Анимал Бунди испрати реакција во името на македонските кучиња во која се напаѓа споредбата на претседателот на комисијата за заразни болести, епидемиологот Караџоски, во која тој вели дека бил „цврст како куче“.

Караџовски ова го изјави на денешната прес-конференција осврнувајќи се на своето искуство како епидемиолог, потенцирајќи меѓу редови дека ќе им го види крајот и на Филипче и на директорот на Институтот за јавно здравје.

Министерот Филипче ми е 13-ти министер, директорот на Институтот за јавно здравје ми е деветти директор и ќе издржам затоа што сум цврст како куче – рече на прес-конференцијата Караџовски.

На оваа изјава реагираа од Анимал Бунди во името на кучињата од Република Македонија, кои според нивното соопштение за јавност, биле навредени од споредбата со „арогантното човечко суштество Жарко Караџовски“.

Во соопштението се наведува дека кучињата жестоко реагирале со лаење и со протестно вршење на вонредна нужда по изјавата на претседателот на комисијата за заразни болести.

Кучињата од Република Македонија потенцираат дека ниту едно од нив, без оглед дали живее на улица или во најлуксузни услови, не поседува толкаво ниво на незнаење кое има обид да се покрие со ароганција, безобразен однос и толкав анимозитет кон луѓе како епидемиологот Караџовски, стои во соопштението.

Таму се додава:

„Кучињата се верни суштества, лојални, добри, внимаваат на луѓето особено на оние кои се беспомошни или послаби од другите, не затвораат други кучиња во карантин односно затвор. Тоа го прават човечки суштества како Караџовски. Ние не сме исти и никогаш нема да бидеме, нагласуваат кучињата“.

Дел од нив реагирале исклучително бурно со вонредна нужда упатувајќи порака до Караџовски: „Нека дојде да види како што е цврст“, велат од Анимал Бунди.

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.