вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 86 ново

Ќе го плаќаат ли граѓаните јавувањето на 194?

Ќе го плаќаат ли граѓаните јавувањето на 194? Дали и колку пари ќе побара екипата при посета или транспорт на болен? Ќе има ли редуцирање на повиците и за колку време ќе стигнува амбулантното возило? Сите овие прашања и дилеми излегоа во јавноста по најавите за приватизирање на Брзата Помош. Министерството за здравство веќе објави оглас за физибилити студија, која требало да им покаже дали приватниот сектор може да стопанисува со оваа дејност.

-Можно ли е јавно приватно партнерство во Брзата Помош која во моментот кубури и со кадар и со возила. Иако надлежните го најавија ова, сепак незнаат дали овој модел може да функционира во највиталниот дел од здравствениот систем.

Граѓани на социјалните мрежи коментираат дека Брзата Помош не е пазар и најавите за приватно партнерство се на штета на пациентите. Здравствени експерти, пак, бараат факти а не тендери и сметаат дека овој сегмент не треба да биде приватизиран. Министерот за здравство го очекува резултатот од физибилити студијата па ќе процени дали Брза Помош ќе оди на јавно приватно партнерство.

-Сакаме да видиме што ќе произлезе од ова, дали е можно за истите пари па дури и за помалку да добиеме ефикасно функционирање на Брза Помош. Секако, после тоа ќе има јавна дебата каде ќе бидат запознаени сите со можностите за ЈПП, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче вели дека вакви модели на јавно приватно партнерство во Брза Помош има во Италија и Велика Британија. Но дали тоа може да функционира и кај нас и како приватниот партнер ќе остварува профит кога оваа служба само за бензин месечно троши по 3 милиони денари, засега без одговор. Без коментар е и директорот на Здравствен дом Скопје пој чија надлежност е службата. Ќе ги чекал резултатите од студијата.

сител.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top