вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 54 ново

Вооружен напад во Калифорнија: Најмалку 13 убиени во кантри бар

Најмалку 13 луѓе се убиени во нападот во кантри барот „Бордерлајн“ во Таузенд Оукс, соопштија локалните власти истакнувајќи дека меѓу загинатите е и напаѓачот.

Локалниот шериф Џеф Дин изјави дека во инцидентот се повредени десетици луѓе.

Меѓу загинатите е и заменик – шерифот Рон Хелус кој прв пристигнал во барот, откако била повикана полиција. Кога тој пристинал на лице место, се уште се пукало. Хелус им подлегнал на повредите во болница.

Дин изјави дека идентитетот на напаѓачот се уште не е познат и оти осомничениот веќе бил мртов кога полицијата пристигнала на местото на нападот.

– Се уште е рано да знаеме дали самиот си го одзел животот, истакна Дин.

Полицијата, на која и помага и ФБИ, се уште ги истражува тврдењата дека е фрлена и димна бомба, но засега нема докази кои можат да го потврдат тоа.

– Го повикавме нашиот експертски тим за бомби и неколку кучиња трагачи по бомби кои ја проверуваат областа. Но, досега не најдовме ниту една друга експлозивна напарава, ниту докази дека била фрлена димна бомба, соопшти Дин.

Во кантри барот „Бордерлајн“ во моментот на нападот имало стотина луѓе, а пукањето траело и кога дошла полицијата.

На сајтот на барот за среда вечер е најавена студентска вечер и часови по кантри танц.

За сега е познато дека непознат маж синоќа во бар во местото Таузенд Оукс, на околу 60 километри западно од Лос Анџелес и со околу 130.000 жители, прво испукал неколку куршуми, потоа наводно фрлил димни бомби, па продолжил да пука.

„Лос Анџелес Тајмс“, повикувајќи се на локалната полиција, јави дека се испукани најмалку 30 куршуми.

Сведоци изјавиле дека во барот повеќето биле студенти, дека ситуацијата била хаотична и оти луѓето почнале да скокаат од прозори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top