

Вработените во општина Струмица редовно му даваат паричка за да не ги бие малер, а паричка добива и од сите кои купуваат државно земјиште или го земаат под наем, склучуваат договор за тендер или пак планираат отворање на некој индустриски капацитет. Сите овие луѓе кои отвораат било каков бизнис даваат паричка кај В.З. затоа што сакаат да бидат благословени и да имаат среќа како него, за да им оди бизнисот со алал. „Тој е светско чудо. На пример ако не можеш да добиеш некоја лиценца или тендер, значи дека немаш среќа. Но ако му дадеш паричка на В.З. веднаш ти се менува среќата.

Не можам да ви објаснам колку сум воодушевен“, радосно раскажува еден бизнисмен со медицински препарати. Останува да видиме кај кого ќе се падне втората паричка во домот на Заеви вечерва, но едно е сигурно: додека едната паричка редовно доаѓа кај В.З. ова семејство ќе го следи голема среќа.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.